Економија
МЕПСО ќе вложи 82,5 милиони евра во преносната електроенергетска мрежа до 2020

МЕПСО АД изработи Студија за развој на преносната мрежа од 2010 до 2020 година во која утврди листа на приоритетни инвестициски енергетски проекти за развој на преносната мрежа.
МЕПСО АД изработи Студија за развој на преносната мрежа од 2010 до 2020 година во која утврди листа на приоритетни инвестициски енергетски проекти за развој на преносната мрежа.Врз основа на Студијата експертите на МЕПСО и надворешните консултанти креираа листа на приоритетни проекти за градба на нови преносни капацитети и за реконструкција на постоечки постројки и водови во мрежата. Во вложувања за зголемување на капацитетот и доверливоста на преносната мрежа МЕПСО планира инвестиции во 18 проекти со вкупна вредност од 82,5 милиони евра до 2020 година. Најзначајни меѓу тие проекти се изградба на три далноводи со кои Македонија ќе се поврзе со Србија, со Косово и со Албанија, нова трафостаница во Охрид и ревитализација на постоечката мрежа во источна и во централна Македонија како и во полошкиот регион.Студијата, како што информираат од МЕПСО е стратешки документ, а воедно е и инвестициско-оперативен план со конкретни рокови и суми изработен за да се задоволат сите потреби за пренос на потрошувачите и на производителите на електрична енергија до 2020 година. Воедно оваа Студија е основа за сите анализи на Европската асоцијација на систем оператори (ЕНТСО-Е) за југоисточна Европа. Со студијата МЕПСО ги лоцира, предвидува и надминува сите предизвици во преносната мрежа до 2020 година. Преку примена на регионален пристап, користејќи ја како подлога енергетската стратегија на МАНУ, изработени се различни сценарија за развој на условите и потребите во електроенергетскиот систем на земјава. Сценаријата вклучуваат различни услови за развој и предвидуваат различни предизвици со кои ќе треба да се соочи МЕПСО за да ја гради и да го зголемува капацитетот на преносната мрежа. Сите сценарија за развој на преносната мрежа во својата основа го имаат растот на потрошувачка на електрична енергија паралелно со создавање услови за приклучоци на нови капацитети за производство на електрична енергија. Инвестициите во приоритетните проекти ќе ја зголемат доверливоста на електроенергетскиот систем, а воедно ќе овозможат рамноправен третман и фер услови за сите потенцијални корисници на преносната мрежа. Без разлика дали се работи за нови производствени капацитети или за нови потрошувачи на електрична енергија. Истовремено со трите планирани поврзувања со соседни земји МЕПСО дава придонес и кон развојот на регионалниот пазар на електрична енергија и моќност.
Оваа Студија е дел од 10 годишниот план за развој на преносната мрежа на Европа прифатен од Европската асоцијација на преносни систем оператори ЕНТСО-Е. Прифаќањето на Студијата е силен аргумент кој докажува колку ЕНТСО-Е ја цени и почитува стручноста на инжинерскиот кадар на МЕПСО. /крај/пд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Зајакнување на енергетското партнерство“: средба на Божиновска со унгарскиот министер за енергетика во Будимпешта

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамките на посетата на Будимпешта, каде што се одржа Втората меѓувладина седница меѓу владите на Северна Македонија и Унгарија, оствари билатерална средба со унгарскиот министер за енергетика, Чаба Лантос.
На состанокот присуствуваа и Карој Матраи (Károly Mátrai), извршен директор на MVM Group, како и Петер Холича (Péter Holicza), заменик државен секретар, кои ги претставија перспективите за унапредување на енергетската соработка меѓу двете земји.
Во фокусот на разговорите беа можностите за зајакнување на енергетското партнерство, инфраструктурната поврзаност и обезбедувањето на енергетска стабилност. Двете страни ја истакнаа важноста на натамошната соработка во областа на обновливите извори на енергија, гасната инфраструктура и регионалната енергетска интеграција.
Министерката истакна дека ова партнерство со Унгарија е пример како стратешките соработки можат да донесат конкретни резултати, од подобрување на енергетската ефикасност до зголемување на интерконективноста и развој на иновативни енергетски решенија.
Министерката Божиновска ја нагласи заложбата на Владата на Македонија за стабилен и сигурен енергетски систем, со диверзификација на енергетските извори и модернизација на инфраструктурата, а Унгарија ја потенцираше подготвеноста за поддршка во процесите на енергетска транзиција и поголема поврзаност на енергетските пазари.
Средбата беше потврда за цврстите билатерални односи и партнерството во енергетскиот сектор, со јасна насока за конкретни заеднички проекти кои ќе донесат бенефити за двете земји.
Економија
Трипуновски се сретна со унгарскиот министер за земјоделство: Да се поврзат унгарските и македонските компании за поголема трговска размена на земјоделски и прехранбени производи

Денеска во рамките на Унгарско-македонски владин самит, во Будимпешта министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари конструктивна средба со унгарскиот министер за земјоделство, Иштван Наги.
На средбата се разговараше за предизвиците со кои што се соочува секторот земјоделство.
„Во текот на разговорот со министерот Иштван Наги се согласивме дека е потребно да се продлабочи соработката помеѓу двете министерства“, додаде министерот Трипуновски.
На средбата беше истакнато дека Унгарија е пријателска земја и силен поддржувач на Македонија на патот на евроинтеграцискиот процес.
„Да ја интензивираме соработката помеѓу двете институции, да се поврзат унгарските и македонските компании за поголема трговска размена на земјоделски и прехранбени производи“, додаде министерот Трипуновски, при што посочи дека фокусот на соработката со Унгарија е подобрување на одржливоста на земјоделското производство.
Економија
Битиќи на „Копаоник бизнис форум“: Западен Балкан не смее да остане заробен во поделби и недоверба

Најголемата пречка за развојот на Западен Балкан не е економијата – туку длабоко вкоренетите предрасуди и отпорот кон соработка. Додека договорите и политичките рамки создаваат структура за интеграција, клучниот предизвик е волјата на општествата да ја прифатат оваа соработка како можност, а не како закана, порача пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, во своето обраќање на панелот „Западниот Балкан: Одржлива регионална соработка“, на годинешниот „Копаоник бизнис форум“ во Србија.
Битиќи посочи дека децении на поделби, поттикнати од историски наративи и националистичка реторика, продолжуваат да ја обликуваат јавната перцепција, создавајќи отпор кон подлабоки економски, културни и институционални врски.
„Без соочување со овие основни социјални тензии, дури и најдобро структурираните договори ризикуваат да бидат поткопани од недостаток на доверба, што ја ограничува способноста на регионот да функционира како кохезивен економски и политички блок,“ порача Битиќи.
Тој потенцираше дека вистинскиот напредок бара не само реформи во политиките, туку и промена на менталитетот, во насока на тоа што ќе почне да ја гледа регионалната соработка како можност, а не како компромитирање на било кој идентитет.
„Ниту една земја во нашиот регион не може самостојно да се спротивстави на глобалните економски притисоци. Но, заедно, можеме да изградиме силен и конкурентен економски блок кој привлекува инвестиции, ги зајакнува индустриите и обезбедува долгорочен раст. Ова значи премин од зависност кон меѓузависност – создавање регионални синџири на вредност, усогласување на инвестиционите политики и интегрирање во европските добавувачки мрежи како еден пазар, а не шест фрагментирани“, рече Битиќи.
Според пратеникот Битиќи регионалната координација на напорите на пристапување во ЕУ преставува клучен чекор кој треба да се направи на Западен Блакан.
„Наместо да ја третираме интеграцијата како трка еден против друг, мора да дејствуваме како единствен блок, усогласувајќи ги политиките и реформите за да го забрзаме економското усогласување. Европската иднина на Западен Балкан носи можности, но само ако се движиме заедно, а не одделно“, порача Битиќи.
На крајот од своето обраќање тој ја истакна важноста на нов пристап во регионалната соработка, кој ќе ги надмине старите модели на меѓусебно ривалство.
„Западен Балкан повеќе не може да си дозволи да биде поделен. Мораме да се натпреваруваме на глобално ниво, а не меѓусебно. Преку прифаќање на регионалната конкурентност наместо регионална конкуренција, можеме да изградиме економија која е отпорна, просперитетна и подготвена за иднината,“ заклучи Битиќи.