Македонија
Вељаноски: Бојкотот не е начин за решавање на проблемите
Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, ги повикува потпретседателите и сите координатори на пратеничките групи в понеделник, како од мнозинството така и од опозицијата на редовна координативна средба
„Како претседател на Собранието, целосно сум подготвен да ги отворам сите прашања кои од опозицијата се детектирани како проблематични за демократскиот капацитет на самиот парламент и било која друга институција, а особено прашањата поврзани со слободата на медиумите. Во секој случај, бојкотот не е начинот на кој треба да се решаваат проблемите и не им користи на националните интереси на државата“ се вели во писмената изјава на Вељаноски.СДСМ вчера соопшти дека го напушта Парламентот и нема да учествува во неговата работа. Како што рече претседателот на партијата, Бранко Црвенковски причина за ваквата одлука е, недемократската и ненародна власт на ВМРО-ДПМНЕ.По СДСМ парламентот го напуштија и НСДП, Либералната партија и Нова Алтернатива на Ѓорѓи Оровчан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стефковски: По 61 година, училиштето во Црешево добива спортска сала
Денес во населеното место Црешево се постави камен темелник за изградба на нова училишна сала на подрачното општинско основно училиште Наум Охридски во Гази Баба.
– Училишната сала која започнува да се гради ќе може да се користи за различни категории на спорт и тоа кошарка, одбојка, ракомет и други активности од физичкото и здравственото образование. Дополнително ќе се изградат и помошни простории како соблекувални со тоалети опремени со тушеви, канцеларија за наставниот кадар и простор за складирање и чување на спортските реквизити, информираше градоначалникот Бобан Стефковски.
Вкупната вредност на проектот изнесува 34.099.421 денари.
На настанот пред присутните се обрати градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски кој истакна:
– Денес започнува со реализација уште еден капитален проект во општина Гази Баба. По 61 година учениците од Црешево, Виниче и Смилковци кои своето основно образование го поминуваат во ова училиште добиваат училишна сала која ќе се гради согласно сите европски стандарди. Почетокот на реализацијата на овој проект е благодарение на претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски кој по само неколку денови од својот мандат го реализираше ветувањето за доделување на финансиска поддршка за реализација на капитални проекти во општините. Образованието останува високо на нашите приоритети. Изминатиот период преку нашата посветена работа и бројните реализирани проекти во оваа област покажавме дека може да се создаваат дела кои години наназад ги очекувале граѓаните, наведе тој.
На настанот присуствуваше и претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски, пратениците во Собранието Жаклина Пешевска, Зоран Коцевски, Дијана Илиевска, министерката за образование и наука Весна Јаневска и голем број граѓани.
Македонија
Мицкоски: ДУИ, наместо да побара бегалецот од правда, Груби, да се врати, продолжува со поделби на народот
„Владата има легитимитет од повеќе од 600 илјади граѓани коишто на 8 мај го дадоа својот глас. Ова е можеби една од ретките влади, која што има близу 80, а можеби и повеќе од 80 пратеника, поддршка во рамките на Парламентот. Да точно, оваа Влада е без Демократската унија за интеграција и тоа ние го кажавме и тоа кога го зборувавме кажавме и причини зошто е тоа така“, нагласи претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денеска на новинарско прашање, за констатацијата на опозициската партија ДУИ, од каде посочија дека Владата нема етнички легитимитет.
Меѓу другото премиерот изјави и дека ваквите политички пораки, без разлика на етничката припадност, мудриот народ ги одбива. Иако од опозициската ДУИ и понатаму продолжуваат да го делат народот, наместо да се извинат и да ги побараат бегалците од правда да се вратат.
„Гледам дека од таму сѐ уште како да не ја научиле лекцијата. Во отсуство на било какви други идеи коишто ќе значат подобар живот за граѓаните тие се обидуваат да ги поларизираат граѓаните и мислат дека таквата политика им носи резултати. Јас мислам дека е погрешно сето тоа и тоа го гледаат впрочем на мерењата на јавното мислење. Но добро, оние ако мислат дека така треба да продолжат да работат, нека си работат, тоа е нивна работа. Наместо да се извинат и да побараат бегалецот од правда, односно бегалците од правда да се вратат, тие продолжуваат и понатаму да го делат народот. Но, народот е мудар без разлика на етничката припадност, народот е мудар и овие политички пораки од опозицијата ги одбива и тоа е добро и така ќе продолжи во иднина“, објасни премиерот Мицкоски.
Македонија
На Клиниката за ортопедија извршена трансплантација на Ахилова тетива од банката на ткива од починати донори
На Клиниката за ортопедија е извршена трансплантација на Ахилова тетива од банката на ткива од починати донори.
Интервенцијата е извршена кај 47-годишна пациентка со стара повреда на Ахилова тетива.
Пациентката е со уреден постоперативен тек, соопштија надлежните.
„Трансплантацијата е извшена под водство на д-р Ерен Сејфула, заедно со д-р Александар Савевски и д-р Бојан Будиќ, анестезиолог, д-р Лилјана Ангелевска, во соработка со д-р Милена Богоевска, болнички координатор за ортопедија и одговорна за ткивна банка.
Огромна благодарност до сите здравствени работници вклучени во оваа трансплантација, како и до семејствата на донорите“, е нагласено во информацијата.