Македонија
Со новиот Закон се лустрираат стари кодоши
Со донесувањето на новиот Закон за лустрација, први на тапет на седницата се најдоа старите кодоши.
Комисијата за верификација на фактите повторно поведе постапка за Владимир Милчин и уште осум други функционери кои со стариот закон беа веќе прогласени за кодоши, но откако Уставниот суд укина некои одреди од стариот Закон за лустрација, Управниот суд по автоматизам ја укина одлуката на Комисијата.
Претседателот на Комисијата, Томе Аџиев вели дека бидејќи овие предмети биле „чисти“ затоа почнале првин со нив, додека за другите членови, предложени од опозицијата, оваа одлука на Комисијата е неуставна.
„Одлучивме да се поведе постапка за овие лица. Овие предмети се „чисти“ веќе ни се проверувани и затоа ги обработивме прво нив“ вели Аџиев.
Јанакие Витановски, член на Комисијата го нарече претседателот на Комисијата „нелегитимен, вечен и претседател на кој му е поминат мандатот“.
„Никој не може да биде суден за дело за кое веќе има правосилна одлука. Според Уставот не се суди два пати за исто дело“ рече Витановски.
Се прашуваат зошто на претседателот му се брза толку за овие предмети кога имало уште 5.000 други готови предмети за поранешни функционери.
Чедомир Дамјановски, член на Комисијата исто така смета дека ова оваа одлука е против одлуката на Уставниот суд и дека Законот се става над Уставот. Тие поднеле и писмено барање експерти по Уставно право да им помогнат за да ги надминат разликите, но претседателот не прифатил.
Новиот Закон за лустрација стапи на сила во вторник, а овој закон предвидува имињата на соработниците на тајните служби да бидат јавно објавени, нивните досиеја, документите и службените белешки. И покрај тоа што Уставниот суд ги укина одредбите кои предвидуваа лустрација за поранешни функционери, припадници на невладини организации.
Законот ќе го опфаќа периодот до 2006 година, односно од примената на Законот за слободен пристап до информации. Новина е лустрирањето на лицата кои стекнале капитал во претпријатија со општествена сопственост, согласно Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.
Новинарите, верските лица, невладините организации и членовите на политичките партии со новите одредби немаат обврска да поднесат изјави до Комисијата за лустрација.
Обврска за поднесување изјава до Комисијата ќе имаат сите поранешни и актуелни носители на јавни функции, Претседателот на државата, премиерот, министрите, пратениците, судиите, јавните обвинители, Народниот правобранител, адвокати, нотари, медијатори, директори на јавни претпријатија, членовите на МАНУ, воените лица, вработени во високо образовните институции./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Прилеп е лидер во селекцијата на отпадот
Прилеп е лидер во селекцијата на отпадот со што може подготвено да го пречека почетокот на работата на Регионалната депонија во Југозападниот дел во Македонија.
Во градот веќе стигнаа нови контејнери, канти за селекција во домаќинствата, а до јуни ќе стигнат и 9 возила преку проектот на Министерството за животна средина. Во моментов се работи на урбанизиран Собирен центар за отпад по европски терк. Таму граѓаните ќе го носат сиот отпад што не го собира претпријатието.
-Собирниот центар за граѓаните, за бизнис секторот ќе значи еден комплекс каде сите самоиницијативно ќе може да донесат различни видови отпад кој не го собира комуналното претпријатие: санитарија, дограма, отпадни гуми, електричен и електронски отпад. Собирниот центар кој ќе се урбанизира е европски принцип на градба, ќе биде по принципот на боксови, контејнери од 5 кубни метри и прес-контејнери, објаснува Лилјана Силјаноска, лице за односи со јавност во ЈКП „Комуналец“ од Прилеп.
Селекцијата, потенцира, е клучна за новата Регионална депонија.
-Кога ќе почне да функционира Регионалната депонија за управување и депонирање на отпадот, комуналното претпријатие ќе плаќа за сиот отпад што таму ќе се транспортира и депонира. Колку отпадот е поселектиран, цената ќе биде пониска и обратно. Затоа е клучна селекцијата. Цените, инаку, ќе ги одредува регулаторна комисија, појасни Силјаноска.
Напролет ќе профункционира и Фабриката за селекција на отпадот кај постојната градска депонија. Во дражавава се потребни повеќе рециклирачки центри за да се откупува отпадот, па да се извезува.
– Сите овие проекти што се во тек, или во завршна фаза, или реализирани, или, пак, во форма на техничка документација ќе значи дека општина Прилеп мора да биде подготвена со реализирани и изградени проекти до отворањето на идната Регионална депонија. Да потсетиме, Прилеп ќе има претоварен центар за четирите општини: Прилеп, Кривогаштани, Долнени и Крушево, вели Силјаноска.
Дневно во Прилеп се собираат 60 до 80 тони отпад, а годишно околу 30 000 тони, а околу 1000 тони отпаден материјал се продава.
Македонија
Алиу: Примарната цел на законот е да ги превенира штетните последици од пушењето
Новиот предлог-закон за заштита од пушењето предвидува мерки за подигнување на јавната свест и поддршка за прекин на зависноста. Пораката која ја испраќаме е дека системот им помага на пушачите да се откажат од пушењето, без притоа да бидат стигматизирани, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Предвидени се, додава, законски обврски за спроведување превентивни програми за откажување од пушењето, советувања и едукации, како и целокупна поддршка во процесот на откажување од оваа зависност.
-Зависноста од никотин претставува медицински и јавноздравствен проблем. Докажано е дека превенцијата е поефикасна и поевтина од лекувањето, така што примарната цел на овој закон не е да казнува, туку да ги превенира штетните последици од пушењето, посочува Алиу.
Воедно, како што вели, во рамки на законските одредби јасно се утврдени надлежните инспекции, санкциите за непочитување, како и улогата на локалните власти во спроведувањето на законот.
Македонија
Државата наплати данок од над 2 милиони денари од донациите за настраданите во пожарот во Кочани
Иницијативата „Супорт Кочани“ ја реализираше третата распределба на средства собрани преку заедничката наменска сметка за донации. На лица директно погодени од трагедијата во „Пулс“, распределени се вкупно 3.153.204 денари. При тоа, 123 лица добиле по 15.968 денари, а кај други 19 лица, кај секој, распределени се по 45.992 денари. На име на персонален данок (ППД) се исплатени 319.292 денари.
Ова вчера го соопштија волонтерите од „Супорт Кочани“, иницијатива формирана веднаш по катастрофалниот пожар од 16 март минатата година во кочанската дискотека „Пулс“.
Средствата од третата распределба преку заедничката наменска сметка се донации кои потекнуваат од Македонската православна епархија за Европа и од ослободена провизија од НЛБ Тутунска банка.
Со оваа распределба, процесот на директна финансиска поддршка продолжува во согласност со принципите на транспарентност, отчетност и правична распределба, порачуваат волонтерите.
Во трите распределби до сега, преку иницијативата „Супорт Кочани“, на 142 лица кои потпишале потреба за помош им се донирани во бруто износ вкупно 22.742.997 денари. Од оваа сума на име персонален данок (ПДД), исплатени се вкупно 2.274.285 денари.

