Спорт
Тошак не го напушта оптимизмот, верува во репрезентацијата
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Џон Тошак, ја „отвори душата“, анализирајќи ги последните шест натпревари на националниот состав. Велшанецот, особено се осврна на срамниот пораз, во пријателскиот натпревар со Луксембург.
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Џон Тошак, ја „отвори душата“, анализирајќи ги последните шест натпревари на националниот состав. Велшанецот, особено се осврна на срамниот пораз, во пријателскиот натпревар со Луксембург. Според него на овие натпревари бил направен увид во потенцијалите на македонската репрезентација. „Продефилираа 33 играчи од кои 3 голмани и сега следува период на селекција на потесен список на фудбалери кои ќе настапат на претстојните три контролни средби. Одигравме добри натпревари, како оние против Русија, Словачка, Андора… но и средби кои не загрижија како против Ерменија и последниот против Луксембург. Морам да потенцирам дека на секој нов натпревар недостасуваа по 5-6 играчи, а во Луксембург недостасуваа дури 7 играчи кои играа на пример во Москва. Тоа не е оправдување бидејќи на последниот натпревар видов неколку играчи кои можат многу подобро отколку што прикажаа во Луксембург. Сигурно дека и јас како селектор чувствувам вина за поразот. Свесен сум дека направивме некои пропусти кои сигурно не би ги направиле доколку натпреварот беше квалификациски , односно со натпреварувачки карактер. Но основната цел е на вакви средби да им дадете шанса на што повеќе играчи за да го „снимите“ нивниот потенцијал“, рече македонскиот селектор. Тошак уште еднаш потенцира дека ја презема одговорноста за лошото издание против Луксембург.„ Секој тим, секој играч може да има лош ден. Тоа ми се случувало и мене како играч, на пример со Ливерпул играв 0-0 во Луксембург. Како селектор со Велс ги победив два пати. И што ќе правиме , ќе менуваме тренери секоја недела. Тоа е најлесно. Точно е дека бев разочаран од дел од играчите, нивниот однос кон играта. Одговорноста е на сите, но на крај секогаш вината е кај тренерот. Реков дека ја превземам одговорноста за поразот, но се надевам дека сите ќе извлечеме позитивни поуки кои ќе ни користат за квалификациските натпревари. Очекувам многу подобри изданија на претстојните контролни средби. Веќе имам слика не само за потесниот избор на играчи, туку и за системот кој како репрезентација ќе можеме да го играме во следниот квалификациски циклус, во една извонредно силна група“, рече селекторот, демантирајќи дека постои подвоеност помеѓу играчите вон теренот. „ Нормално е играчите кои настапуваат во поедини клубови, или потекнуваат од иста средина да се дружат повеќе меѓу себе отколку со останатите. Тоа го има и во големите клубови. Она што е најважно за нас е мотивацијата, желбата да се игра во националниот тим. Македонија не е велесила како Италија, Шпанија, Англија…Се знае дека изборот на играчи е ограничен и затоа ако сакаме да направиме резултати, играчите кои ќе добијат шанса ќе мора да дадат минимум 100 % од својот потенцијал за да бидеме компетитивни. Играме во тешка група и без такво залагање и мотивација нема да можеме да очекуваме резултати. Секој оној кој нема мотив да игра за националниот тим нема потреба ниту да доаѓа на подготовките. Подобро нека остане во својот тим“, заклучи селекторот на македонската фудбалска репрезентација. крај/ффм/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Во Тајланд му се заблагодарија на српскиот напаѓач, тој одговори: „Пу..те ми го к..ов“
Во Тајланд, му се заблагодарија на поранешниот играч на Партизан, Немања Николиќ (33), а тој одговори во коментарите со навредлива порака: „Пу..те ми го к..ов“.
Тајландскиот клуб Бурирам Јунајтед објави проштална објава на социјалните мрежи за својот поранешен напаѓач, со зборови на благодарност за неговата посветеност и професионализам и желби за успех во неговата идна кариера, со слоганот „Еднаш син, секогаш син“.
Сепак, тоа дополнително го налути фудбалерот. Николиќ, кој се пресели во Бурирам ова лето, но не дебитираше, не одигра ниту една секунда поради ограничувањата за странци во лигата,.
По некое време, клубот го избриша коментарот, кој собра околу 2.800 лајкови, но навивачите продолжија да го навредуваат Бурирам.
Николиќ помина само два и пол месеци во Бурирам пред да го раскине договорот, по што се врати во Србија и тренираше со Чукарички, а сега се шпекулира за негов трансфер во Будуќност Подгорица.
Според „Трансфермаркт“, Николиќ вреди 500 илјади евра.
Спорт
Јунајтед понудиле 90 милиони евра за Диоманде
Манчестер Јунајтед, наводно доставил официјална понуда од 90 милиони евра за крилниот напаѓач на РБ Лајпциг, Јан Диоманде, во обид да го засили тимот за време на јануарскиот преоден рок.
Овој потег дојде откако градските ривали Манчестер Сити беа побрзи и успеаја да го донесат Антоан Семењо од Борнмут.
Клубот од „Олд Трафорд“ доживува турбулентна сезона. И покрај тоа што потроши повеќе од 230 милиони евра за играчи ова лето за да го поддржи тогашниот тренер Рубен Аморим, Португалецот беше отпуштен минатиот понеделник. Тимот продолжи со променливи резултати и постигна само осум победи во 20 натпревари од првенството.
Фабрицио Романо потврди минатата недела дека Диоманде е на листата на желби на Манчестер Јунајтед, но нагласи дека Лајпциг не сака да го пушти среде сезоната. Тој додаде дека Јунајтед не е единствениот заинтересиран клуб, туку дека и ПСЖ го сака. Се споменува и интересот на Ливерпул.
Крилниот напаѓач, член на репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска, постигна седум гола и асистираше за четири од нив во 16 натпревари за својот тим оваа сезона.
Тој има договор до летото 2030 година, а „Трансфермаркт“ го проценува на 45 милиони евра.
Спорт
Де Брујне би можел да го напушти Наполи
Иако пристигна во Наполи во јуни минатата година, белгискиот играч од средниот ред Кевин Де Брујне (34) би можел да го напушти Неапол, до крајот на актуелниот преоден рок.
Според италијанските медиуми, Саудијците веќе некое време го „ловат“ Белгиецот, а се шпекулира дека Наполи е подготвен да ги разгледа сите потенцијални понуди од Саудиската професионална лига.
Де Брујне беше опериран во октомври и не се очекува да се врати на теренот до март 2026 година.
Негов приоритет е целосно да се опорави на време за Светското првенство, кое се одржува во САД, Мексико и Канада ова лето, и би одговарало на малку послабо темпо од Серија А.
Поранешната ѕвезда на Манчестер Сити се пресели во Наполи во слободен трансфер минатото лето. Тој постигна четири гола и запиша две асистенции на 11 натпревари во сите натпреварувања пред да заработи сериозна повреда на бутниот мускул октомври.
За време на својата кариера играше и за Генк, Челзи, Вердер и Волфсбург. Тој одигра 115 натпревари за Белгија и постигна 36 гола.
За потсетување, Белгија ќе игра во групата Г на Светското првенство заедно со репрезентациите на Египет, Иран и Нов Зеланд.
Foto/ depositphotos

