Македонија
Министерството за образование ги отфрла обвинувањата на СДСМ

Обвинувањата и шпекулациите на опозиционата СДСМ за партизација на образованието се неиздржани и неаргументирани…
Обвинувањата и шпекулациите на опозиционата СДСМ за партизација на образованието се неиздржани и неаргументирани, соопшти денеска министерството за образование. “Министерството за образование и наука не учествувало, ниту има законска можност да учествува во креирањето на кадровската политика на универзитетите, којашто е автономна и целосно ја почитува“, се вели во реакцијата. Во врска со обвинувањата за отпуштање на наставниците, Министерството истакна дека неколку пати апелирало до локалната самоуправа во чија надлежност се продолжувањата на договорите, да дејствуваат согласно законите. Министерот за образование и наука, Никола Тодоров вчера испрати писмо до градоначалниците на општините, со кое ги потсети на казните предвидени со Законот за просветна инспекција, стои во соопштението. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВЛЕН: По 22 години измама, носиме канализација во Зајаз на Али Ахмети

„Кичево, градот кој беше заборавен од минатите влади повеќе од две децении, денес се враќа на мапата на сериозни инвестиции благодарение на посветеноста на коалицијата ВЛЕН. Големиот проект за изградба на колекторски систем и модерна пречистителна станица за отпадни води, вреден над 1 милијарда денари од државниот буџет, веќе почна да се реализира“, велат од ВЛЕН.
„Овој проект претставува голем чекор напред во подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните на Кичево, а воедно и заштита на јавното здравје и животната средина. Но, не само тоа, по 22 години ветувања и политичка манипулација од страна на ДУИ, Зајаз на Али Ахмети конечно ќе има канализација. Неверојатно, но вистинито: ВЛЕН мораше да дојде на власт за да реши основен проблем во родното место на оној што владееше две децении без да ги реши проблемите на сопствената земја.
Овој проект беше на работ на неуспех кога ВЛЕН ја презеде владата: само 17% имплементација за 21 месец, изгубени ИПА фондови, нефункционален изведувач и целосен недостаток на институционален одговор од претходната влада, уште еден одраз на некомпетентноста и систематскиот неуспех што им се сервира на граѓаните со години.
Благодарение на директната интервенција на првиот вицепремиер, Изет Меџити, како и неуморната работа на колегите во Министерството за животна средина и просторно планирање, проектот беше спасен од целосен неуспех. Претходниот договор беше раскинат, побарана беше компензација, а преку нова, транспарентна и долгорочна набавка беше обезбедено целосно финансирање од државниот буџет за реализација на оваа стратешка инвестиција.
Кога другите се откажуваат, ние дејствуваме. Кога тие молчат, ние го носиме гласот на граѓаните во институциите. Кога тие прават пропаганда, ние донесуваме конкретна работа. Ова е филозофијата на ВЛЕН. Бидејќи за нас, иднината на граѓаните не е предмет на преговори, таа е обврска!“, соопшти ВЛЕН.
Македонија
„Продолжувањето на притворот за Бектеши додека вистинските одговорни сè уште се на слобода претставува чист израз на селективна правда и политичка одмазда“, велат од ДУИ

„Продолжувањето на притворот за поранешниот министер Крешник Бектеши, додека вистинските одговорни – оние што биле задолжени за безбедноста на децата– сè уште се на слобода, претставува чист израз на селективна правда и политичка одмазда“, реагира ДУИ.
„Ова не е само двоен правен стандард – туку отворена политичка и партиска дискриминација, која претставува флагрантно кршење на основните принципи на правната држава.
Уште повеќе, иако сведоците и родителите на жртвите јасно ги посочија виновниците и побараа одговорност од Министерството за внатрешни работи, единствено поранешниот министер Бектеши сè уште се држи во изолација – како параван за да останат вистинските виновници на слобода.
Трансакциското обвинителство и актуелната власт продолжуваат брутално да ги газат сите правни, морални и човечки принципи.
Премиерот, откако јавно го заплаши обвинителот дека ќе ги изведе луѓето на улица против него, сега целосно го има потчинето и настапува истовремено и како обвинител и како судија.
Ако улицата е решението – тогаш дојде време сите граѓани да им се придружат на семејствата на жртвите од Кочани и да побараат правда – мирно, но решително, на улица“, се додава во соопштението на ДУИ.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.