Македонија
Аеродром без МЗТ Скопје не оди – протестираа Фемили Аеродром

Околу 500 навивачи на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје, вечерва се собраа пред трговскиот центар „Бисер“ во скопската населба Аеродром на мирен протест за да издејствуваат кај федерацијата продолжен рок за пријавување екипи
Преодниот рок за пријавување заврши во август, а МЗТ Скопје не успеа да пријави екипа. Навивачката група Фемили Аеродром со протестот се обидуваат да го одржат во живот еден од последните бастиони на македонскиот спорт, екипата на МЗТ Скопје. Навивачката група Фемили Аеродром ги повика органите на Македонската кошаркарска федерација да го пролонгираат рокот за консолидација на МЗТ Скопје, кој е синоним за македонската кошарка и спорт во целост.Навивачите пееја навивачки песни за својот клуб миленик, со што го привлекоа вниманието на случајните минувачи да им се придружат во мирниот протест. „Аеродром без МЗТ не оди“, беше еден од транспарентине кои беа истакнати на оградата од Т.Ц. Бисер. Сино-бели шалчиња се вееја во воздухот, а младите навивачи со срце повикуваа на разбирање од федерацијата.„МЗТ Скопје е бренд, тим со традиција кој го дава најголемото спортско дерби во државава и сигурно заслужува да се прекрши статутот на федерацијата и да му се дозволи еден продолжен мини рок во кој би ја составил екипата и би се одржал во живот“, стои во соопштението на навивачката група Фемили Аеродром.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од шумскиот пат кон езерото, се води жестока битка за да се спречи ширењето на пожарот кај Јасен

Пожарот кај Јасен и натаму се заканува, откако во текот на ноќта започнал да се шири од шумскиот пат пред објектите на ловиштето кон ресторанот Козјак. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Анеглов, изјави дека пред неколку дена патот бил внимателно исчистен од вегетација со блудожер и сега претставува појас кој спречува ширење на огнот.
„Се води жестока битка со огнот, но надлежните служби не дозволија пожарот да се префрли на спротивната страна. Денес продолжува оперативната акција, со чистење на гребенот до езерото за да се стопира ширењето на огнот. Истовремено се дејствува и од воздух“, изјави Ангелов.
Како што додаде, покрај овој пожар, има уште неколку, но тие се безопасни во споредба со она што се случува во Јасен. Ангелов најави повеќе информации околу 13 часот.
Македонија
Антикорупциска брои службени возила пред изборите – институциите не ги пријавиле сите во рокот

Во Регистарот на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија и други правни лица со државен капитал при Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се пријавени 1.916 возила, иако институциите располагаат со околу 6.500 возила.
Податоците за бројот, марката, годината на производство, регистарскиот број и возната состојба требаше да се достават најдоцна до 18 август. Доколку правните лица не ги поднесат информациите навремено, ДКСК покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истекот на рокот.
Евидентирањето на возилата има за цел да спречи нивна употреба за потребите на изборните кампањи. Владата донесе одлука сите службени возила да добијат специјални црвени таблички најдоцна до 15 септември, а ќе се воведе и специјален регистар за нивно следење.
Македонија
Сончево време со изолирана појава на нестабилност попладне

Времето денес ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Попладне во југоисточните делови ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 18, а максималната ќе достигне од 28 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во четврток ќе дува умерен до засилен, а во петок повремено силен јужен ветер. Во сабота ќе има услови за повремен локален дожд и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, долж Повардарието повремено засилен северен ветер, кој ќе продолжи и во недела, а дневната температура ќе биде во опаѓање.