Свет
Ни САД, ни Израел не се способни да почнат војна против Иран

За напад врз Иран, САД немаат оправдување, а Израел – доволно сила, па затоа военото сценарио околу Исламската Република според него е малку веројатно, рекол иранскиот претседател Ахмадинеџад.
За напад врз Иран, САД немаат оправдување, а Израел – доволно сила, па затоа военото сценарио околу Исламската Република според него е малку веројатно, рекол иранскиот претседател Ахмадинеџад, во интервју за рускиот телевизиски канал на англиски јазик Russia Today.
Оваа изјава на иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад се однесува на изјавата од почетокот на август, што ја даде началникот на Здружениот генералштаб на вооружените сили на САД,, адмирал Мајкл Мален кој тогаш рече дека САД имаат план во случај на развој на настаните околу Иран. Сепак, адмирал Мален изрази надеж дека „ до тоа нема да дојде“.
Изјавата на американскиот адмирал дојде речиси истовремено кога Ахамдиенџад му предложи на својот американски колега Барак Обама да се сретнат во септември и да дискутираат за актуелните меѓународни прашања.
„Апсолутно е јасно дека во САД не се во состојба да започнат уште една војна. Морам да кажам дека САД претпочитаат да водат разговори не од некои логички позиции, туку од позиција на притисок. Од логичка гледна точка, САД немаат никаква основана причина да го нападнат Иран. Покрај тоа, за таков напад нема услови. Дали актуелните состојби на Блискиот исток дозволуваат почнување нова војна? Таква можност во моментов едноставно не постои“, рекол Ахмадинеџад.
Коментирајќи во врска со изјавата на адмиралот Мален за постоење американски план за напад врз Иран, Ахмадинеџад изјавил дека неговата земја е подготвена да се брани, повторувајќи дека и покрај тоа што Техеран смета дека тоа е малку можно сценарио.
„Ако, спротивно на очекувањата, сепак започнат војна, ние ќе бидеме подготвени да се одбраниме. Но истовремено сметаме дека ништо посебно нема да произлезе од тоа“, додал иранскиот претседател.
Запрашан за можен израелски напад врз Иран, Ахмадинеџад вели дека Иран не може да биде нападнат ни од таа земја, ниту од која друга земја.
„Израел е многу мал. Ние не го земаме предвид. Тие се премногу слаби да го нападнат Иран, и притоа знаете дека доколку не нападнат Израел ќе биде уништен“ вели Ахмадинеџад./крај/рт/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Наришкин: Западните земји се обидуваат да предизвикаат распад на Заедницата на независни држави

Западните земји се обидуваат да предизвикаат распад на Заедницата на независни држави (ЗНД), изјави шефот на руската Служба за надворешно разузнавање (СВР) Сергеј Наришкин.
ЗНД моментално вклучува девет земји-членки: Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Русија, Таџикистан, Молдавија и Узбекистан. Украина и Туркменистан имаат статус на учесници во организацијата. Основана во 1991 година по распадот на Советскиот Сојуз, организацијата има за цел да промовира соработка по економски, политички и безбедносни прашања меѓу своите членови.
Зборувајќи пред новинарите за време на состанокот на лидерите за безбедност и разузнавање во Самарканд, Узбекистан, во петокот, Наришкин рече дека европските сили активно работат на спречување на растот на организацијата.
„Во Европа дејствува глобална воена партија, која се обидува да спречи воспоставување траен и праведен мир на континентот, со еднаква и неделива безбедност за сите – како што инсистира Русија“, рече тој.
Според шефот на СВР, Русија ги забележала обидите на одредени западни земји „да предизвикаат распад“ на ЗНД.
„Во овој контекст, западните политичари имаат за цел да го спречат развојот на Заедницата на независни држави како независен и самоодржлив центар на моќ“, додаде тој.
Наришкин вели дека западните разузнавачки агенции користат широк спектар на алатки за економска агресија во голем обем, вклучувајќи кампањи за дезинформации и деструктивна употреба на кибер просторот.
Александар Бортников, шеф на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), во четвртокот изјави дека земјите од НАТО стојат зад појавата на таканаречените „руски беспилотни летала“ во европскиот воздушен простор. Тој рече дека провокациите се случуваат заедно со реториката за „источна закана“ и напорите за изградба на европска коалиција за испраќање војници во Украина.
Фото: принтскрин
Свет
Дмитриев: Да изградиме тунел „Путин – Трамп“, што ќе ги поврзе Русија и САД под морето

Русија и Соединетите Американски Држави треба да изградат железнички тунел „Путин-Трамп“ под Беринговото Море што би ги поврзал двете земји, би започнал заедничко истражување на природните ресурси и би „симболизирал единство“, рече советникот на Путин.
Предлогот на Кирил Дмитриев, инвестициски советник на Путин и раководител на државниот фонд RDIF, се однесува на проект за изградба на железница од 112 километри вредна осум милијарди долари што би ја финансирале Москва и меѓународните партнери.
Дмитриев ја презентираше идејата во четвртокот по телефонскиот разговор меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, за време на кој тие се согласија да се сретнат во Будимпешта.
Долгата историја на идејата за поврзување на континенти
„Врската помеѓу САД и Русија под Беринговото Море е одраз на долгогодишна визија, од железницата Сибир-Алјаска од 1904 година до рускиот план од 2007 година. RDIF ги анализираше постојните проекти, вклучувајќи ја и железницата САД-Канада-Русија-Кина, и ќе го поддржи оној што е изводлив“, напиша Дмитриев на X.
Беринговиот теснец, кој е широк 82 километри на најтесната точка, го одделува рускиот регион Чукотка од Алјаска. Идејата за поврзување на двете територии е стара 150 години, но никогаш не е реализирана.
Дмитриев посочи дека тунелот може да го изгради градежната компанија The Boring Company во сопственост на Илон Маск. Ниту Маск ниту Трамп досега не го коментираа предлогот.
Дмитриев потсети дека за време на Студената војна се појавила слична идеја, Мостот на мирот Кенеди-Хрушчов, и објави нацрти на проектот од тоа време, како и графички приказ на можната рута на тунелот Чукотка-Алјаска, пишуваат медиумите.
Фото: принтскрин
Свет
Путин го предупреди Трамп: Ракетите „томахавк“ сериозно ќе ги нарушат односите меѓу Москва и Вашингтон

Рускиот претседател Владимир Путин, за време на телефонскиот разговор синоќа, го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп да не ѝ испорачува крстосувачки ракети „томахавк“ на Украина.
Разговорот, кој траеше околу два часа, се чини дека го омекна сè поостриот став на Трамп кон рускиот лидер. Во последните недели Трамп сè повеќе отворено разговараше за можноста за испраќање ракети со долг дострел во Киев.
Кремљ соопшти дека Путин го предупредил Трамп дека испораката на „Томахавк“ – еден од најважните системи за оружје што го бара украинскиот претседател Володимир Зеленски – сериозно ќе ги наруши односите меѓу Москва и Вашингтон.
„Владимир Путин го повтори својот став дека ‘томахавк’ нема да ја променат ситуацијата на бојното поле, но ќе предизвикаат значителна штета на односите меѓу нашите земји, а со тоа и на перспективите за мирно решение“, рече советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, според „Киев индипендент“.
Трамп сè уште не изгледа подготвен да донесе одлука за испраќање ракети во Украина.
„Ни требаат ‘томахавки’ за Соединетите Американски Држави. Имаме многу од нив, но ни требаат и тие. Мислам, не можеме да ја исцрпиме сопствената земја“, им рече тој на новинарите во Овалната соба.
„Не знам што би можеле да направиме во врска со тоа“, додаде американскиот претседател.
Фото: ЕПА