Црна хроника
Минимални казни за обвинетите од „Ќелија“ кои ја признаа вината
Шестмина од 11-те обвинети во случајот „Ќелија“ кои се товарат дека соработувале со екстремната сунитска организација Исламската држава (IS) која зазема големи територии во Ирак и во Сирија, откако ја признаа вината се спогодија со обвинителството и се осудени на минимални затворски казни.
Оџата Реџеп Мемиши од скопската Тутунсус џамијата, кој се товари дека ширел радикален ислам, е осуден на казна затвор во траење од седум години. Пред судот сите кои ја признаа вината рекоа дека се свесни и доброволно ја признаваат вината, без никаков притисок. Оџата Мемиши рече дека сака што поскоро да оди на издржување на затворската казна, бидејќи неговата ќерка не сакала да оди на училиште и не сакал да ѝ го упропасти животот. Ахмет Дарлишта кој исто така ја призна вината, е осуден на пет години и шест месеци за три кривични дела, додека останатите четворица, Сејфула Етемовски, Ресуљ Саити, Фазљи Суља и Мухамед Шеху, кои се товарат за две кривични дела, се осудени на пет години затвор. Тие веднаш ќе одат на издржување на казната затвор, додека за останатите петмина во петок продолжи седницата за оцена на обвинителниот акт.Меѓу петтемина кои не ја признаа вината е и Македонецот, христијанин кој преминал во ислам, Стефан Стефановски.Стефановски кој потоа го нарекувале Суфијан, има завршено медицински факултет во Скопје и е лекар по професија. „Како медицинско лице не се чувствувам виновен. И на медицинскиот факултет нé учеа да им помагаме на сите оние на кои им е потребна медицинска помош без разлика на вера“, рече Стефановски.На седницата за оценка на обвинението, адвокатот на дел од обвинетите Асмир Алиспаиќ рече дека обвинението нема ни стаклени нозе и дека обвинетите се товарат за учество во паравоена организација, но не се наведува со која организација соработувале, како докази било земено тоа што ја имале светата книга Куранот во своите компјутери и фотографии од Facebook за кои не било докажано дека токму тие ги поставувале.„Во Сирија има паравоени формации кои се признати од Европската унија и заедно се трудат да го срушат режимот на Башар ал-Аасад кој убива жени и деца. И јас како припадник на исламот утре , не дај Боже, може да бидам обвинет за погрешно проповедање на исламот. Обвинетите немаат никаква врска со тоа што се случува во тие земји и не се никаква опасност за земјава“, рече Алиспаиќ.Седницата за оценка на обвинителниот акт се уште трае и се очекува приговори на обвинението да дадат и другите адвокати на обвинетите.Според обвинението, кое го застапува Обвинителот Владимир Милошевски, една група обвинети подготвувале лица кои ќе одат да учествуваат во странска војска, друга група обезбедувале парични средства и друга поддршка во материјална смисла за лицата да бидат подготвени за пат пред и за време на нивното учество во странска војска, а третата група учествувала во борбите на страната на Исламската држава во Сирија./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Малолетник тешко повреден во сообраќајка на патот Прилеп–Македонски Брод
Ноќеска во 02:00 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на патот Прилеп–Македонски Брод се случила сообраќајна несреќа помеѓу две патнички возила.
Според информациите, несреќата се случила меѓу „ауди“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Ф.И. од село Дебреште, и „бмв“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Е.Ш. од истото село.
По несреќата, 17-годишен сопатник од возилото „ауди“ бил пренесен во Градска општа болница Прилеп, каде му биле констатирани тешки телесни повреди.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од ОВР Македонски Брод.
Се работи на целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Пријавени тепачки во Шуто Оризари
Во СВР Скопје било пријавено дека на 24.02.2026 година на подрачјето на Шуто Оризари, по претходна расправија помеѓу двајца малолетници, повеќе лица физички нападнале еден од малолетниците.
Според пријавата, во инцидентот учествувале М.Х. (22), И.Х. (23) и Р.Х. (46).
Подоцна било пријавено и нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу И.З. (54) и Р.З. (36) од една страна, и М.Х. и И.Х. од друга страна, сите од Скопје.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Жена пријавила физички напад од вонбрачен партнер во Драчево
Дваесет и двегодишна жена пријавила во СВР Скопје дека била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер.
Според пријавата, на 27.02.2026 година околу 12:00 часот, во дом на подрачјето на Драчево, таа била нападната од С.С. (22) од Скопје. Случајот бил пријавен во полиција во 16:30 часот истиот ден.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

