Свет
Во Лондон почна конференцијата за Авганистан

Британскиот премиер Гордон Браун на почетокот од конференцијата за Авганистан најави дека меѓународната заедница на талибаните ќе им понуди финансиски средства за да ги охрабри да се откажат од насилството и да се вклучат во мировниот процес
Премиерот Гордон Браун отворајќи ја конференцијата истакнал дека овој меѓународен фонд би понудил своевидна стопанска алтернатива за бунтовниците кои ќе го отфрлат насилството. „Меѓутоа, во однос на оние бунтовници кои ќе го одбијат ова, нема да имаме поинаква алтернатива, отколку воено да ги гониме“, изјавил Браун, како што пренесува BBC.Британскиот министер додал дека пораката на меѓународната заедница за Ал Каеда мора да биде јасна, а таа според Браун е дека терористите ќе бидат поразени, и тоа не само на бојното поле, туку и „во срцата и во главите на сите луѓе на светот“. Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи најави дека во Лондон на бунтовниците ќе им биде понуден нов мировен договор, а на нивните лидери дури и министерски места. На меѓународната конференција за Авганистан во Лондон која е во заедничка организација на британската и авганистанската влада, учествуваат и авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун, генералниот секретар на НАТО, Андрес Фог Расмунсен и државната секретарка на САД, Хилари Клинтон.Кaко што пишува Reuters, целта на лондонската конференција е да се обнови и утврди поддршката на меѓународната заедница за напорите на властите да ја обноват и изградат земјата. Водачите на талибаните пред конференцијата порачаа дека тоа е „губење време“„Имаше и во минатото слични конференции, но ниедна не го реши авганистанскиот проблем а тоа ќе се случи во Лондон“, соопшти во средата Советот на талибанската команда, пренесоа агенциите.На конференцијата, присуствуваат уште претставници на 60 земји, присутен и македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, кој попладнево треба да се сретне со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Димитрис Друцас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Судот на правдата на ЕУ: Изгубен миленик на лет се смета како изгубен багаж

Судот на правдата на Европската унија донесе одлука дека домашните миленици кои се превезуваат со авион се сметаат за „багаж“, а не за патници.
Одлуката следи по случај во кој куче исчезнало при пренос до авион на лет од Буенос Аирес до Барселона, по што сопственичката побарала 5.000 евра отштета.
Судот оцени дека, според Монреалската конвенција, авиокомпанијата не е должна да исплати поголема отштета од онаа предвидена за изгубен багаж, освен ако патникот претходно не доставил специјална изјава за вредноста на пратката.
Во одлуката учествувале и двајца претставници од Хрватска – судијата Синиша Родин и адвокатката Тамара Ќапета.
Свет
Евакуирано средно училиште во Италија по истекување на амонијак

Во италијанскиот град Пескара беше евакуирано државното средно училиште „Маркони“ откако во просториите се почувствувал силен мирис од непознато потекло, поради што на многумина им се слошило.
Според италијанските медиуми, повеќе од 1.000 ученици биле итно евакуирани, а неколкумина се хоспитализирани, меѓу нив и пожарникари кои пристигнале на интервенција, пренесе „ТВ Раи“.
Првичните информации укажуваат дека причината најверојатно е истекување на амонијак од лабораторијата, иако не се исклучува ниту можноста за цурење гас од климатизацијата.
Заменичката градоначалничка на Пескара, Марија Рита Карота, нареди итно затворање на училиштето до понатамошна проверка.
Свет
Мерц: Без реформи, Европа ќе стане пиун на Азија и САД

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, предупреди дека Европската унија ризикува да ја изгуби својата економска независност ако итно не спроведе реформи за зголемување на конкурентноста.
Во обраќање пред германскиот парламент, во пресрет на самитот на ЕУ во Брисел, Мерц рече дека во наредните години ќе се решава дали Европа ќе остане независна економска сила или ќе стане „пиун на економските центри во Азија или Америка“.
Тој ја повика ЕУ да го намали бирократскиот товар за компаниите, да го зајакне единствениот пазар и да потпише нови трговски договори, особено со јужноамериканскиот блок Меркосур до крајот на годината.
Мерц се соочува со растечки притисок дома поради економската стагнација во Германија, која се влошува поради царинските политики на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој истакна дека решенијата за европската економија веќе постојат во извештаите на Марио Драги и Енрико Лета, кои предлагаат продлабочување на внатрешниот пазар и јакнење на конкурентноста, додавајќи дека тие препораки треба веднаш да станат дел од агендата на Европската комисија.