Свет
Обвинетите за масакрот на Филипините се изјаснија како невини
Обвинетите за масакрот, кога беа убиени 57 лица на Филипините, се изјаснија како невини на денешното судење
Дату Андал Ампатуан, со лисици на рацете и со вооружено обезбедување влезе во импровизираната судница во полицискиот камп, каде седејќи мирно го ислуша обвинението за 41 убиство против него, пренесуваат репортерите на Ројтерс.
„Не е виновен“, рекол неговиот адвокат, на прашањето од судијата, како се чувствува обвинетиот.
Државните обвинители прочитале уште 16 обвиненија против него, за да се достигне бројката од 57 убиства, меѓу кои и оние на 30 новинари, некои најдени во заедничка згобница во јужната провинција Магинданао.Повеќето од жртвите беа на пат да бидат сведоци на пополнувањето на кандидатурата за претстојните избори. Жената на кандидатот, противник на кланот Ампатуан, ги носеше документите во придружба на новинарите во ноември минатата година кога поворката беше нападната од 100 вооружени луѓе.Убиствата створија страв дека изборите во мај ќе бидат крвави.
Неколку недели по масакрот, претседателот Глорија Макапагал Аројо донесе воен закон во провинцијата Магиндано, со кој се спротивстави на кланот Ампатуан и го уапси нивниот водач, неговиот брат и тројцата синови, под обвинение дека се имаат замешано во убиствата.
Сите петмина се наоѓаат под воено и полициско обезбедување на остров во јужниот дел на Минданао.
Адвокатот на Ампатуан бара ослободување на осомничениот со кауција, тврдејќи дека владата нема доволно докази за неговата вмешаност во случајот за да го држи во притвор. Но, државниот обвинител, за репортерите изјавил дека е сигурен оти судот ќе го одбие барањето за ослободување со кауција бидејќи случајот против Ампатуан е „непобитен“. Судијата го одложил судењето за една недела додека адвокатот на Ампатуан да достави докази за кауцијата.Судницата во која се одржува судењето била под силно воено и полициско обезбедување, додека адвокатите, новинарите и роднините на обвинетите седеле на неколку метри од нив.
Пред објектот била ангажирана полицијата за специјални интервенции и противпожарни возила.
„Се надеваме на брза пресуда и правда за смртта на мојот сопруг“, вели Мирна Ребландо, сопруга на еден од новинарите, убиен во нападот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Столтенберг: „Војната во Украина можеше да се избегне“
Поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, откри дека руската инвазија на Украина можеше да се спречи, но дека поддршката на алијансата дојде како „премногу мала, предоцна“.
Зборувајќи во интервју за РСЕ/РЛ на 7 ноември, тој исто така вели дека за време на мандатот се плашел дека НАТО може да се распадне.
Столтенберг се присети на напнатиот телефонски повик што го добил од украинскиот претседател Володимир Зеленски во февруари 2022 година додека руските тенкови се приближуваа кон Киев.
„Зеленски ми се јави од бункерот. Побара НАТО да го затвори небото и да ги запре руските авиони, беспилотните летала и хеликоптерите. Ми рече: ‘Знам дека НАТО може да го направи тоа, вие веќе го направивте тоа’“, рече Столтенберг.
Како што истакна, ако го стореа тоа, ќе почнаа целосна војна меѓу НАТО и Русија.
„Ќе моравме да ги уништиме руските системи за воздушна одбрана во Белорусија и Русија и да собориме руски авиони. Како што рече тогаш претседателот Бајден – „нема да ризикуваме трета светска војна поради Украина“, додаде Столтенберг.
Столтенберг, кој го водеше НАТО од 2014 до 2024 година, ги опиша раните реакции на алијансата на инвазијата како длабоко конфликтни.
„На 24 февруари 2022 година донесовме две одлуки: да ја зголемиме поддршката за Украина и да спречиме ширење на војната надвор од нејзините граници. Овие цели беа фундаментално контрадикторни. Ако нашата единствена цел беше победата на Украина, ќе испраќавме војници и авиони. Не го направивме ова за да избегнеме директна војна меѓу НАТО и Русија“, рече Столтенберг.
Столтенберг верува дека посилната воена поддршка за Украина по руската анексија на Крим во 2014 година би можела да го одврати Путин од почнување инвазија од големи размери.
„Нашата поддршка дојде предоцна и беше премногу слаба. Се плашевме да ја провоцираме Русија, но Русија сепак изврши инвазија“, додаде тој.
Сега, како норвешки министер за финансии, Столтенберг истакнува дека Русија може да се согласи на преговори само со зајакнување на Украина на фронтот.
„Не можеме да го предомислиме Путин, тој сака контрола врз Украина. Но, можеме да ја промениме неговата пресметка. Ако цената стане превисока, тој би можел да седне на преговарачка маса. Зеленски понуди разговори за прекин на огнот, но Путин ги отфрли. Мораме да ја направиме Украина посилна на бојното поле“, додаде Столтенберг.
Свет
Каиро и Москва го продлабочуваат партнерството: нови чекори во нуклеарниот и во индустрискиот сектор
Египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси ја нагласи вредноста на односите на неговата земја со Русија за време на средбата со секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу, во Каиро, соопшти египетската претседателска канцеларија.
За време на разговорот, како што е наведено, Сиси му пренесе поздрави на рускиот претседател Владимир Путин и ја нагласи важноста од подобрување на билатералните односи во клучните сектори – енергетика, индустрија и инфраструктура. Особено внимание беше посветено на градежните проекти на руската индустриска зона во близина на Суецкиот Канал и нуклеарната централа „Ел Даба“.
Двете страни детаљно ги разгледаа перспективите за реализација на овие проекти, кои, како што е најавено, дополнително би можеле да ја зајакнат економската и технолошката соработка меѓу Египет и Русија.
Шојгу потсети дека инсталацијата на реакторот во првиот блок на нуклеарната централа „Ел Даба“ е закажана за 19 ноември. Тој изрази надеж за успешно завршување на церемонијата на поставување и истакна дека речиси 3.500 египетски работници биле вклучени во изградбата.
Проектот „Ел Даба“, имплементиран од руската државна компанија „Росатом“, претставува прва нуклеарна централа во Египет и еден од најголемите заеднички инфраструктурни проекти на Москва и Каиро во последните неколку децении.
Регион
Бугарија ја зголемува безбедноста во рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас пред преземањето
Бугарија ја зајакнува безбедноста на копно, вода и во воздух, вклучително и системот за заштита од дронови, во објектите на „Лукоил“ на своја територија пред планираното преземање на фабриката, објави денес бугарската влада.
Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) денес влезе во канцелариите на компанијата „Лукоил“ во земјата и во рафинеријата во Бургас и почна со инспекции, објави Бугарското национално радио (БНР).
Според соопштението на кабинетот, во Бургас се распоредени единици на воена полиција и системи против дронови, а Министерството за внатрешни работи спроведува зголемени контроли на сите возила што влегуваат во периметарот на објектот, вклучително и проверки за експлозивни направи.
Владата во Софија наведува дека мерките се исклучиво превентивни и имаат цел да ја зачуваат безбедноста на енергетските објекти означени како критична инфраструктура, објавува „Ројтерс“.
В петок бугарскиот парламент усвои измени на Законот за административното регулирање на економските активности поврзани со нафта и нафтени производи, со кои се даваат вонредни овластувања на идниот специјален менаџер на компанијата „Лукоил“ во таа земја, пишуваат медиумите.
Врз основа на новите овластувања управителот ќе може да ја продаде рафинеријата во Бургас, а рускиот „Лукоил“, кој досега управуваше со рафинеријата, повеќе нема да има право на глас, ниту можност за жалба на одлуката за преземање.
Американските и британските санкции против руските енергетски гиганти „Лукоил“ и „Роснефт“, воведени минатиот месец поради војната во Украина, извршија притисок врз владите на земјите членки на Европската Унија кои продолжуваат да зависат од руските деривати.
Бугарската рафинерија во Бургас е од стратешко значење за снабдувањето со гориво во регионот, а властите во Софија стравуваат од можни прекини во синџирите на снабдување доколку дојде до целосен прекин на работењето на „Лукоил“, според написите.
Министерот за економија Петар Дилов изрази верување дека Бугарија, како и Унгарија, ќе добие ослободување од американските санкции за рафинеријата „Лукоил“.
Според него, Бугарија, за разлика од Унгарија, не работи со руска нафта повеќе од една година.
Фото: принтскрин

