Македонија
Угриновски: Службите повеќе ми даваа информации, отколку јас на нив (опширна верзија)
Претседателот на Сојузот на титови леви сили, Слободан Угриновски, за кого што Комисијата за лустрација донесе заклучок дека соработувал со тајните служби под псевдонимот „Ле Корбизие“
Претседателот на Сојузот на титови леви сили, Слободан Угриновски, за кого што Комисијата за лустрација донесе заклучок дека соработувал со тајните служби под псевдонимот „Ле Корбизие“ не ги признава и ги негира доказите на, како што ја нарече – „Комисијата за лустери“ и вели дека одговара само пред законите на СФРЈ и СРМ. „Оваа комисија за мене е нелегитимна и јас го признавам само судот на мојата партија, односно судот на сојузот на комунистите на Југославија и Македонија како и на сојузот на титови леви сили“ рече Угриновски.
Според доказите на Комисијата, Угриновски соработувал со службите во седумдесеттите години , кога бил претседател на Сојузот на студенти. Тој признава дека за време на неговиот работен век, како студентски раководител имал разговори со претставници на јавната и државната безбедност за прашања како за домашните, така и за странските студенти.
„Можам да кажам дека претставниците на службите што ме контактирале мене како претседател на сојузот на студенти на Македонија, повеќе мене ме информирале за актуелните состојби и настани во за и околу студентите и државата отколку, пак, што јас сум давал информации. Значи тие повеќе ми служеле мене отколку јас на нив со податоците, информациите што ми ги доставувале“ вели Угриновски.
Водачот на Титовите леви сили не знаел дека неговите службени контакти биле третирани како соработнички и дека за него се водело досие, како соработник.
„Не постои никаква ниту усна, ниту писмена изјава од мене, ниту, пак, лица или организации за коишто сум давал изјави или, пак, предизвикал последици по нив, а не, пак, да сум примал одредени парични средства, напредувал во службата или некој обвинил за некое дело. Мене не ми било познато дека моите службени контакти ги третирале како соработнички, како што сега гледам, и дека се водело досие за мене како под наводници соработник и сум изненаден од истото, но не сакам да навлегувам во процедурите и во нивните тогашни законски права, должности, обврски на луѓето кои што контактирале со мене“ додава Угриновски.
Тој утрово бил во Комисијата за лустрација каде ги разгледал трите документи коишто ги имала комисијата за него и се уверил дека тие не се релевантни. „Од доказите располагаат само со еден допис од УДБК, во чии прилог се доставени, барање од нивни одговорен работник од тоа време на СВР до началникот да се отвори соработничко досие на мое име 1973 година кога сум бил студент, понатаму предлог да ми се подари пенкало вредно 540 динари за Нова година, како на претседател на сојузот на студентите на Македонија и барање да се укине соработничкото досие на мое име. Тоа се сите документи што таа комисија со нелегитимниот претседател располагаат“ вели Угриновски.
Останува на одлуката да се повлече од советничкото место од Советот на Град Скопје, но вели дека оваа одлука не била донесена поради заклучокот на Комисијата, туку од лични причини и била донесена уште пред десетина дена.
Неговата партија донела одлука на следните избори да влезе во коалиција со СДСМ, но тој нема да биде на кандидатска листа. Вели дека треба да им се даде предност на помладите.
Нарекувајќи го претседателот на СДСМ „другарот Бранко Црвенковски“ рече дека се согласиле да им дадат предност на помладите, а постарите како него, Црвенковски и Бучковски да се повлечат. Неофицијално на кандидатската листа во првата изборна единица на деветто место ќе биде неговиот син, пејачот Никола Угриновски – Угро.
Попладнево во 15 часот тој ќе се произнесе пред комисијата за лустрација, по што тие ќе треба да донесат решение по неговиот заклучок, а пота Угриновски ќе одлучи како ќе постапува. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улицата Леринска лоцирани околу број 3, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа) со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 14 до 18 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониски утрински температури.

