Политика
ВМРО ДПМНЕ промовираше нови проекти за млади – вработување на студенти, стипендии за средношколци, скејт паркови…
Нови проекти за младите најави во петок претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, говорејќи пред присутните во Младинскиот културен центар.
Првиот проект е вработување на 100-те најдобрите студенти на додипломски студии.
„Значи автоматско, законско, директно вработување на 100-те најдобри студенти на додипломски студии. Со оваа мерка, најдобрите 100 веднаш по комплетирање на своето образование ќе добијат работа и сигурна егзистенција. Ова е најсилен поттик за оние кои се трудат и инвестираат во своето образование“, рече Груевски.
Вториот проект што го најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е проектот наречен “Млади амбасадори” со кој на средношколците, кои доколку освојат награда на една од 12-те меѓународни научни олимпијади ќе им се додели стипендија во текот на 12 месеци по освојувањето на наградата.
„За освоен златен медал, по 12 000 денари месечно секој месец во текот на целата година, за освоен сребрен медал, 10 000 денари месечно, за освоен бронзен медал, 8 000 денари месечно секој месец во текот на целата година. Истата награда што ќе ја прима ученикот ќе ја прима и наставникот по математика кој што го водел ученикот и го оспособил до тоа ниво да може да освои таква меѓународна награда“, рече Груевски.
Третиот проект е изградба на нови скејт паркови во Штип, Кавадарци, Охрид, Тетово и Куманово
„Со овој проект ќе се изградат нови скејт паркови во кој младите кои се занимаваат со екстремни спортови ќе можат да ги развиваат своите вештини како и нивните врсници во Европа и во Светот. Во овие паркови ќе има повеќе рампи за возење и скокалници кои ќе можат да се користат“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој како четврт проект најави возобновување на уникатниот отворен амфитеатар со 9.000 седишта во локалитетот Скупи во рамките на Скопје.
„Целта на проектот кој ќе се реализира е целосна реконструкција, врз основа на сочуваните архитектонски елементи и преку аналогија со театри кои се блиску со амфитеатарот во Скупи, со што би се овозможило ревитализација на објектот и негова презентација пред пошироката културна јавност преку одржување на културни манифестации со капацитет од 9.000 седишта“, рече Груевски.
Петтиот проект е комплетно реновирање на градската библиотека Браќа Миладиновци во Скопје.
„Сo проектот за реконструкција се предвидува ставање во употреба и на вториот кат од градската библиотека „Браќа Миладиновци“ кој што долг период е вон функција, што ќе го зголеми капацитетот за над 200 места за користење на библиотеката. На вториот кат ќе бидат во функција и кабини за индивидуално учење и простории за групно учење. Ќе има на располагање и просторија со 10-тина компјутери“, рече Груевски.
Како шести проект, Груевски најави целосна реконструкција и ставање во функција на Офицерски дом – Битола.
„Во изминатиот период токму околу овој објект се крена големо внимание. И би сакал да истакнам и да е совршено јасно, ние никогаш не би превземале ниту еден чекор со кој би наштетиле на граѓаните, ниту, пак, да се затвориме и да не го слушаме нивното мислење. Нивните потреби, ни се најважни и затоа ние сме отворени и затоа младите во Битола, и сите битолчани ќе добијат репрезентативна и целосно реконструирана зграда на офицерскиот дом. Го слушаме гласот и волјата на битолчани“, истакна Груевски. /крај/мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Политика
Седница на ИО на СДСМ: почнуваат да течат статутарните рокови за организирање нови директни внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ
На 23 седница, Извршниот одбор на СДСМ донесе неколку одлуки и заклучоци. Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на седницата го потврди повлекувањето од функцијата Претседател на СДСМ и иницираше свикување отчетен Конгрес.
„Согласно член 68б од Статутот и повлекувањето на претседателот на партијата Извршниот одбор заклучи дека почнуваат да течат статутарните рокови за организирање нови директни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ.
Бидејќи избраната Централната изборна комисија согласно Статутот се уште има мандат, во истиот состав ќе ја спроведе постапката за нови непосредни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ.
Извршниот одбор ја задолжи Централната изборна комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на месец јуни во транспарентна и демократска постапка.
Извршниот одбор донесе одлука за формирање на Работни групи за активна регистрација на членството за гласање на директните внатрепартиски избори како и за организација на отчетен Конгрес на СДСМ, согласно Статутот.
Членовите на Извршниот одбор, како и членовите на раководството на СДСМ, заменик претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациониот секретар, секретарот за меѓународна соработка, поднесоа оставки од функциите.
Воедно, согласно поднесените оставки се повикуваат и членовите на Централниот одбор да го следат примерот како морален чин на одговорност.
Со повлекувањето на претседателот на СДСМ, сите претседатели на Општински организации и претседателот на Градската организација се во оставка со глед на фактот дека се именувани од страна на претседателот, а нивната функција ќе ја извршуваат до избор на нови“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Мециновиќ: На носителите на ЗНАМ, на личните профили им стојат слики со Заев и Пендаровски
– На носителите на ЗНАМ, уште на личните профили им стојат слики за поддршка на Заев и Пендаровски. Тоа се поддршки што јавно им ги дадоа, така што сегашното нивно делување е малку повеќе лицемерно од нивна страна – истакна Носителот на ИЕ2 и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, во дебатата на ,,24 Вести”.
Според Мециновиќ, СДСМ ако ја примеа пораката, немаше Оливер Спасовски да биде носител во ИЕ2, после скандалите со пасошите за белосветски криминалци, за голготата за македонските граѓани со пасошите и за бегството на Груевски:
– Од друга страна, за СДС имам конкретна порака, но СДС не ја прима пораката! Пораката не е примена, затоа што нивниот носител во Двојка имаше страшни резултати. Имаше: од бегството на Груевски до оваа голгота што им се случи со пасошите на граѓаните и во меѓувреме – издавањето на пасоши за белосветски криминалци.
Говорејќи за Францускиот предлог и за ненаситноста кон бизнис – интересите од страна на СДСМ, Мециновиќ рече:
– Исто така, не ја примија ни пораката кога народот го отфрли Францускиот предлог. Не ја примија ни пораката кога Заев го изгуби легитимитетот, така што на сила се одржаа на власт до 2024 год. Практично, за да ги задржат нивните бизнис – интереси.
Мециновиќ постојано става акцент и на неоспорниот факт дека челниците од ЗНАМ го избришаа АСНОМ од Уставот:
,,ЗНАМ го избришаа АСНОМ од Уставот кога го носеа Преспанскиот, со оглед на фактот дека тогаш беа дел од раководството на тогашното СДС. Затоа, целата нивна сегашна реторика е лицемерна”.
Левица е единствена искрена, чесна, неподмитлива опција, која се бори за нулта – корупција, радикални промени во системот и нуди решенија за сите целни групи граѓани во Македонија:
,,На 8 мај, заокружете го број 5! Искористете го своето право на глас и гласајте за Левица! Со повеќе пратеници во Парламентот, борбата ќе биде посилна!”
Македонија
Аваја: Треба да се искористи потенцијалот на ромската заедница
Ромската заедница има најмлада популација во државата и тој потенцијал треба да се искористи, порача Ќемал Сулејманов, носител на листа во Изборна единица 3 на средба со жителите на Криволак.
„Нашата заедница е најмладата популација во државата. И нашите млади бегаат надвор од државата, барајќи решенија, а ние увезуваме работници од азиските држави. Мора да најдеме решение како нашите млади да останат во државата. Заеднички да ги направиме промените иво нашите инситтуции да имаме наши луѓе. Ветуваме дека промените почнуваат со Аваја. Вашиот глас го давате за подобра иднина и соединети да покажеме дека сме тука“ порача Сулејманов.
Според него, доволно е ромската заедница да биде третирана само како чистачи и амалџии „Драги браќа и сестри, ги знам вашите проблеми со кои се соочувате, тие се мои проблеми и мора да засукаме ракави по избори и заедно да ги решаваме. Мора да се сооединиме и да почнеме со промени. Мора да имаме наши луѓе во сите институции и тоа на раководни позиции. Доста не гледаа само како чистачи и нивни амалџии“, рече Сулејманов.
Претседателот на Аваја, Акиф Кариман, рече дека одлучил да ја жртвува индивидуалната кариера за да придонесе кон напредокот на народот. Тој говореше за тоа како другите политичари ги гледаат и вреднуваат Ромите.
„Зошто? Затоа што секогаш не потценуваат. Велат ние знаеме лесно да се справиме со вас. Малку ќе ве преплашиме и вие ќе се повлечете. Ќе ви дадеме под рака и вие ќе бидете на наша страна. Или ако тоа не функционира, ќе почнат со притисоци. И тоа досега функционираше. Но, сега ја имаме Аваја, формирана да биде рамо до рамо со сите нас. Ние сме тука да направиме голема промена и да го предизвикаме статус квото“, порача Кариман.