Свет
Во Мексико 28 мртви во судир на банди
Најмалку 28 луѓе се убиени а четири се тешко ранети во средата доцна навечер во судирите на ривалски банди на автопат во сојузната мексиканска држава Наирит во западниот дел од земјата
„Дваесет иосум мртви лица и четири ранети се пронајдени на самото место, како и десетина напуштени возила“, соопштиле од канцеларијата на мексиканското обвинителство.Полицијата интервенирала, откако првично била информирана дека станува збор за киднапирање.Судирот меѓу припадниците на двете банди се случил на автопатот на раскрсница во близина на местото Руиз. Во престрелката биле користени пушки и гранати, а судирот траел речиси цел час, велат сведоци за локалните медиуми. Жителите на градот Руиз изјавиле за новинарите на локалниот весник El Heraldo дека интензитетот на пукањето го принудило локалното население да ги затвори продавниците и да се сокрие во своите домови.Според официјалните податоци, во изминатите четири години во Мексико биле убиени повеќе од 34 илјади луѓе, главно во насилства поврзани со трговија на дрога.Откако во 2006 г. на власт дојде претседателот Фелипе Калдерон, тој им објави војна на организираниот криминал и нарко мафијата. Меѓутоа, имајќи ја предвид раширената корупција меѓу владините и полициските службеници, тој беше принуден да ја ангажира и војската, која во борбата против картелите учествтва со 50 илјади свои припадници од разни родови.Според оцените на експертите, секоја година преку Мексико во САД, Европа и Азија се пренесуваат наркотици во вредност од повеќе од 40 милијарди долари. Големата заработка и близината на богатиот американски пазар се причината за крвавите судири меѓу нарко картелите кои сакаат да имаат превласт врз шверцерските канали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Најмалку 28 загинати откако кран се урна врз воз во Тајланд
Најмалку 28 лица загинаа, а 64 се повредени откако градежен кран се урна врз воз во движење во североисточен Тајланд. Во возот имало околу 195 патници во моментот на несреќата, која се случила околу 9 часот наутро по локално време во среда, јавува Би-би-си.
Кранот го исфрлил возот од шините и здробил неколку вагони, од кои еден се запалил. Спасувачите успеале да ги евакуираат патниците, а повредените биле однесени во регионалните болници. Меѓу 64-те повредени има едногодишно дете и 85-годишен маж, а осум се во сериозна состојба.
Владата нареди истрага за инцидентот, најновиот во низата смртоносни несреќи што се припишуваат на безбедносни пропусти. Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул повика „некој да биде казнет и да биде повикан на одговорност“ за несреќата.
„Несреќи како оваа можат да се случат само поради небрежност, прескокнати чекори, отстапувања во дизајнот или употреба на неисправни материјали“, рече Анутин.
Свет
Поранешен израелски командант: Режимот во Иран ќе падне, наскоро ќе видиме голем американски напад
Пензионираниот бригаден генерал на израелската армија и претседател на Израелскиот форум за одбрана и безбедност (ISDF), Амир Авиви, процени дека режимот во Иран ќе падне и дека САД наскоро ќе интервенираат, пишува денес израелскиот весник „Џерусалем пост“.
„Денес можам да кажам нешто што не можевме да го кажеме пред еден месец: овој режим паѓа. Нема да има ирански режим и ова целосно ќе ја промени иднината на Израел“, рече Авиви на конференцијата доцна синоќа.
Авиви додаде дека очекува голем американски напад врз Иран.
„И навистина, мислам дека во многу блиска иднина ќе видиме масовен американски напад, со помош на Израел и демонстрантите. Мислам дека овој режим нема шанси и ќе падне“, рече претседателот на ISDF, невладина организација која собира десетици илјади резервни офицери и оперативци од сите гранки на израелските безбедносни сили.
Свет
Блумберг: Претставниците на Трамп, Виткоф и Кушнер, планираат да го посетат Путин
Претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, планираат наскоро да ја посетат Москва за да се сретнат со лидерот на Кремљ, Владимир Путин. Планираната посета е дел од напорите за постигнување мировен договор со цел да се стави крај на војната на Русија со Украина, објави Блумберг.
Извори за Блумберг изјавија дека средбата би можела да се одржи подоцна овој месец, но предупредија дека плановите сè уште не се конечни и дека датумот би можел да се промени поради случувањата во Иран, каде што се во тек големи протести.
Официјален претставник на Белата куќа изјави дека таква средба во моментов не е закажана, додека Кремљ не одговори на барањето за коментар. Според еден од изворите, сè уште не е познато колку е заинтересиран Путин да одржи втор состанок со членовите на тимот на Трамп, што се чини дека е главната пречка за одредување датум.
Се очекува на Путин да му биде презентиран најновиот нацрт мировен план од 20 точки, изготвен од украински и американски претставници.
Виткоф и Кушнер претходно ја посетија Москва и се сретнаа со Путин во декември, рунда разговори што траеше речиси пет часа, но не донесе значаен напредок.
Виткоф се сретна со Путин во Русија шест пати во текот на изминатата година. Дипломатските напори следат по состанокот на претставници на 35 земји и организации во Париз на 6 јануари, на кој беше финализирана работата за безбедносните гаранции за Украина.
По состанокот, британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и претседателот Володимир Зеленски потпишаа декларација за намера за распоредување трупи во Украина во случај на мировен договор. Виткоф и Кушнер беа меѓу американската делегација во Париз, а Виткоф рече дека е постигнат значителен напредок од состанокот на „Коалицијата на волните“.

