Македонија
Позитивни реакции за укинувањето на визите
Укинувањето на визниот режим за влез во земјите од шенген зоната в понеделник дочекано е со позитивни реакции без исклучок од страна на политичката,
Укинувањето на визниот режим за влез во земјите од шенген зоната в понеделник дочекано е со позитивни реакции без исклучок од страна на политичката, експертската и пошироката јавност во Македонија.Граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора од 19. декември без визи ќе можат да патуваат во 25 од 27 држави членки на Европската унија, со исклучок на Ирска и Британија. Без визи ќе може да се патува и во Норвешка, Швајцарија, Исланд, Бугарија и Романија. Премиерот Никола Груевски денеска присуствуваше на собирот во центарот на Скопје, на кој што граѓаните ја прославуваа позитивната вест од Брисел.
„Денеска е крупен историски ден за Македонија. ЕУ ја донесе конечната и дефинитивна одлука за укинување на визите за граѓаните на Република Македонија. Денеска имаме причина да славиме и ова е ден кој сигурно ќе остане зацртан во македонската историја. Укинувањето на визите беше долгогодишна, децениска желба и предизвик за многу политичари, влади и политички партии“, изјави Груевски.
Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов истакна дека „денеска е голем ден за Република Македонија и одлуката на Европскиот Совет за визна либерализација е долго очекувано добредојде за нашите граѓани во европската заедница“.
„Либерализацијата значи чекор поблиску до ЕУ што го зголемува чувството на припадност во големото европско семејство. Денешниот ден е резултат на исклучителни напори вложени за исполнување на сериозни реформи кои беа побарани од Македонија”, оцени Иванов.
Според македонското Министерство за надворешни работи (МНР), „укинувањето на визите е голема и практична придобивка која што ќе овозможи зголемена мобилност, размена на идеи, унапредување на соработката во сите сфери“.
Визната либерализација ќе биде особено важна за младите генерации граѓани кои што се главните носители на развојот на Република Македонија во идна земја-членка на ЕУ, посочи МНР.
„Ја поздравуваме одлуката на Советот на министри во Брисел“, изјави в понеделник македонската министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска на церемонијата во Брисел. Таа додаде дека македонските граѓани без проблем ќе можат да добијат биометриски пасоши, кои што се главен предуслов за влез во шенген зоната.
Позитивни реакции за укинувањето на визниот режим дојдоа и од политичките партии, и од власта и од опозицијата.
„Од овој момент кафезот во кој што беа заклучени граѓаните на Македонија се отвора и можат и тие да бидат европски граѓани и да ја почувствуваат Европа“, рече координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева.
Според неа, одлуката што ја донесе Советот на министри е потврда за сработеното на Владата на Република Македонија.
Од СДСМ ја споделија радоста за паѓањето на визниот режим за македонските граѓани, при што сметаат дека тоа е заслуга на повеќе влади.
„Му порачуваме на Груевски дека ова не смее да биде замена за добивање датум за преговори со Европската Унија“, рече Цветанка Ивановска од СДСМ.
„Ова беше долга битка, која почна некаде во 2000/2001 година. Во секој случај, одлуката е за поздравување. Ова е позитивен чекор за иднината на Република Македонија. Се работеше за техничко прашање за кое ние ги исполнивме условите“, изјави Звонимир Јанкулоски, професор по меѓународно право.
Дека визната либерализација е нешто што државата го заслужува потврдува и професорката Билјана Ванковска.
„Одлуката за визна либерализација е нешто што го заслуживме, и тука нема ни тронка сомнеж дека станува збор за политички морков. Ако воопшто во некоја сфера беа максимално спроведени реформите, тоа беше токму во оваа сфера. За цела држава ова е чин на издишка, на симнување на еден товар, па и на облик на ограничување на слободата на движење и комуникации со европските земји кои припаѓаат на Шенгенската зона“, смета Ванковска.
Безвизниот режим значи зголемени можности и за македонското стопанство, сметаат од Сојузот на стопански комори, од каде искрено ја поздравуваат одлуката на Советот на министри за внатрешни работи и за правда на Европската Унија.
„За македонското стопанство и граѓаните, укинувањето на визите значи позитивен чекор за понатамошна европеизација. По укинувањето на визите, очекуваме зајакнување на економските и културните со ЕУ, зголемување на извозот од домашното производство, освојување на нови пазари и поголема деловна присутност кај потенцијалните бизнис партнери“, се наведува во реакцијата од Сојузот на стопански комори.
Македонските граѓани в понеделник, во голем број излегоа во центарот на Скопје да ја споделат радоста за позитивната вест што пристигна од Брисел./крај/амп
Поврзани вести:
Премиерот Груевски кај граѓаните што го слават укинувањето на визите>> Повеќе стотици Скопјани во понеделник се собраа пред Собранието на Македонија за да го изразат своето задоволство од одлуката на Брисел за укинување на визите…
Граѓаните го слават укинувањето на визите>> Повеќе стотици скопјани попладне во понеделник започнаа да се собираат пред Собранието на Македонија за да го изразат своето задоволство од одлуката на Брисел за укинување на визите…
Иванов-Денеска е голем ден за Македонија>> Денеска е голем ден за Република Македонија и одлуката на Европскиот Совет за визна либерализација е долго очекувано добредојде за нашите граѓани во европската заедница.
Заслужено без визи, на ред се преговорите>> Македонските граѓани заслужено ќе патуваат во државите на Европската Унија без визи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.

