Македонија
Забрани за движење на камиони кај Радовиш а за автобуси и кај Кратово
Поради свлечиште во недела на сила е забраната за движење на тешки товарни возила на патниот правец Радовиш – Конче, на 11-от километар, а сообраќајот се одвива по една коловозна лента, а на патниот правец Кратово – Пробиштип, на излезот од Кратово, воведена е забраната за камиони и автобуси, додека патничките моторни возила се пропуштаат наизменично.
Сообраќајот на сите останати државни патишта во Македонија се одвива без забрани и застои, по наместа влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата.
Од АМСМ препорачуваат внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Берово – Виница, каде е можна почеста појава на одрони.
Поради вршење на градежни работи за реконструкција и санација на мост на река Брегалница кај селото Долни Балван, Општина Карбинци, се забранува сообраќајот во двата правци по локалниот пат село Долни Балван – село Таринци во период од јануари годинава до завршување на реконструкцијата на мостот на река Брегалница.
Од 1-ви април воведени се нови термини за насоката на движење на патниот правец кој го поврзува Скопје со Македонски брод низ Националниот пар „Јасен”. Во правец од Скопје кон Македонски Брод сообраќајот се одвива од 6:30 до 9:00 и од 16:00 до 18:00, а во правец од Македонски Брод кон Скопје сообраќајот се одвива од 5:00 до 6:00 и од 18:30 до 20:00.
Патниот правец Охрид – Ресен преку Галичица (врска со Р1307 (Царина)-врска со А3 и Р1301 (Трпејца), од месноста Корита до зимскиот центар Отешево е отворен за сообраќај. Потсетуваме дека на овој патен правец, од клучката Трпејца до зимскиот центар Отешево во двата правца, дозволен е сообраќај само за патнички возила и минибуси со вкупна маса до 3,5 тони./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Охриѓани ги разбуди земјотрес
Земјотрес со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала е почувствуван ноќеска во Охрид и околината. Земјотресот бил со Рихтерова магнитуда од 2,2, а е почувствуван во 03:18 часот.
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека епицентарот потекнува од епицентралното подрачје Пештани-Охрид-Струга на околу 105 километри југозападно од Скопје.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да одговори на кое име му е станот во Дубаи?
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека, како што велат, вистинското лице на СДСМ излегува на површина, откако по седумгодишното владеење, кое според партијата било обележано со корупција и уништување на државата и економијата, поранешните функционери ги пренасочиле своите бизниси во една од најбогатите држави во светот – Обединетите Арапски Емирати.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека по долг период на јавно укажување и неколку дена по сведоштвото дека поранешниот премиер Зоран Заев гради 42-катница во Дубаи, стигнала и потврда од претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На новинарско прашање дали заедно со Заев гради висококатница во Дубаи, Филипче одговорил дека тој не градел, што, според ВМРО-ДПМНЕ, претставува индиректна потврда на нивните тврдења и на сведоштвото на Тома Аврамски дека токму Заев е инвеститорот на 42-катната зграда.
„Признанието дека Филипче не гради, не може да се толкува поинаку освен како официјална потврда дека неговиот ментор, Зоран Заев, го проширил својот бизнис и инвестира во градежништвото во Дубаи“, соопштуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче сега треба јавно да одговори како се стекнал со таканаречената златна виза во Дубаи, со оглед дека, како што велат, досега не презентирал докази за најавуваниот работен ангажман во тамошни здравствени установи.
„Ако не градел со Заев, на кој начин се стекнал со златна виза?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, отворајќи и дилема дали станот спомнат во сведоштвото на Аврамски е во сопственост на Филипче или истиот бил префрлен на трето лице.
Партијата нагласува дека одговори ѝ должи и јавноста и Зоран Заев, кој, според нив, треба јавно да соопшти како дошол до милионите со кои инвестира и гради облакодери во Дубаи.
„Апелираме да не се одолговлекува, бидејќи вистината, порано или подоцна, секогаш излегува на виделина“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Една година затвор за обид да прегази полицаец кој сакал да го легитимира
Четириесет и шестгодишен кавадарчанец е осуден на една година затвор затоа што со автомобил удрил во полициски службеник кој сакал да го легитимира.
На 21 декември по полноќ, со возило „фолксваген“ обвинетиот не запрел на даден знак од полициските службеници, а кога на една од крстосниците во градот бил опколен од две полициски возила за да го запрат, сакал да прегази полициски службеник.
Полицаецот излегол од службениот автомобил за да го легитимира и во тој момент осомничениот се залетал кон него со возилото со голема брзина, го удрил во стомакот и левата нога, а потоа удрил и во полициската кола, по што продолжил да вози. Полицаецот од ударот се здобил со неколку телесни повреди.
Осомничениот бил приведен на 25 декември и следниот ден бил изведен пред судија каде го признал делото. Судот во Кавадарци изрече пресуда со која го огласи за виновен и го осуди на казна затвор од една година, а до правосилност на пресудата одлучи обвинетиот да биде обезбеден со мерка притвор поради опасност од бегство и можноста да го повтори делото.

