Економија
Азиските берзи затворени со пад од 4,4 отсто поради стравот од еврозоната
Берзите од Азиско-Пацифичкиот регион го завршија тргувањето во понеделникот со значителни минуси, а клучниот индекс на берзата во Хонгконг, Hang Seng потона до 4,4 отсто
Берзите од Азиско-Пацифичкиот регион го завршија тргувањето во понеделникот со значителни минуси, а клучниот индекс на берзата во Хонгконг, Hang Seng потона до 4,4 отсто поради загриженоста на инвеститорите во врска со неуспехот на европските власти во решавањето на должничката криза, покажуваат податоците од берзите.До крајот на тргувањето во понеделникот, Hang Seng падна точно за 4,38 отсто на 16.822, 15 поени. Јапонскиот индекс Nikkei 225 се намали за 1,78 проценти на 8.545,48 поени, а поширокиот јапонски TOPIX индекс падна за 1,85 отсто на 747,11 поени. Австралискиот S&P/ASX 200 потона за 2,78 отсто до 3.897,00 поени.Берзите во Сеул и во Шангај во понеделникот беа затворени.Причината за загриженоста на инвеститорите се појави кон крајот на тргувањето во Азија, по информацијата дека Грција не ги заврши преговорите со „тројката“ од меѓународните кредитори составена од претставници на Европската комисија, Европската централна банка и на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) со што требаше да ја обезбеди следната транша од кредитот за финансиска помош. Претходно во понеделникот, заменик-министерот за финансии на Грција. Пантелис Иконому, за атинската телевизија Mega изјави дека преговорите се завршени, и „излезот е најден во онаа мера, до којашто доверителите можеле да се убедат во постоењето на длабока рецесија во земјата“.Грција во неделата вети дека ќе ги намали платите и пензиите и ќе отпушти 30 илјади државни службеници, во обид да ги убеди доверителите дека ќе ги спроведе сите неопходни мерки за намалување на буџетскиот дефицит. Меѓутоа, признавањето на Атина дека нема да може да го исполни предвиденото ниво на буџетскиот дефицит за 2012 и за 2013 година им покажа на инвеститорите дека Грција сé уште не може да го планира буџетот во рамките кои се услов за добивање на финансиската поддршка, со што банкротот на земјата станува сé поизгледен.Новата транша од финансиската помош за Грција во висина од 110 милијарди евра, која се очекуваше следните седмици ,беше потребна за исплата на странскиот долг, како и за исплата на платите и пензиите.Во понеделникот попладне, во фокусот на инвеститорите, исто така, остана состанокот на министрите за финансии од земјите од еврозоната (Еврогупата) и министрите за економија и финансии од земјите од Европската унија (Екофин), кои повторно ќе дискутираат за должничкиот проблем на Грција и неговото влијание врз економијата на Европа. Аналитичарите сметаат дека властите на Европската унија уште еднаш последен пат ќе се обидат да го одложат можниот банкрот на Грција непреземајќи конкретни одлуки за решавање на должничката криза во европска валутна зона.„Закажаниот за денес состанок на министрите за финансии само одново го одложува неизбежното“, го коментираше расположението на пазарите аналитичарот на „CMC Markets“, Мајкл Хјусон.Hang Seng (Hang Seng Index, HIS) индексот е главниот индекс на берзата во Хонгконг, која е чувствителна на малите флуктуации на економијата во матичната Кина. Тој се пресметува како пондерирана просечна вредност по капитализацијата на цените на акциите на 34 најголемите акционерски компании во Хонгконг.Nikkei 225 (Nikkei 225 Stock Average) индексот е основниот индекс на Токиската берза, чијашто вредност се востановува како едноставен аритметички просек на цените на акциите на 225 најактивно тргувани компании на првиот пазар. TOPIX индексот, поширок во однос на индексот Nikkei 225, е индикаторот на Токиската фондова берза. Тој се пресметува како пондерирана просечна пазарна капитализација на вредноста на акциите на компаниите. Се тргува на првиот пазар од оваа берза. S&P/ASX 200 индексот е базичниот берзански индекс на Сиднејската берза, кој се пресметува од 200-те најмногу тргувани акции на компаниите/крај/рн/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.
Економија
Мој ДДВ не се укинува – налозите за исплата во февруари се подготвуваат, извести УЈП
Управата за јавни приходи ги демантира написите во дел од медиумите дека се укинува мерката „МојДДВ“.
„Јасно и недвосмислено истакнуваме дека не постои одлука за укинување на „МојДДВ“ – мерката се спроведува континуирано, а сите граѓани можат да ја користат апликацијата и да ги остваруваат своите права согласно законските одредби. За спроведување на мерката „МојДДВ“ се предвидени средства во Буџетот за 2026 година, со што се обезбедува нејзино непречено и континуирано спроведување“, велат од УЈП.
Во текот на 2025 година за редовна исплата исплатени се 3.458.885.995 денари, што е 56,2 милиони евра средства вратени на сметките на граѓаните по основ на „МојДДВ“.
Гледано по квартали, повратот на средства преку „МојДДВ“ во текот на 2025 година е следен:
•За К4 2024 година (исплата во февруари 2025) исплатени се 870.329.146 денари за 496.442 корисници;
•За К1 2025 година исплатени се 784.442.146 денари за 491.770 корисници;
•За К2 2025 година исплатени се 882.137.038 денари за 503.655 корисници;
•За К3 2025 година исплатени се 921.977.665 денари за 515.182 корисници;
•За К4 2025 година налозите се во обработка и согласно законските одредби исплатата на средства е предвидена за февруари 2026 година.
Во текот на 2025 година беа извршени и дополнителни исплати (од изминатите години) кон корисниците кои немале точни податоци во периодот кога биле редовните исплати:
•За скенирани сметки во 2020 година исплатени се 2.658.049 денари;
•За скенирани сметки во 2023 година исплатени се 7.552.401 денари;
•За сметки скенирани во 2024 година исплатени се 4.076.525 денари.
На сметките на граѓаните во 2025 година по основ на редовна и дополнителна исплата на средства преку „МојДДВ“, исплатени се вкупно 3.473.172.970 денари или 56,4 милиони евра.
УЈП ги известува граѓаните дека веќе ги подготвува налозите за исплата на средства за скенирани сметки во последниот квартал од 2025 година, која треба да се реализира во февруари 2026 година.
„Апелираме граѓаните да не потпаѓаат под шпекулации и да ги следат исклучиво официјалните информации и соопштенија на Управата за јавни приходи. Истовремено, УЈП ја информира јавноста дека апликацијата „Мој ДДВ“ функционира редовно. Во рамки на тековните технички подобрувања на системот, можно е повремено забавување при најавување на апликацијата од страна на корисниците или при вчитување на фискалните сметки. Овие појави се привремени, а надлежните технички служби континуирано работат на нивно отстранување, со цел да се обезбеди подобро корисничко искуство. Со ова уште еднаш потврдуваме дека апликацијата „Мој ДДВ“ останува во функција и не се разгледува нејзино укинување“, се додава во соопштението на УЈП.
Економија
Малите и средни претпријатија се ’рбетот на економијата – претставена Националната стратегија за МСП 2025–2030
Министерството за економија и труд денес ја презентираше Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025–2030, стратешки документ кој ја дефинира насоката за развој, конкурентност и отпорност на малите и средни претпријатија во Република Северна Македонија во наредните години.
Малите и средни претпријатија претставуваат ’рбет на националната економија, сочинувајќи околу 99 проценти од вкупниот број претпријатија и обезбедувајќи егзистенција за речиси три четвртини од вработените. Тие имаат клучна улога во економскиот раст, иновациите и социјалната стабилност на државата.
На настанот, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека Стратегијата е повеќе од формален документ и дека таа претставува јасна определба за поддршка на домашните претприемачи.
„Малите и средни претпријатија не се само дел од нашата економија – тие се нашата економија. Секој нивен успех значи посигурна иднина за едно семејство и посилна држава. Со Стратегијата за МСП 2025–2030 создаваме услови тие да бидат лидери на промените, а не нивни следбеници,“ истакна министерот.

