Македонија
Антикорупциска ќе поднесе прекршочни пријави против повеќе функционери

Државната комисија за спречување на корупција денеска соопшти дека ќе поднесе прекршочни пријави против службените лица не доставиле изјави за спречување на судир на интереси до предвидениот рок, а казната за неисполнувањето на оваа законска обврска ќе биде од 1000 до 3000 евра.
Државната комисија за спречување на корупција денеска соопшти дека ќе поднесе прекршочни пријави против службените лица кои не доставиле изјави за спречување на судир на интереси до предвидениот рок, а казната за неисполнувањето на оваа законска обврска ќе биде од 1000 до 3000 евра. „Со оглед на тоа дека веќе е истечен рокот за доставување на изјава за судир на интереси, а имајќи во предвид дека станува збор за нова законска обврска ДКСК ќе поднесе прекршочни пријави против оние службени лица кои не ја исполниле истата“, изјави претседателот на Антикорупциска комисија , Илми Селами. Прекршочна пријава ќе биде поднесена против пратеникот Ристо Стојанов од ВМРО-ДПМНЕ бидејќи не доставил до Антикорупциска комисија изјава за судир на интереси. Останатите 119 пратеници ја исполниле оваа законска обврска до определениот рок. Од ДКСК информираат дека сите членови на владата, министри и заменици таа обврска ја исполниле навремено. Селами соопшти дека против 26 судии ќе бидат поднесени прекршочни пријави, поради недоставување на изјави за судир на интереси. Во категоријата на судии , од Управниот суд на Република Македонија еден судија нема доставено изјава за судир на интереси, и против него е покрената прекршочна постапка, а тоа е судијата Исамедин Лимани. Од Апелациониот суд Битола Битола постапка се покренува против Љубе Стојановски. Од Апелациониот суд Штип, се покренува постапка против Кирче Донев, од Основен суд Скопје 1- Скопје не доставиле изјава за интереси шест судии и тоа: Вангелина Маркудова, Милан Доганџиски, Ивица Стефановски, Оља Ристова, Кадрие Селмани и Јетмир Ајдили. Од Основен суд Скопје 2- Скопје прекршочни пријави се покренати против тројца судии: Верица Црнцаревска, Мирјана Намковска и Милка Панковска, од основен суд Тетово се покренува против двајца судии: Бетим Јахја и Драган Ѓеровски. Од Основен суд Прилеп против тројца судии: Жарко Велевски, Зоран Стевановски, Никола Крстевски. Од основен суд Охрид судијата Иво Поповски не доставил изјава и против него ќе биде покрената прекршочна пријава. Од основен суд Свети Николе изјава за судир на интереси не доставила Валентина Буровска, а од Основен суд Кратово изјави не доставиле : Миле Стојменовски, Милчо Лазов, Ружица Здравковска и Николчо Симонов. Против Нуки Јусуфи и Феми Арслани од Основен суд Гостивар ДКСК ќе покрене прекршочни пријави. Од основен суд Дебар изјава нема доставено судијата, Мухамед Баланс. „Од категоријата градоначалници од вкупно 85 градоначалници , изјава не доставиле 13 поради што ДКСК покрена против нив прекршочни постапки.Тоа се градоначалниците на: Штип, Карбинци, Сопиште, Зелениково, Старо Нагоричане, Бутел, Теарце, Тетово, Делчево, Чашка, Центар Жупа, Валандово, Ресен“, рече Селами. Членовите на Антикорупциска комисија изразија загриженост поради големиот број на членовите на совет на општини низ Република Македонија кои досега не ја испочитувале обврска за достава на изјава за судир на интереси. Вкупно 569 советници немаат поднесено изјави за интереси. Општини во кои сите советници имаат поднесено изјави за интереси се: Лозово, Кичево, Богданци, Осломеј, теарце, Гевгелија, Облешево, Зрновци, Свети Николе, Македонски Брод, Петровец, Новаци ,Маврово, Ростуше, Штип и Долнени. Општини во кој сите советници немаат поднесено изјави за интереси: Градско, Ново Село, Демир капија , тетово, Охрид, Валандово, Зајас, Студеничани, сопиште, Росоман, Струга, Зелениково и Арачиново./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Адеми: Мицкоски сака да биде тој, кој одлучува за, и во име на Албанците

Синоќа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред целата јавност јасно ја откри суштината на неговата политика: “Целта на овие избори е ДУИ да исчезне од политичката сцена.”. Со Ова Мицкокси ја потврди веродостојноста на се она што ДУИ го зборува со месеци наназад, Мицкоски сака да биде тој кој одлучува за и во име на Албанците, истакна на прес-конференција потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.
Како што вели, идејата на Мицкоски, кој е маша во рацете на српскиот свет, е да спречи обединување и моќно претставување на Албанците. Само така, додава Адеми, ќе може тој и неговите патрони од северот да продолжат да го понижуваат албанскиот народ, а во власта да имаат понижени и слаби Албански политичари како ВРЕДИ кои ќе молчат само за да ги зачуваат своите фотељи.
„Мицкоски не сака да победи на избори, туку да избрише цела една политичка идеја за рамноправност, цел еден народ од јавниот од политичкиот живот на Македонија.
Кога Мицкоски вели “ДУИ да исчезне”, тој вели дека Албанците немаат право сами да одлучуваат кој ќе ги претставува. Тој вели дека е време некој друг – поточно тој – да одлучи кој е прифатлив Албанец, кој може да седи на масата, а кој не. Тоа е обид за политичко чистење кое опасно ќе му се удри по глава.
Мицкоски треба да знае дека Албанците сами бираат кој ги претставува и дека со овие изјави ја отвори вратата на пеколот кој му следи на 19 октомври. На 19 октомври неговите пудлици од ВЕЛН ќе претрпат страотен пораз. На 19 октомври Мицкоски ќе ја дознае моќата и поривот на Албанците да не трпат наметнати решенија. Еднаш вака згреши Заев, истата грешка ја прави и Мицкоски“, порачува Адеми.
ДУИ, додава тој, можеби не била совршена, но ДУИ, како што вели, отсекогаш била изборот на Албанците.
„Не на Мицкоски. Не на централните штабови на ВМРО. Не на структури кои сакаат покорни Албанци кои ќе креваат рака кога ќе им се каже.
Токму затоа на 19 октомври Албанците јасно ќе кажат: Никој, апсолутно никој, нема право да го избира политичкиот претставник на Албанците, освен самите Албанци.
Најтрагично е што ВРЕДИ е неговата алатка. ВРЕДИ е неговиот проект за контролирана албанска политичка сцена. ВРЕДИ се неговиот тројански коњ во Чаир, во Тетово, во Струга. Граѓаните тоа го гледаат, чувствуваат и знаат.
Нашата порака е јасна: Ние нема да исчезнеме, нема да се поклониме, нема да дозволиме некој друг да го избере нашиот пат“.
Македонија
Пред убиството Росица го пријавувала Стефановски за насилство и непочитување на забраната за приближување, го запалил и автомобилот на татко и’

Против Илија Стефановски, осомничен за убиството на Росица Коцева (31) и нејзиниот татко Киро Коцев (68) во Велес, претходно биле поведени повеќе постапки за закани и насилство, соопшти Основното јавно обвинителство.
На 10 април 2025 година, обвинителството поднело Обвинителен предлог за два настана: загрозување на сигурноста (чл. 144 КЗ) од 20 февруари 2025 година, насилство (чл. 386 КЗ) од ноќта меѓу 3 и 4 март 2025 година, кога на партнер на оштетената му била нанесена полесна телесна повреда.
Во рамките на таа постапка било направено психијатриско вештачење. Вештото лице утврдило дека Стефановски не боледува од душевна болест, бил пресметлив во моментот на делата и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност кон оштетената.
На 10 септември 2025 година, Основниот суд Велес го огласил за виновен и му изрекол условна казна, со укинување на повеќето мерки на претпазливост. На сила останала само мерката забрана за приближување и контакт со оштетената и нејзиниот партнер, сè до правосилноста на пресудата. Одлуката штотуку пристигнала во обвинителството, кое сè уште немало можност да се произнесе со евентуална жалба.
Во меѓувреме, на 21 мај 2025 година, оштетената поднела нова пријава против осомничениот за неизвршување судска одлука. Таа навела дека, и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство во граѓанска постапка, тој продолжил да ѝ испраќа пораки и фотографии и на 18 мај се приближил до нејзиниот дом, при што го одзел и запалил автомобилот на нејзиниот татко. По оваа пријава, обвинителството ја сослушало оштетената и издало наредби за прибирање докази од телефонска комуникација, како и четири наредби до МВР за обезбедување снимки од видео надзор на различни локации во Велес.
Покрај тоа, на 25 март 2025 година, оштетената го пријавила Стефановски и во ОЈО Скопје за настан од 27 декември 2024 година. Според пријавата, за време на патување во Бугарија и по враќањето во Скопје, тој се обидел да ја задржи во стан и ѝ нанел лесна телесна повреда (чл. 130 КЗ). Истовремено, и осомничениот поднел пријава против оштетената, тврдејќи дека лажно го пријавува за да му изнуди пари.
Иако настанот бил пријавен три месеци по случувањето, ОЈО Скопје прибавило медицинска документација и други докази. Пријавата на Стефановски за лажно пријавување била отфрлена, а постапката по пријавата на Коцева продолжила. На 9 септември 2025 година, таа дала исказ во обвинителството и потврдила дека останува на предлогот за негово гонење.
Вчера беше објавено со повеќе повреди од остар предмет починаа 31 годишна велешанка и нејзиниот 74 годишен татко, а стрителот 39 годишен скопјанец поранешен партнер на девојката се самоубил со тврд остар предмет.
Македонија
На аеродромот во Скопје спречен обид за шверц на 27,5 килограми тутун за наргиле

Мобилен царински тим на граничниот премин Меѓународен аеродром „Скопје“, на влез во државата, спречи обид за шверц на дури 27,5 килограми ароматизиран тутун за наргиле, што требало да заврши на македонскиот пазар. Со оваа акција е спречен обид за нелегална трговија со тутун, како и обид за избегнување плаќање давачки за акцизна стока во висина од 138.435 денари, соопшти Царнската управа.
Во случајот, против едно лице, државјанин на Турција, се води соодветна постапка, а тутунот е запленет.
„Случајот е откриен кога, поради сомневање, мобилен тим го селектира и изврши контрола на патникот, при што во куферот и во личната торба во негова сопственост беше пронајден ароматизиран тутун за наргиле со вкупна тежина од 27,5 килограми.
Нелегалниот тутун го загрозува здравјето на граѓаните и ја поткопува легалната трговија и оттука Царинската управа во континуитет спроведува акции со цел спречување обиди за шверцување тутун и тутунски производи“.