Свет
Најмалку 65 лица загинаа во експлозија во сомалискиот главен град
Најмалку 65 луѓе загинаа во експлозија во вторникот во сомалискиот главен град Могадишу а повеќе од 50 се ренети, јавува Reuters.
Најмалку 65 луѓе загинаа во експлозија во вторникот во сомалискиот главен град Могадишу а повеќе од 50 се ренети, јавува Reuters.Експлозијата одекнала пред главната капија на обезбедуван комплекс во кој се сместени разни владини агенции, вклучувајќи го и кабинетот на премиерот, на министерството за надворешни работи и канцеларии на разни министерства. Според првичните податоци, експлодирал автомобил кој бил управуван кон контролниот пункт на влезот од комплексот. „Ние транспортиравме 50 повредени и 65 тела на загинати. Луѓе останаа да лежат на местото од експлозијата. Најмногу повредени се со изгореници“, изјави за агенцијата претставник на службата за Брза помош на Могадишу, Али Мус. Според него, меѓу жртвите има студенти, војници и цивили. Одговорноста за нападот ја презеде групацијата поврзана со глобалната терористичка мрежа Ал Каеда, сомалиската исламистичка група Ал-Шабаб, која во неколку наврати изврши големи терористички напади во Сомалија. Според лице кое говорело во името на групата Ал-Шабаб, цел на нападот била зградата на едно од министерствата. Сомалија престана да постои како унитарна држава во 1991 година со падот на диктаторскиот режим на Сиад Баре. Како единствен легитимен орган во земјата меѓународната заедница ја признава федералната влада, која го контролира Могадишу и неколку околни области. Останатите делови на Сомалија се под контрола на непризнаени самопрогласени територии. Делови од јужна и северно-источна Сомалија се управувани од страна на локалните кланови и радикални исламски движења, вклучувајќи ги и оние поврзани со Ал Каеда. Територијата на север и северо-западниот од Сомалија е под контрола на непризнаената Република Сомалија.Официјалните сомалиски власти немаат контрола врз ситуацијата во земјата. Пет илјади припадници на мировните сили на Африканската унија, исто така, не можат да ја преземат контролата врз безбедносната ситуација и под контрола имаат само неколку клучни стратешки локации во Могадишу.Во јуни годинава во Могадишу беше убиен министерот за внатрешни работи на Сомалија. Одговорноста за атентатот ја презема радикалната исламистичка група Ал-Шабаб, која често презема големи напади против владините сили.Во насилството во Сомалија од 2007 година, според статистиката на Обединетите нации, загинале повеќе од 20 илјади луѓе, а околу 1,5 милион се бегалци./крај/ро/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Српскиот министер за култура фалсификувал документи за луксузниот проект на зетот на Трамп
Српското обвинителство за организиран криминал вчера покрена обвинение против министерот за култура Никола Селаковиќ и уште тројца за злоупотреба на службената должност и фалсификување документи во врска со проект за луксузни недвижности поврзан со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, објави Еј-би-си Њуз.
Истрагата се фокусира на контроверзната реконструкција на срушениот воен комплекс во центарот на Белград, Генералштабот, кој беше заштитено место на културното наследство, а сега е предвидено за изградба на луксузен комплекс. Селаковиќ, близок соработник на претседателот Александар Вучиќ, и другите обвинети се теретат за нелегално одземање на заштитениот статус на локацијата со фалсификување документи.
Српската влада потпиша договор за закуп на 99 години со американската компанија „Афинити глобал девелопмент“, која е поврзана со Кушнер. Кушнер во тоа време потврди дека неговата компанија планира да го финансира проектот од 500 милиони долари, кој би вклучувал облакодер со хотел, луксузни станови, канцелариски простор и продавници. Сè уште не е познато кога би можело да започне судењето.
Владата го поддржува проектот и покрај истрагата
Предлогот за изградба на местото на поранешниот Генералштаб има силна поддршка од владата на Вучиќ, но се соочи со жесток отпор од експерти во Србија и странство, како и од пошироката јавност. Минатиот месец, српскиот парламент донесе посебен закон со кој се отвора патот за изградба, и покрај тековната истрага.
Претседателот Вучиќ изјави дека проектот е добар за односите на Србија со САД и дека ќе го помилува секој што е осуден во случајот. „Јас сум виновен“, рече тој неодамна. „Јас сум оној што сакаше да ја модернизира Србија. Јас сум оној што сакаше да привлече голем инвеститор“.
Симбол на отпор кон НАТО
Критичарите истакнуваат дека зградата е архитектонски споменик, кој се смета за симбол на отпор кон бомбардирањето на НАТО, што сè уште се смета за неправедна „агресија“ во Србија. Србија беше бомбардирана 78 дена во 1999 година за да се принуди тогашниот претседател Слободан Милошевиќ да ја прекине репресијата врз Албанците во Косово.
Анти-НАТО расположението останува силно, што ја прави улогата на американската компанија во пренамената на воените згради особено чувствително прашање за многумина во Србија. Срушените згради се сметаат за врвни примери на архитектурата од средината на 20 век во поранешна Југославија, пишува Еј-би-си Њуз.
Свет
Зеленски кажа што очекува од Америка ако Русија го отфрли новиот мировен план
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека очекува Соединетите Американски Држави, предводени од Доналд Трамп, да извршат силен притисок врз Русија ако Москва ги отфрли мировните услови договорени со Вашингтон и Европа. Зеленски го изјави ова за време на летот назад од Берлин по вчерашните разговори, објавува Украинска правда.
На прашањето на новинарите што би се случило ако Кремљ ги отфрли договорите што ги финализираат Украина, САД и Европа, Зеленски одговори со доза на хумор.
„Ако Путин отфрли сè, тогаш ќе го имаме она што ни се случува токму сега во авионот – турбуленции. Ова навистина се случува сега“, се пошегува тој. „Но, секако, не е толку сериозно во споредба со војната. И во споредба со она што би се случило ако Путин ги уништи сите дипломатски можности и подготвеноста на Украина, Европа и САД.“
Зеленски објасни дека во ова сценарио би било логично САД да го зголемат притисокот врз Русија и да ја прошират воената помош за Украина.
„Мислам дека Америка би извршила притисок врз Русија со санкции и би ни обезбедила повеќе оружје ако тој одбие сè. Мислам дека тоа би било фер барање од наша страна кон Американците. Бидејќи, според мене, логиката е следнава: ако Американците се подготвени да обезбедат безбедносни гаранции за Украина и да применат силни гаранции ако Путин ги прекрши, тогаш искрено кажете ми како ова се разликува од ситуацијата каде што Путин едноставно не сака да ја заврши војната?“, рече Зеленски.
„Верувам дека би било фер барање од мене како претседател и од некои европски лидери да ни дадат барем дел од тие гаранции за да можеме да се одбраниме од Путин. Воздушна одбрана и оружје со долг дострел“, заклучи тој.
За време на брифингот, Зеленски откри дека по разговорите ќе бидат формализирани пет документи поврзани со безбедносните гаранции и реконструкцијата на земјата. Тој нагласи дека е постигнат „сериозен напредок“ по прашањето на гаранциите и го повтори цврстиот став на Украина дека нема да се согласи на де јуре или де факто признавање на окупираниот Донбас како руска територија. Во меѓувреме, американските медиуми, повикувајќи се на свои извори, објавуваат дека Вашингтон верува дека „90% од несогласувањата“ меѓу Украина и Русија се веќе решени.
фото/депозитфотос
Свет
„Форбс“: Богатството на Илон Маск порасна на 677 милијарди долари
Илон Маск стана првата личност чија нето-вредност надмина 600 милијарди долари, според пресметките на списанието „Форбс“ објавени во понеделникот. Зголемувањето на богатството на Маск беше поттикнато од неодамнешната продажба на акции во вселенската компанија на Маск, „Спејс икс“. „Форбс“ ја искористи цената утврдена во трансакциите за да процени повисока вкупна вредност за компанијата, што ја зголеми пресметката на уделот на Маск.
Само неколку часа претходно, „Форбс“ ја процени нето-вредноста на Маск на речиси 500 милијарди долари. Богатството на Маск е првенствено поврзано со неговите удели во производителите на електрични автомобили „Тесла“ и „Спејс икс“. За разлика од „Тесла“, „Спејс икс“ е во приватна сопственост, што значи дека цената на неговите акции не се одредува на берзата.
Во такви случаи процените се базираат на рунди на финансирање или продажба на акции од страна на вработените и може значително да се разликуваат од конечната пазарна вредност. Врз основа на цената по која вработените можеа да ги продадат своите акции „Форбс“ ја пресмета вкупната вредност на „Спејс икс“ на 800 милијарди долари, што е зголемување од претходната процена од 400 милијарди долари.
Со оглед на тоа што Маск поседува приближно 40 проценти од „Спејс икс“, ревидираната процена на Форбс ја зголеми неговата проценета нето-вредност на 677 милијарди долари.

