Македонија
Милошоски: Компромис е можен со грчка прагматичност
Шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски, во интервју за унгарскиот дневен весник Magyar Hirlap вели дека македонско-грчкиот проблем за името може да се надмине со прагматичност од страна на Атина и прифаќање на постоењето на македонскиот народ
Зад спорот со името, Милошоски препознава грчки изговор да се стави под знак прашање постоењето на македонскиот народ. „Не сме идеалисти. Но, фактот што 129 држави во светот Република Македонија ја имаат признаено под уставното име, е доволен аргумент за исправноста на нашата позиција, дека сме суверена и независна држава. Вистинскиот проблем е тоа што расправата за името е еден изговор за Грција, само за да го стави под прашање нашето постоење“, вели Милошоски. Немешањето во сопствените одлуки од страна на Атина, според Милошоски би бил еден од чекорите што би помогнал во надминувањето на спорот со името. „Преку решение за името со компромис, кое е можно само доколку Грција би покажала прагматичност во спорот. Тоа би ни го покажале со тоа што не би ни се мешале во нашите сопствени одлуки и користењето на името. Жално е што лично од устата на неколку грчки политичари, може да се слушне дека според нив, ние всушност не ни постоиме како народ. Крајно време е секој да признае дека македонскиот народ е народ како и сите други во Европа“, вели Милошоски. Шефот на дипломатијата за „Magyar Hirlap“ вели дека Грција е единствениот сосед со кој земјата има проблематични односи на политички план, истовремено нема пречка за развојот на општествените и бизнис релациите. „Грција е единствената земја со која имаме проблематични меѓусоседски односи. Сето тоа отпочна во моментот кога самата Грција го создаде проблемот со нашето име- проблем кој во целост е во спротивност со меѓународните стандарди. Грчкиот став е дека додека нè извршиме промени во Уставот во делот промена на името на државата, до тогаш ќе нè попречуваат во патот кон Унијата и НАТО. Овој став јас не можам да го наречам европски став. А контрадикторно во случајов е тоа што двете земји немаат никаков проблем во развојот на општествените и бизнис релации. На пример, Грција е еден од најголемите инвеститори кај нас,македонските граѓани редовно заминуваат во туристичка посета на соседна Грција без никаков проблем, дури и Грците редовно пазаруваат во некои од нашите македонски градови“, вели Милошоски. Во воведниот дел од интервјуто во „Magyar Hirlap“ за Македонија се вели дека е „мала држава на Балканот со многу соседи, а со едниот дури има и нерасчистени прашања“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
До ДИК поднесени приговори за резултатите во Брвеница, Шуто Оризари и Карпош
До претпладнево, во Државната изборна комисија (ДИК) се поднесени вкупно 16 приговори во врска со постапката за сумирање и утврдување на резултатите од вториот круг на локалните избори, одржан во неделата, на 2 ноември.
Хаким Рамадани кој беше поддржан од коалицијата Влен за градоначалник на Брвеница, поднел приговори за постапката за сумирање и утврдување на резултатите на избирачките места 2034, 2033, 2032 и 2035 во Брвеница.
Коалицијата „Твоја Македонија“ поднела десет приговори за избирачки места во Шуто Оризари, а приговори поднел и Сојузот на Ромите.
Приговори поднела и коалицијата „Искуство за успех“ за две избирачки места во Карпош.
Рокот за поднесување на приговори истекува денеска во 16:30 часот, односно 48 часа по објавувањето на првичните резултати.
Македонија
„Влен“: Ако за ДУИ промената значи само смена на координаторот Беџети, тогаш го запечати својот политички крај
Движењето ВЛЕН во соопштение оцени дека дебаклот бил јасен како ден и дека ДУИ е избришана од политичката карта.
„Сите го видоа, сите знаат дека ДУИ е избришана од политичката карта. Само оние што ја уништија, денес се прават дека не разбираат. Наместо да го прифатат крајот, тие измислуваат теории на заговор како што некогаш правеше нивниот пријател кој сега живее во егзил, Никола Груевски. Тие измислуваат имагинарни непријатели и следни ‘виновници’, но никогаш себеси. Две децении ја хранеа власта со лаги и страв, а денес, кога народот им ја затвори вратата, немаат ни минимално достоинство да молчат. ДУИ не падна случајно, туку беше соборена од ароганцијата, измамата и кражбата што ја претворија во партиска култура,“ се наведува во реакцијата.
Од ВЛЕН додаваат дека најавите за анализа во партијата не се искрени:
„Велат дека ќе ‘анализираат’. Но, каква анализа е ова, кога пред јавноста се појавуваат истите лица што ја уништија партијата? Наместо размислување, тие продолжуваат со пропаганда. Блерим Беџети повторно се појавува на сцената, човекот кој симболизира сè што Албанците го отфрлија: ароганција, неморал и навреда на интелигенцијата на граѓаните. Со секое јавно појавување, ДУИ уште еднаш го запечатува својот неуспех, докажувајќи дека повеќе нема идеи, нема морал и нема луѓе што можат да ја спасат од колапс.“
Во соопштението се вели и дека најавените реформи во ДУИ се само формални:
„Сега дури се двоумат да го употребат зборот ‘реформа’ и да го заменат со формулата ‘да им се даде простор на новите генерации’. Но, како го започнуваат ова? Со тоа што како знак на промена објавуваат дека Блерим Беџети повеќе нема да биде координатор на пратеничката група! Ова е ‘реформата’ што ДУИ ја ветува за поместување на столчињата, но не и на луѓето кои две децении станаа синоним за ароганција и злоупотреба. Ако за нив ‘промената’ започнува и завршува со Блерим Беџети, тогаш ДУИ го запечати својот политички крај,“ завршува соопштението на ВЛЕН.
Македонија
Министерството за дигитална трансформација со јавен повик за изработка официјални веб-страници
Како дел од иницијативата за дигитализација на локалната самоуправа, но и подобрување на комуникацијата на јавниот сектор со граѓаните преку современи дигитални решенија, Министерството за дигитална трансформација објавува Јавен повик до единиците на локална самоуправа и институциите од јавниот сектор во Република Северна Македонија за изработка на официјални веб страници.
Јавниот повик е во насока на унапредување на дигиталната инфраструктура и зголемување на транспарентноста и пристапноста на локалните самоуправи.
Право на пријавување имаат сите општини и институции од јавниот сектор во Република Северна Македонија, без разлика на нивната големина, број на жители или моменталниот статус на нивната веб страница.
Пријавите може да се достават најдоцна до 31.12.2025, електронски: [email protected] или на адреса: Министерство за дигитална трансформација, бул. Филип Втори Македонски, бр. 11, 1000 Скопје.
Пријавите ќе се обработуваат по принципот „прв дојден прв услужен“ се до пополнување на расположливиот број на општини и институции што можат да бидат опфатени. Министерството ќе ги известува пријавените општини и институции за статусот на нивната апликација.
Подетални информации на следниов линк
Министерството за дигитална трансформација ја охрабрува секоја општина и институција од јавниот сектор, да аплицира и да ја искористи можноста за модерна и интерактивна комуникација со своите граѓани.

