Изложби
Изложбата ’Жени’ поставена на битолски Широк сокак
Изложбата со наслов „Жени“ на дела на уметницата Сунита Фишиќ, инспирирани од женската голотија, силата на жената и мајката природа, од четвртокот е поставена на битолски Широк сокак.
Осумнаесет уметнички слики се изложени пред Домот на АРМ (во кафе барот „Јагода”) како дел од 13-тото издание на Интернационалниот младински арт фестивал Битола Отворен град 2014 во организација на МКЦ Битола.
Сунита Фишиќ е уметник од Сараево, Босна и Херцеговина. Техниката која ја користи за илустрирање е водена боја. Секој потег со кистот е транспарентен и видлив, а секоја добиена форма од препокриени бои за добивање на специјален ефект е со рамка од црни контурни линии. Таа користи сличен начин на илустрирање како кај дигиталните цртежи. Покрај сликар, таа е и уличен уметник кој експериментира со различни уметнички техники и материјали. Сунита ја пронаоѓа својата инспирација за илустрирање на женската голотија и во астрологијата и технологијата. Битолчани ќе можат да се дружат со авторката вечерва после 20 часот.
Инаку, во петок спроти Домот на АРМ со почеток во 11 часот ќе се одржи креативна работилница за графити во чии рамки ќе творат Сунита Фишиќ, Кенан Хаџимусиќ, Ања Маричиќ и Амер Дориќ, кои доаѓаат од Сараево, Босна и Херцеговина.
Во овој дел на Широк сокак подолго време има графити со недолична содржина, а преку оваа активност целта е да се покаже како просторот може да се уреди преку улична уметност.
Овие уметници ги декорираа улиците на нивните и други градови ширум Босна и Херцеговина и секој од нив има различна експресија, но сличен сензитивитет што ги прави одличен тим. Секоја нивна слика e различна и носи одделни приказни, а темите на нивната работа се базираат на приказни од иднината, универзумот и замислени светови и суштества. Уметниците велат дека причината поради која тие уживаат во ваквиот начин на уметност е заради тоа што улицата овозможува поголема публика и јасно пренесување на емоции и пораки.
Во последниве неколку декади, бројни уметници развија нови стилови базирани на работата на уметниците од типот на Андреа Матегна, МС Ешер, Микеланџело, Ханс Холбејн и други./крај/аш
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.
Изложби
„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро
Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.
Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.
Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.

