Македонија
Новини за нови заштеди во здравството
Министерот за здравство Никола Тодоров во неделата претстави нови мерки и укажување доставени до јавните здравствени установи во земјата, од кои очекува зголемување на конкуренцијата меѓу дистрибутерите и производителите на лекови и значителни намалувања на цените на лековите.
Со ова, како што рече Тодоров, би се креирале и заштеди во јавното здравство, односно наменско и рационално користење на финансиските средства, што пред сé се однесува на цитостатската терапија, кои се и најскапите лекови, потоа на хормонската терапија и антихормонските лекови (ароматаза инхибитори, LHRH агонисти и антагонисти) и бисфосфонатната терапија.
Новите мерки што ги презема министерството за здравство во форма на укажувања до јавните здравствени установи, во прв ред се поврзани со спроведувањето на постапките за јавни набавки од страна на здравствените установи. Нивната цел, како што објасни министерот Тодоров, ќе биде унапредување на системот за јавни набавки, елиминирање на влијанието на човечкиот фактор. но и зголемување на конкурентноста на пазарот и доследно спроведување на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата.
„Укажувањата се набавките да се вршат како целосно електронска набавка, која ќе заврши со електронска аукција, а не како досега во хартиена форма која завршува со електронска аукција. На овој начин сакаме да го минимизираме влијанието на човечкиот фактор, особено во административниот дел на постапката за примање и чување на документација, редоследот на предавање на понуди и слично“, рече Тодоров.
Друга новина во работата на јавните здравствените установи во Македонија е произлезена од сознанието дека досега најголем број случаи економските оператори за ист предмет на набавка понудувале исти цени и во тој случај установите за предметот на набавката склучувале два или повеќе договори меѓу економските оператори коишто понудиле исти цени. Но постојат и случаи кога на електронските аукции никој не извршил наддавање, односно намалување на почетно понудената цена.
„Отсега изборот на економскиот оператор ќе биде одлучен со жрепка, во присуство на сите економски оператори или нивни претставници, доколку набавката е спроведена во хартиена форма и на аукцијата немало наддавање. Доколку економските оператори одбијат или не дојдат, жрепката ќе се изврши пред Комисија од пет лица вработени во договорниот орган, за што задолжително се води записник за текот на жрепката. Оваа мерка е целосно во смисла на посилна имплементација на Законот за заштита на конкуренцијата, па поради тоа, би ја повикал Комисијата за заштита на конкуренцијата да во целост ги разгледа досегашните пракси на делење на договорите на повеќе економски оператори и ги преземе сите активности согласно закон“, објасни министерот за здравство
Според Тодоров, откако набавката ќе биде целосно електорнска, а на аукцијата немало наддавање, договор ќе се склучи со оној економски оператор што прв поднел понуда, во согласност со системот за електронски јавни набавки.
„Сакам да нагласам дека монополското здружување е забрането и согласно Законот за заштита на конкуренцијата и согласно Кривичниот законик на Република Македонија. Конечно, во договорите коишто ќе бидат склучени со избраните економски оператори, треба да биде ставена клаузула, според која во случај максималната цена биде намалена под ниво на понудената цена, во тој случај како цена на договорот ќе биде новата намалена максимална цена“, рече Тодоров.
За таа цел една од најновите укажувања и мерки до здравствените установи е и упатството во тендерите да се става објаснување што значи монополско здружување и како и каде е тоа се санкционира./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

