Македонија
Службените весници од 1945 г. достапни на интернет

Сите податоци кои што биле објавувани во службените весници на Република Македонија од 1945 година достапни се бесплатно на интернет за секој заинтересиран граѓанин, или институција
„За таа цел Јавното претпријатие Службен весник на Република Македонија го спроведе проектот „Дигитализација на службените весници и изданија во перидот од 1945 до 2010 година“, кој е во насока на зачувување на богатата архива на објавени законски акти.Како што информираше на денешната презентација директорот на ЈП Службен весник Тони Трајанов за дигитализација на службените весници биле обработени близу 200.000 страници.„Овој проект со својата содржина може да вброи како значаен хроничар на седум декади живот, настани и личности. Тој е водич низ времето, кој дава преглед на социјалните случувања, на сферите на интересите, на политичките намери, општественото расположение и организирањето на државотворните рамки“, рече Трајанов.Тој истакна дека при пребарувањето на службените весници што биле објавени во 1945 година, може да се најдат бројни архаизми, кои што денес се исчезнати.„Дигитализацијата на сите овие изданија низ овој долг историски временски период е сведок за поредокот за неговите промени и влијание, кој што ги менувале и движеле политичкото уредување на просторите на поранешна Југославија, чиј дел беше Македонија, но и по осамостојувањето на државата“, рече Трајанов.Од ЈП Службен весник за годинава најавуваат два нови големи проекти. Едниот се однесува на олеснувањето на постапката за објавување на неважечки документи од страна на граѓаните, а другиот е на секој граѓанин да му се даде можност за полесен пристап до објавените законски акти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наградени ќе бидат полицајците кои вчера ја спасија жената во Вардар

Министерот Панче Тошковски, се сретна со полициските службеници Кристијан Стефановски и Жико Ѓорѓиевски – хероите кои вчера ја спасија жена во водите на реката Вардар.
Министерот на средбата со нив уште еднаш потенцираше дека важноста на полицијата и нејзината вистинска сила и влијание врз животот и благосостојбата на граѓаните се гледа во најтешките човечки моменти.
„Херојските дела како вашето, кога директно се спасува човечки живот е повеќе од службено постапување, тоа е вистинска пожртвуваност и посветеност кон мисијата да се чува безбедноста и сигурноста на секој граѓанин и целото општество.“, потенцираше министерот Тошковски при честитките до двајцата полициски службеници за нивната херојска постапка.
Тој нагласи дека во рамките на законските можности тие ќе бидат наградени за нивната херојска постапка која е инспирација за сите нас унапредувањето на хуманиот аспект на нашите дела и постапки како обични луѓе и професионалци.
Македонија
Повозрасните да не наседнуваат на измами со лажни сообраќајки, порача Тошковки

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје денеска реализираа превентивна акција „Внимавај телефонски измами“ насочена кон едукација на нашите повозрасни граѓани кои се најчеста жртва на таквите измами.
Преку непосреден разговор и делење на едукативен материјал граѓаните беа едуцирани дека најчест вид на измама е измамата со лажна сообраќајна незгода во која измамниците претставувајќи се на телефон како полициски службеник, адвокат, обвинител или доктор ги лажат жртвите дека нивното дете повредило некого во сообраќајна незгода и се обидуваат да извлечат пари од жртвата така што за одредена сума би му помогнале на детето кое е во неволја.
„Измамниците на тој начин се обидуваат да ги злоупотребат повозрасните лица. Денес во градскиот паркот во Скопје успеавме да разговараме со голем број повозрасни лица и да ги информираме за таквите измами и модус операнди или начинот на работа на измамниците. Апелираме доколку некој добие таков повик е потенцијална жртва на таква измама, никако да не дава пари, да го прекине разговорот веднаш да ја повика полицијата на 112 или 192 и да ги извести и своите најблиски“, апелираше министерот Тошковски.
Во првата половина на оваа година досега се пријавени вакви 16 настани а за период од пет години досега се расветлени 40 настани, при што се поднесени кривични пријави против 16 лица, за сторени 40 кривични дела „измама“, додека за останатите настани се преземаат мерки за нивно расчистување и поднесување на соодветни кривични пријави.
Македонија
(Видео) Избегната катастрофа кај Брезница, пожарот се движи кон Козјак

Денес се регистрирани десет пожари на отворен простор, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, предупредувајќи дека бројката може да се зголеми до крајот на денот.
Ангелов упати нов апел до граѓаните, особено до земјоделците и сточарите, да бидат исклучително внимателни додека ги извршуваат своите активности во овој критичен период.
Најтежок за гаснење и натаму е пожарот што со денови гори во „Јасен“. Според Ангелов, едниот крак бил ставен под контрола во ноќна битка со огнот, при што била спречена негова експанзија кон селото Брезница.
„Не дозволивме пожарот да премине преку шумски пат, со што понатаму ќе беше загрозено селото. Исчистени беа дрвјата долж патот и линијата беше гаснета целосно. Благодарение на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), пожарникарите од Македонски Брод и вработените во ‘Јасен’, овој крак е стопиран“, изјави Ангелов.
Тој додаде дека состојбата на другата страна на гребенот, кон езерото Козјак, е многу потешка поради непристапниот терен. Таму пожарот се движи, а очекувањата се дека ќе биде стопиран кај карпестиот предел, а за таа цел таму поставени се надлежните служби.
Покрај „Јасен“, активни пожари се регистрирани и во Лозово, каде што гори шумска површина, во Долнени – со пожар на ниска вегетација, како и во Куманово, во атарот на селото Липково, каде што активни се два пожари, од кои едниот е реактивиран.