Свет
Најмалку седум загинати во невреме во САД
Најмалку седум луѓе загинаа во американската сојузна држава Охајо, која во изминатите денови ја погодија седум торанада
Најмалку седум луѓе загинаа во американската сојузна држава Охајо, која во изминатите денови ја погодија седум торанада.
Ветровите, како што јавија локалните гласила, уништија десетици куќи, а оштетија училиште и полициска станица.
Околу 35 илјади луѓе во погоденото подрачје во североисточниот дел на САД останаа без струја, откако запре со работа нуклеарната централа во Мичиген, поради оштетувања. /крај/хи/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сафади: Со бомбардирањето на Рафах, Нетанјаху го загрозува примирјето
Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека го загрозил постигнувањето на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас со бомбардирањето на градот Рафах на југот на Појасот Газа. „Направени се огромни напори за да се постигне договор со кој ќе се ослободат заложниците и ќе се постигне прекин на огнот. Хамас го претстави предлогот.
„Ако Нетанјаху навистина сакаше договор, сериозно ќе преговараше за тоа. Наместо тоа, тој се заканува на договорот со бомбардирање на Рафах“, рече Сафади на социјалната мрежа Икс, а пренесе Ројтерс. Вчера Хамас објави дека го прифатил предлогот за прекин на огнот во Газа предложен од Египет и Катар.
Таа палестинска милитантна група во соопштение наведе дека нејзиниот шеф, Исмаил Ханије ги известил премиерот на Катар, Мухамед Бин Абдулрахман Бин Џасим Ал Тани и шефот на египетската разузнавачка служба Абас Камел дека го прифаќа нивниот предлог.
Набргу по објавувањето на Хамас, „Тајмс оф Израел“ објави изјави од неименувани израелски претставници, кои рекоа дека најавата на Хамас не се зема предвид, бидејќи предлогот со кој се согласи Хамас не ги вклучува условите со кои се согласи Израел.
Израелскиот воен кабинет синоќа едногласно одлучи да ја спроведе планираната операција во градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, со цел „да се изврши воен притисок врз Хамас“, соопштија од кабинетот на премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху и покрај тоа што Хамас претходно објави дека се согласува со египетско-катарскиот предлог за прекин на огнот, пренесува Танјуг.
Свет
Амбасадорите на ЕУ и САД во Москва нема да присуствуваат на инаугурацијата на Путин
Амбасадорите на Европската Унија и Соединетите Американски Држави во Москва нема да присуствуваат на церемонијата на инаугурација на рускиот претседател Владимир Путин.
Портпаролот на ЕУ Петер Стано рече дека оваа одлука е во согласност со ставот на мнозинството земји-членки на блокот.
„Нашиот амбасадор нема да присуствува, повеќето земји-членки нема да присуствуваат“, рече Стано, а пренесе Ројтерс.
Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер изјави дека американскиот амбасадор во Москва нема да присуствува на инаугурацијата на рускиот претседател.
Ројтерс вчера објави дека францускиот амбасадор во Русија ќе присуствува на инаугурацијата, за разлика од Германија која нема да испрати свој претставник.
Неименуван извор за агенцијата изјавил дека Париз претходно го осудил „контекстот на репресијата во кој се одржаа изборите, лишувајќи ги гласачите од вистински избор“, како и организирањето избори на украинските територии „окупирани“ од Русија, за кои Франција смета дека има прекршување на меѓународното право и повелбата на Обединетите нации.
Германија најави дека нема да испрати свој претставник на инаугурацијата на Путин.
Балтичките земји, кои веќе немаат дипломатски претставници во Москва, исто така категорично ја отфрлија можноста да присуствуваат на инаугурацијата на Путин.
Денеска ќе се одржи инаугурацијата на рускиот претседател Владимир Путин, со што и официјално ќе започне неговиот петти шестгодишен мандат.
Путин на претседателските избори во март освои 87,28 отсто од гласовите.
Свет
Автобус излета од патот и се преврте во Перу: најмалку 10 загинати меѓу нив и шестмесечно бебе
Најмалку 10 лица загинаа кога патнички автобус излетал од патот и се превртел во областа Пуно во јужниот дел на Перу, јавија локалните медиуми.
Меѓуградскиот автобус се движел на релација Пуно-Куско кога се случила несреќата, јави државната новинска агенција Андина.
Во автобусот имало 24 патници, а меѓу жртвите има и шестмесечно бебе, соопшти полицијата.
Државната телевизија Перу Нотицијас објави дека повредените, од кои некои се со сериозни повреди, биле пренесени во блиските болници.
Причината за несреќата ќе биде позната по истрагата.