Изложби
Во Њујорк изложба посветена на контроверзната изложба Armory 1913
Точно еден век откако во Њујорк меѓународната изложба на модерната уметност Armory Show 1913 го означи пресвртничкиот момент во американската историја на уметноста, во њујоршкиот музеј и библиотека „Historical Society“ во петокот беше отворена изложбата на тој контроверзен уметнички настан кој прикажува стотина трудови на истакнати европски авангардни уметници од тој период ко биле вброени и во оригиналната изложба.
Според промотивниот материјал за изложбата објавен на интернет страницата на „Historical Society“, изложбата под наслов „Сто години од изложбата Арсенал: Модерната уметност и револуција“, којашто ќе трае до 23-ти февруари 2014 година, ќе се обиде повторно да го креира во Њујорк, иако денес со малку послаб интензитет, искуството што во 1913 година и шокирало жителите на американската културна престолнина и им ја претстави европската авангарда.
Имено, во 1913 година во Њујорк пристигнале делата на Марсел Душамп, Анри Матис, Пабло Пикасо и Франсис Пикабл, на Меѓународната изложба на модерната уметност Armory Show, во организација на помала група американски уметници собрани под насловот Association of Painters and Sculptors. Изложбата која се одвивала во просторите на Оружарницата (Арсенал – Armory) на авенијата Лексингтон (од каде и потекнува насловот), и` го преставила на американската јавност првпат европското авангардно сликарство и вајарство.
Изложбата, пак, којашто сега е поставена во „Historical Society“ претставува обид да се направи анализа на тој преломен момент кој предизвикал тектонски промени во американската култура, политика и во воопшто во тамошното општество.
Многу изложени дела таа изложба биле трудови на американски уметници, како „Sunday, Women Drying Their Hair“ на Џон Слоан и „Landscape with Figures“ на Морис Прендергаст, а биле вброени и дела на импресионистите како Пјер-Огис Реноар, и претходниците на модернизмот кои американската публика веќе имала можност да го прифати, меѓу кои на Пол Сезан, Пол Гоген и Винсент ван Гог. Меѓутоа, она што ја шокирало американската јавноста навикната на класична уметност била европската авангарда, која била доживеана како закана за тогашните идеали на традиционализмот и естетиката. Опфатени биле и некои рани дела кои организаторите ги вброиле за да го прикажат развојниот пат на модерната уметност кој довел до контроверзните апстрактни дела кои во Armory целосно ја потресле американската публика.
Сето тоа е опфатено и со новата изложба, којашто, исто така, настојува да го анализира односот на претставените уметници и реакцијата на публиката на нивните дела, како и од историски аспект да го согледа тој денес легендарен уметнички момент во контекстот на њујоршкото уметничко милје од раниот XX век, вклучувајќи ги и почетоците на филмската уметност, како и политичката и економската атмосфера.
„Не можевме да дозволиме овој важен јубилеј да мине незабележано, таа изложба е веројатно најважниот уметнички и историски пресвртен настан во Америка“, вели за Reuters Мерилин Сатен Кушнер една од кустосите на изложбата.
Вели дека во таа 1913 година, ремекделото на Душамп „Nude Descending a Staircase“, настанато претходната 1912 година во Њујорк наишло на општ потсмев, дисторзираната женска форма „Blue Nude“ на Матис од 1907 година е оценета како изопачена, а „ Dances at the Spring“ од 1912 година на Пикаби е споредувана со традиционалниот американски пачворк (техника на текстилен мозаик).
„Изложбата ќе се обиде да ѝ појасни на денешната публика што се случувало во 1913 година во Њујорк, бидејќи тоа не е можно да се сфати доколку не го разбирате контекстот на Њујорк од тој период, ерата на откритијата, слободата, независноста, времето на уличните маршеви во борбата за женските права“, вели уште Кушнер./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро
Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.
Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.
Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.
Изложби
„Фрагментирана интроспекција“ – изложба на скулптури на Слободан Милошевски во Неготино
На 23 мај 2024 од 19:30 часот во изложбениот салон на Музеј на град Неготино ќе биде отворена изложбата „Фрагментирана интроспекција“ од авторот Слободан Милошески.
Изложбата е составена од 14 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните две години во материјал инокс. Публика ќе има прилика да ја посети изложбата до 1 јуни.
„Фрагментирана интроспекција“ е технички умешна и концептуално богата изложбена поставка која ја истражува сложената врска помеѓу нашето Јас, перцепцијата и идентитетот. Го ангажира гледачот и на интелектуално и на емоционално ниво, поттикнувајќи подлабоко истражување на сопственото битие. Оваа изложба е доказ за умешноста на уметникот и неговата способност да пренесува сложени и длабоки концепти преку медиумот на метал, што резултира со прекрасни уметнички дела кои предизвикуваат контемплација.“ – вели историчарот на уметност проф. д-р. Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.
Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „Скулптура“.
До сега има реализирано 30 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 90 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година , Награда за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година , нагадата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година. и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптураи на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски,
Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот Балкански Универзитет, сите во Скопје.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Изложби
Мице Јанкуловски ја отвори изложбата во Букурешт
Синоќа, во 19 часот, беше отворена самостојната изложба на слики од Мице Јанкуловски, „Надвор од црното“, во галеријата „Галатека“ во Букурешт.
Автор на концептот е Корнелија Конеска, а куратор – Анка Боериу, универзитетски професор на Националниот универзитет за уметност на Романија.
За уметничкото творештво на Јанкуловски
Како уметник повеќе од пет децении Јанкуловски континуирано е посветен на истражувањето во областа на сликарството и цртежот, но експериментирал и се претставувал преку повеќе уметнички дисциплини (сликање на стакло, карикатура, анимиран филм, палиндроми…) заради што меѓународната професионална јавност го препознава како мултимедијален уметник. Во своето уметничко дело тој постојано ги истражува формата, просторот, бојата, небојата и движењето како елементи што се повторуваат.
Јанкуловски првенствено се занимава со истражување или поточно барање на разните форми, кои ги поставуваат темелите за создавање уметност. Неговите интереси вклучуваат испитување на врските меѓу формите и просторот, нивното заемно влијание и како формите се движат во даден простор. Кога се набљудуваат неговите слики и цртежи, може да се забележи дека доминантни се геометриските форми, но на крајот тие еволуираат во поорганска и невоздржана форма. Рабовите на овие форми играат клучна улога во дефинирањето на просторот и овозможуваат тој да функционираат како кохезивна целина.
Последната фаза на концептуални слики на Јанкуловски се одликува со монохроматичност, модуларност, мултипликација и минимализам. Уметникот користи систематски пристап за примена на основни форми, како што се кругови, квадрати и триаголници на големи квадратни платна, користејќи само црна боја. Формите се создаваат со правење шари на намази од дебел слој црна боја. Во зависност од тоа дали намазите се нанесуваат на заднината или на самите форми, се постигнува дополнителен впечаток на позитивно/негативно. Серија од дела се создава со мултипликација на формите во платната, како и со мултиплукација на самите платна, што резултира со големи концептуални дела, како полиптиси.
Веднаш треба да се забележи дека црното, т.е. небојата, како што понекогаш се дефинира, е единствениот протагонист на делото… покрај светлината како составен дел на конечниот резултат.
Во однос на просторната организација на концептуалните дела од повеќе делови, Јанкуловски секогаш се труди да обезбеди можност за нивно читање, без разлика на позицијата на деловите, за да може да се набљудуваат поставени на разни начини – резултат на неговиот првичен интерес за палиндромите (зборови што се читаат исто и напред како назад).
Индивидуалниот творечки потпис во делата на Јанкуловски се стреми кон контемплативност и медитативност со претставување на постојаната различност на универзалниот поредок. Неговата потреба да ги пренесе горенаведените односи во (речиси) дводимензионални дела е на ниво на филозофска интерпретација, при што секое дело има своја приказна и отвора мноштво нови димензии.
Неговото најново уметничко творештво е истражување со карбон (познатата најцрна боја) – боја откриена со најновите нанотехнологии, која обезбедува поглед во непознатото надвор од сè што досега е познато за црното.
За изложбата „Надвор од црното“
Основниот мотив на изложбата е визуелен одговор на прашањето: „Што има надвор од границите?“
Наспроти белата боја (која ги рефлектира сите бои), црната ги апсорбира сите бои и се доживува како граница каде што сите бои завршуваат. Дали е така? Што е зад или подобро надвор од црното? Според перцепцијата на Јанкуловски – повеќекратна реалност!
Концептот на изложбата е една од тие реалности. Главните атрибути на неговото уметничко дело му дозволуваат да прави бескрајни варијации и разни реалности, но како докажан минималист ги постигнува со минимални елементи. Како и секогаш, тој користи само црни квадратни платна со разни растери со црн акрилик. Конечниот резултат се постигнува со мултипликација на формите и со комбинација на модуларните (претходно обмислени) формати на платната распоредени во полиптиси.
Изложени дела:
„Ноќите на Тоскана“, 2019 (сегмент)
Полиптих од 10 слики, акрилик на платно, 195 x 1.950 cm (195 x 195 cm/секоја)
„Круговите на Леонардо“, 2020 (сегмент)
Полиптих од 4 слики, акрилик на платно, 195 x 780 cm (195 x 195 cm/секоја)
„Хоризонтален свет“, 2021 година
Полиптих од 4 слики, акрил на платно, 195 х 390 см (97,5 x 97,5 cm/секоја)
„Дијагонален свет“, 2021 година
Полиптих од 4 слики, акрил на платно, 195 х 390 см (97,5 x 97,5 cm/секоја)