Европа
Избори во Шпанија, се очекуваат резултати исти како во декември
Шпанците во неделата во девет часот ги отворија избирачките места, вторпат за последните шест месеци, меѓутоа и овие повторени парламентарни избори веројатно ќе ги исфрлат четирите парии од коишто ниедна нема да добие доволно гласови за самостојно да ја составува владата.
Околу 36,5 милиони граѓани со право на глас до 21часот ќе имаат можноста да ја изменат ситуацијата од пред 189 дена, кога последен пат гласа. Четирите водечки парии, пак, не се изјаснија за можните коалиции по неделните избори.
Шпанија, земја со 20 отсто невработени, по Грција најмногу во ЕУ, мораше да организира нови избори откако главните партии не успеаја да постигнат договор и да формираат влада по изборите во декември. Доколку дојде повторно до политичка блокада, Шпанија може да остане без нова влада и до есента.
На изборите пред шест месеци беше нарушен 40 години долгиот двопартизам во текот на кој на власта се менуваа партијата од десниот центар Народна партија (Partido Popular), и партијата од левиот центар Шпанската социјалистичка работничка партија (PSOE). Двете нови партии, Можеме (Podemos) и Граѓани (Ciudadanos), успеаја да ја канализираат огорченоста од традиционалните политички партии, како и незадоволството од високата невработеност и корупциските скандали.
Анкетите пред изборите укажуваат дека парламентот и по овие парламентарни избори ќе биде поделен како и по минатите избори, на четирите споменати големи партии и шест помали. За самостојно формирање на владата, потребни се 176 од вкупно 350 мандати во парламентот, но толку пратеници ниедна партија не може да добие самата, покажуваат испитувањата на јавното мнение.
Народната партија на претходниот и сега привремен премиер Маријано Рахој, која е на власт од 2011 година, може повторно да победи со совиени 120 пратеници, но засега не може да смета на ниедна друга партија за достигнување на потребните 176 гласови во парламентот. Нејзиниот природен сојузни, партијата Граѓани, која се залага за слична економска политика и е против референдумот за независност на покраината Каталонија, добива околу 40 мандати, покажаа последните анкети. Евентуалното коалицирање би дало недоволно 160 пратеници.
Шпанската економија пораснала минатата година за 3,2 отсто, најмногу меѓу големите земји во еврозоната. Стапката на невработеноста паднала во последните три години од 26 на 20 отсто, пораснала личната потрошувачка, и стабилизиран е финансискиот систем. Благото економско закрепнување и туристичката сезона го поткрепуваат 61-годишниот Рахој кој истакнува дека за водење на државата е важно искуството кое го немаат младите лидери на опозициските партии. Рахој дојде на власт во текот на длабоката рецесија, позајми пари за паднатите банки, го намали јавниот дефицит и го либерализираше пазарот на трудот. Сега тврди дека земјата мора да продолжи во насока на закрепнувањето.
Неговите мерки за штедење, меѓутоа, оставија лузни во шпанското општество. Личните примања и натаму се помали отколку во 2008 година кога започна кризата. Оние кои сега ќе најдат работа примаат помали плати, покрај несигурноста, има многу привремени работни места, а според државната статистика 14 отсто од населението нема доволно пари за намирување на основните месечни потреби.
За младите Шпанци подеднакво се виновни и Народната партија и Социјалистите. На изборите во декември беше очигледен генерацискиот јаз, имајќи предвид дека повеќе од половината помлади од 35 години гласаа за Можеме и Граѓаните додека постарите од 54 години ги поддржаа традиционалните партии. Корупциските скандали кај народњаците и социјалистите, исто така, ги нарушија нивните кредибилитети.
Можеме, која доживува подем врз фрустрацијата на младите и која ги нарекува традиционалните партии каста, во неделата може да внесе значителен пресврт на шпанската политичка лева сцена. Имено, социјалистите кои со земјата владееја 21 од последните 34 години може првпат да падне на третото место. Во декември Социјалистите освоија 90 места во парламентот, а Можеме – 69.
Потоа Можеме со малцинската партија Обединета Левица ја основаше коалицијата Обединети можеме, која може да го освои второто место на изборите, покажаа анкетите од минатата седмица. Тоа, по победата на заговорниците за излегување на Велика Британија од Европската унија, би можело да биде вториот удар за традиционалните партии во Европа./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

