Македонија
Иванов: Македонија загуби голем државник и визионер со европска и евроатлантска стратегија
„Тој кобен 26 февруари, сите ние загубивме дел од нас, ближните загубија сакан сопруг, татко, син, брат, роднина, пријател. Македонија загуби голем државник и визионер со европска и евроатлантска стратегија. Регионот загуби миротворец посветен на дијалогот, градењето доверба и меѓусебно разбирање и почитување“, изјави претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето на одбележувањето на 10-годишнината од смртта на поранешниот претседател Борис Трајковски во Ротимље, Босна и Херцеговина.
Според Иванов, светот загуби човек со големо срце кој, со својата добра мисла, ги поврзуваше луѓето каде и да одеше, а преку него Македонија стекна нови и цврсти пријателства насекаде во светот.
„Борис Трајковски беше светлина за Македонија, но и за регионот, тогаш кога ни беше најнеопходно.
Беше на чело на Република Македонија во време на најтешкото премрежје од независноста на државата. Во време кога минувавме низ најголемата бура, Трајковски управуваше со кормилото на нашата татковина и успешно нè извлече од немирните води.
Свесен дека мирот треба постојано да се чува, гради и унапредува, во една пригода Борис рече:„Сите сме гости на овој свет. За сè има време, но сега е време на исцелителство и мир“.
Секогаш доследен на своите вредности, тој сакаше благодатта од мирот и стабилноста да ја почувствува целиот регион што сè уште закрепнуваше од траумите на поделбите, изолацијата и конфликтите“, изјави Иванов.
„Потсетувајќи на големата вистина дека „луѓето и нациите се однесуваат мудро откако ќе ги искористат сите алтернативи“, Борис Трајковски го вложи сиот свој авторитет на ценет државник и политичар, за да му понуди на регионот еден нов светоглед. Светоглед на дијалогот како предуслов за градење доверба и заедништво меѓу луѓето, државите и народите. Со таа увереност, тој го започна Форумот на дијалогот меѓу цивилизациите, чии плодови ги жнееме и ден-денес.
Неговата визија за Македонија, но и за регионот, ја отслика во едно од неговите последни јавни обраќања, кога рече дека не постои друг пат, освен патот на дијалогот за доаѓање до прифатливи решенија. Дека треба да се почитува меѓународното право, недоразбирањата да се решаваат по мирен пат, да се почитуваат постојните граници, да се избегнува секаква употреба на сила и мешање во внатрешните работи на другите земји. Визија што најдобро ги отслика вистинските европски и евроатлантски вредности“, забележа Иванов.
„Воден од верата во Бога, тој веруваше во иднината, во разумот, во Македонија. Последниот документ врз кој Борис Трајковски го стави својот потпис беше апликацијата за членство на Република Македонија во Европската унија. Наредниот ден тој замина во вечноста.
Денес, десет години подоцна, сè уште чекаме да се исполни визијата на Борис Трајковски за европска Република Македонија. Уверен сум дека неговиот сон и сонот на секој македонски граѓанин за Македонија, како полноправна членка на Европската унија и на НАТО, ќе биде остварен“, изјави македонскиот претседател./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со швајцарскиот претседател Пармелан во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан.
„На средбата беше реафирмирано високото ниво на партнерство меѓу двете држави, што се основа на пријателство, заемна доверба и почит. Претседателката изрази уверување за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во таа насока, претседателката упати покана за официјална посета на претседателот Пармелан“, соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Таа се заблагодарила за проектната помош во различни области, со што Швајцарија е меѓу најголемите билатерални донатори во нашата држава.
Посочила на важноста на поддршката што Швајцарија ја дава за стратешките определби на нашата држава, што според неа ја демонстрира швајцарската посветеност за стабилност, развој и европска иднина на нашиот регион.
Соговорниците го споделиле мислењето за важноста на бројната македонска заедница во Швајцарија како важна нишка во развојот на односите меѓу двете држави.
Претседателката повикала на натамошно интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена, вклучително и зголемување на швајцарските директни инвестиции.
Сиљановска-Давкова изразила сочувство за трагедијата во ноќниот клуб во Кран Монтана на новогодишната ноќ и загубата на човечки животи, како ужасен потсетник на трагедијата во Кочани, што остави трајни рани во македонското општество.
Двајцата претседатели размениле мислења и за актуелните случувања на глобален план.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Од утре следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на утрешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Министерот – глумец контра правата на културните работници, велат од Левицата
Министерот за култура, Зоран Љутков е тотално отсутен и очигледно незаинтересиран за условите и правата на своите довчерашни колеги – културните работници. Веднаш по стапување на функција, тој го сврте грбот на сѐ што значи култура во Република Македонија, реагираат од Левица.
„Министерот очигледно не ги разликува колективните договори, нивната важност и примена. Му укажуваме дека Колективниот договор за култура не е еден од најдобрите во Република Македонија, напротив далеку од тоа. Истовремено, Општиот Колективен договор за јавниот сектор, кој е донесен подоцна, важи за сите вработени во културните институции и неговите одредби задолжително се применуваат.
За на јавноста да и биде појасно, најголем проблем со испразнетите буџети произлегува од членот во Општиот колективен договор кој предвиде зголемување на платите на културните работници од 10 проценти, почнувајќи од септември 2023 година. Министерството за култура најпрвин го имплементираше ова право и ги зголеми платите за подоцна да донесе решенија со кои истотот зголемување го суспендираше..
За да биде поуверлив во своите настапи, министерот-глумец дури сам си ги спонзорира на социјалните мрежи своите настапи од собраниската говорница, нешто налик на самопромоција, имајќи во предвид декана културните работници повеќе не им се интересни неговите улоги“.
Ароганцијата, додават од оваа партија, оди дотаму што министерот јавно коментира судски одлуки од собраниска говорница и тоа, како што велат, на неправосилни пресуди кои културните работници ги добија во прв степен. „
Но, познавајќи го карактерот на владеачката партија и нејзините тесни врски со судството, сосем е можно повисоките судови да ги укинат првостепените пресуди, а не да ги поништат како што тврди неинформираниот министер.
Но, самиот факт што министерот за култура ги изложи своите колеги на судски процеси треба да му биде јасена слика дека води политика спорот на интересите на културата и културните работници. Да не заборавиме и дека министерот ги остави културните работници без плата за време на празниците, без никакво соопштение или објаснување“.
Левица го повикува министерот, како што истакнуваат, да се вразуми и конечно да ги заштити стекнатите права на културните работници.

