Регион
Мал интерес за отпис на долговите во Словенија
Малку повеќе од 700 Словенци поднеле молби за отпис на долговите во првиот месец откако почна да се применува законот за отпис на долговите на најсиромашните.
Законот во парламентот беше прифатен пред три месеца без ниту еден глас против, но беше одбиен предлогот на опозициската Здружена левица отписот на долговите да се однесува на повеќе презадолжени и да се спречи деложација на граѓаните.
Молбите за отпис на долговите се примаат уште два месеца, а право на отпис имаат оние кои во првата половина на ова година примале социјална помош или заштитен додаток, воените ветерани без примања, како и семејствата со многу деца.
Податоците за досега пристигнатите молби говорат дека интересот за отпис на долговите е помал од она на што се сметаше пред усвојувањето на законот, бидејќи владата тогаш наведуваше дека на таа мерка би можеле да имаат право околу 100.000 луѓе. /крај/мф/ст
Извор: STA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Додик: Според демократските принципи, резолуцијата за Сребреница пропадна
Претседателот на Република Српска Милорад Додик изјави дека, што се однесува до демократскиот свет и она што нè учат, резолуцијата за Сребреница денеска не доби мнозинство во Генералното собрание на ОН и таа пропадна.
„На гласањето видовме дека за резолуцијата гласаа 84 земји, што не е ниту огромно мнозинство“, нагласи Додик.
Повтори дека Владата на Република Српска го покренала прашањето за мирно одвојување од Федерацијата Босна и Херцеговина, бидејќи, како што истакна, нема причина после ова да останат и да живеат заедно во Босна и Херцеговина.
Регион
Вучиќ: Резолуцијата ќе донесе поделби не само во нашиот регион туку и во ОН
Српскиот претседател Александар Вучиќ на Генералното собрание на ОН во Њујорк изјави дека усвоената резолуција за Сребреница ќе предизвика поделби не само во регионот, туку и во Обединетите нации.
„Никогаш не се случило во Генералното собрание на ОН гласањето за прашањето за геноцидот да не се изгласа едногласно, ова се случува за прв пат затоа што некои луѓе сакаа да ја искористат својата голема политичка моќ и да ја политизираат оваа важна тема и тоа го направија. не е важно колку долго предупредувавме дека целиот процес треба да биде транспарентен и инклузивен, но тие не не послушаа“, рече Вучиќ.
Тој посочи дека за резолуцијата гласале 84 земји, додека останатите присутни не гласале за резолуцијата и дека таков чин нема да успее во ниту еден национален парламент.
„Ова е единственото место во светот каде што е усвоен ваков документ. Луѓето од некои земји ја истакнаа важноста на амандманот како нивен значаен придонес, но тоа беше само значаен придонес за поголема конфузија. Тие го направија тоа само за да го спасат образот“, рече Вучиќ.
Регион
Генералното собрание на ОН ја усвои Резолуцијата за геноцидот во Сребреница
Генералното собрание на Обединетите нации денеска одржа седница на која се расправаше за резолуцијата за геноцидот во Сребреница, која беше усвоена со 84 гласа „за“.
Од друга страна, 19 земји гласаа против, а 68 земји беа воздржани.
Најважните делови од резолуцијата се содржани во седум точки.
Генералното собрание донесе одлука да го прогласи 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995 година.
Безрезервно го осудува секое негирање на геноцидот во Сребреница и ги повикува земјите-членки да ги зачуваат утврдените факти, вклучително и преку образовните системи преку развивање соодветни програми, исто така со цел да се запамети, да се спречи негирање и искривување на геноцидот.
Иницијативата за усвојување на Резолуцијата за Сребреница ја покренаа Босна и Херцеговина, Германија и Руанда. Во меѓувреме, како резултат на значителна дипломатска активност, на земјите им се приклучија Албанија, Австрија, Бангладеш, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Канада, Чиле, Хрватска, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Ирска, Италија, Јордан, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малезија, Холандија, Нов Зеланд, Северна Македонија, Полска, Руанда, Словенија, Шведска, Турција, Велика Британија и Соединетите Американски Држави.