Свет
Раст на производството на нафта во Бразил, Русија и САД
Додека членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) последните месеци спроведоа рекордно намалување на производството на енергенсот, производството во Бразил, Русија и САД се зголемува, со што е спречено драстично поскапување на „црното злато“.
ОПЕК го редуцира производството во согласност со трите одлуки за намалување на производната квотата за 4,2 милиони барели на ден или за 14 отсто, а дневниот извозот на нафта на земјите кои не се членки на картелот во јануари пораснал за вкупно 670.000 барели.Така, Русија во февруари забележала раст на извозот од 6,3, а во март од 2,2 отсто, додека бразилскиот извоз во текот на овие два месеци е двојно зголемен.Американското Министерство за енергетика соопшти дека САД во јануари забележале пад на дневниот увоз на нафта за 148.000 барели, но во исто време производството на енергенсот во земјата е зголемено за 153.000 барели.На овој начин на американскиот пазар се појавува зголемено кличество на нафта, во услови кога поради економската криза, потрошувачката на енергенсот во САД се намалува веќе втора година по ред.Според официјалните во претходните четири недели заклучно со 3 април потрошувачката на нафта во САД изнесувала просечно 18,9 милиони барели на ден, што е за 4,4 отсто помалку во однос на истиот период лани и е најниско ниво од октомври 2008 година.Според податоците на американското Министерство за енергетика, дневниот увозот на нафта во САД од земјите на ОПЕК во јануари се намалил за 818.000 барели или 14 отсто на 5,02 милиони барели, додека во исто време увозот од Бразил е зголемен за повеќе од двојно на 397.000 барели, а од Русија за дури десет пати на 157.000 барели.„ОПЕК засега успева да ја одржи цената на нафтата на околу 50 долари за барел, но ќе мора да пристапи кон ново големо намалување на производството, доколку сака енергенсот да поскапи, смета потпретседателот на њјујоршката фирма „МФ Глобал“, Џон Килдер.Тој очекува картелот сега да почне почесто да ги повикува останатите извознички на нафта за соработка и намалување на производството.Алжирскиот министер за енергетика Шакиб Халил, кој во 2008 година беше претседател на ОПЕК, изјави дека е разочаран што Русија не го намали производството за да го поддржи поскапувањето на нафтата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Франција ги повикува младите на десетмесечна доброволна воена служба
Франција почна кампања за нова десетмесечна доброволна национална воена служба, а првите учесници ќе почнат со обука во септември годинава. Програмата, која во ноември ја претстави претседателот Емануел Макрон, е отворена за сите млади француски државјани, пишува „Ројтерс“.
Службата е наменета за лица на возраст од 18 до 25 години кои сакаат да придонесат за способноста на нацијата да се спротивстави во небезбедна средина, изјави на прес-конференција началникот на Генералштабот на вооружените сили, генералот Фабиен Мандон. Овој потег е дел од поширок тренд во Европа, каде што земјите ги преиспитуваат своите одбранбени стратегии поради загриженоста околу променливите приоритети на Соединетите Американски Држави под претседателот Доналд Трамп, како и поради, како што се оценува, поагресивниот став на Русија.
Од септември, 3.000 млади лица ќе се приклучат на армијата, морнарицата или воздухопловството за извршување мисии на француска територија. Планирано е бројот да се зголеми на 4.000 во 2027 година, а потоа да достигне 10.000 учесници годишно до 2030 година.
Учесниците ќе добиваат надомест од околу 800 евра месечно, а нивните задачи ќе опфаќаат широк спектар активности – од помош при природни катастрофи и антитерористички надзор, до работни позиции како оператори на дронови, пекари, механичари, електричари и медицински персонал.
По завршувањето на програмата, учесниците ќе можат да се вратат во цивилниот живот, да станат резервисти или да останат во вооружените сили. Министерката за одбрана Катрин Вотрен изјави дека ова го одразува „долгорочниот развој на војската кон хибриден модел“.
Се очекува програмата во 2026 година да чини 150 милиони евра, а вкупните трошоци за периодот од 2026 до 2030 година се проценуваат на 2,3 милијарди евра.
Фото: pexels
Свет
Фон дер Лајен остро го критикуваше „Икс“ на Маск поради АИ-содржини со голи жени
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остро ја критикуваше платформата „Икс“ на милијардерот Илон Маск поради ширење сексуално експлицитни deepfake содржини создадени со помош на АИ-чатботот Grok, пишува Политико.
„Згрозена сум што технолошка платформа им овозможува на корисниците дигитално да ги ‘соблекуваат’ жените и децата на интернет. Тоа е незамисливо однесување. А штетата предизвикана од овие deepfake содржини е многу реална“, изјави фон дер Лајен во интервју за повеќе европски медиуми, меѓу кои Ројтерс и Кориере дела сера.
„Нема да ја препуштиме заштитата на децата и прашањето на согласност на Силиконската долина. Ако тие не постапат, ние ќе постапиме“, предупреди таа. Од почетокот на јануари, илјадници жени и тинејџерки, меѓу кои и јавни личности, пријавиле дека нивни фотографии на социјалните мрежи биле „соблечени“ и претворени во фотографии во бикини од страна на Grok, по барање на корисници.
Алатката за креирање deepfake содржини поттикна истраги од регулаторите ширум Европа, вклучувајќи ги Брисел, Даблин, Париз и Лондон. Европската комисија минатиот четврток ѝ наложи на платформата X да ги зачува „сите внатрешни документи и податоци поврзани со Grok“, што претставува ескалација на постојната истрага за политиките за модерирање содржини на X.
Комисијата ги оцени сексуално експлицитните deepfake содржини создадени без согласност како „незаконски“, „ужасни“ и „одвратни“.
Како одговор, X ја ограничи контроверзната функција за генерирање АИ-слики само на корисници со платена претплата. Портпаролот на Европската комисија, Томас Рењер, изјави дека ограничувањето на алатката на претплатници не значи крај на истрагата на ЕУ.
Скандалот се појави како нов тест за решителноста на ЕУ да го ограничи влијанието на Маск и американските технолошки гиганти. Само еден месец претходно, Брисел ја казни платформата X со 120 милиони евра поради кршење на клучниот закон на Унијата за онлајн платформи – Актот за дигитални услуги (DSA).
Казната предизвика брза и силна реакција од Вашингтон, при што американската администрација воведе забрана за патување за поранешниот европски комесар за дигитална технологија и главен архитект на DSA, Тјери Бретон. Од платформата X не одговориле веднаш на барањето за коментар за критиките на Урсула фон дер Лајен.
Фото: Depositphotos
Свет
Трамп објави фотографија на која пишува дека е претседател на Венецуела
Американскиот претседател Доналд Трамп објави фотографија на својот профил на социјалната мрежа Truth Social, тврдејќи дека е 45-ти и 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави, како и вршител на должноста претседател на Венецуела од јануари 2026 година.

Соединетите Американски Држави започнаа воена операција во Венецуела на 3 јануари, при што ги заробија претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес за да им се суди пред суд во Њујорк по обвиненија за дрога и оружје.
Трамп изјави дека неговата администрација ќе управува со Венецуела и нејзините нафтени ресурси за време на преодниот период. Откако Мадуро беше уапсен, неговата потпретседателка Делси Родригез положи заклетва како привремена претседателка.
Трамп претходно предупреди дека Родригез би можела да „плати многу висока цена“ ако не соработува со Соединетите Американски Држави.

