Свет
Обама ја посети демилитаризираната зона меѓу двете Кореи
Американскиот претседател Барак Обама во неделата ја посети демилитаризираната зона на границата меѓу Јужна и Северна Кореја, давајќи поддршка и солидарност на својот сојузник во Сеул пред најавеното севернокорејско лансирање на проектил од долг дострел следниот месец.
Американскиот претседател Барак Обама во Сеул допатува пред одржувањето на самитот за нуклеарна безбедност, кој почнува во понеделник. Од главниот град на Јужна Кореја, тој со хеликоптер бил пренесен до американската база на самиот крај на демилитаризираната зона.
„Момчиња, вие сте на границата на слободата“, рекол Обама обраќајќи им се на педесетината американски војници во базата „Кемп Бонифејс“, сместена на јужнокорејската страна од најутврдената граница во светот, којашто поранешниот американски претседател Бил Клинтон за време на неговата посета од 1993 година ја нарече „најстрашното место на Земјата“.
„Разликата меѓу Јужна и Северна Кореја не може да биде позебележлива, не може да биде појасна, и кога е во прашање слободата и кога е во прашање напредокот“, рекол Обама, пренесува Reuters.
Американскиот претседател минал десетина минути на високата набљудувачка платформа во зоната, заштитен со непробојно стакло, притоа со двоглед гледајќи на севернокорјеската страна од демилитаризираната зона и разговарајќи со војниците.
Посетата на Обама на демилитаризираната зона меѓу двете Кореи се случува во време кога се зголемува загриженоста во регионот поради најавеното пробно лансирање на севернокорејската ракета со долг дострел, закажано за април. Вашингтон ја осуди оваа намера на Пјонгјанг, кој тврди дека станува збор за лансирање сателит, оценувајќи дека станува збор за прекршување на ветувањата што ги даде неодамна водството на Северна Кореја дека ќе ја сопре својата нуклеарна програма и лансирањето на проектили со долг дострел.
Американскиот претседател на самитот во Сеул има намера да изврши притисок врз руските и кинеските претставници да со нивното влијание се обидат да го спречат најавеното лансирање на ракетата.
Ова е првата посета на Обама на демилитаризираната зона којашто го дели Корејскиот полуостров од завршувањето на Корејската војна од 1953 година, и е еден од начините на кој сака да ја демонстрира цврстината на американското и јужнокорејското сојузништво, којашто е искажана и со постојаната присутност на 30-те илјади американски војници во Јужна Кореја.
Во неделата, пак, од другата страна на границата што ја посети Обама, се одбележуваат сто дена од смртта на деценискиот севернокорејски комунистички лидер Ким Јонг-Ил. Сите знамиња во Северна Кореја во неделата се на половина копје, а сирените точно напладне по локално време го означија почетокот на триминутниот целосен молк.
Новиот севернокорејски лидер Ким Јонг-Ун, третиот припадник на династијата Ким којшто ја презема власта, како што пренесуваат корејските медиуми, се поклонил пред одарот на својот татко во претседателската палата во Пјонгјанг во којашто е погребан. И Ком Јонг-Ун на почетокот од март ја посети демилитаризираната зона, порачувајќи им на севернокорејските војници дека секогаш мора да бидат подготвени бидејќи секогаш се под непријателската закана./крај/ро/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Папата: Потребно е итно да се достави хуманитарна помош во Газа
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав Четиринаесетти, денес во Ватикан се сретна со палестинскиот претседател Махмуд Абас, со кого разговараше за итната потреба од прекин на конфликтот во Газа и за доставување хуманитарна помош.
Како што објави Ватикан, pапата ја повтори потребата од решение за израелско-палестинскиот конфликт со две држави.
Во соопштението се наведува дека за време на „срдечните разговори во Апостолската палата, двете страни ја нагласија итноста од обезбедување хуманитарна помош за цивилното население во Газа и ја нагласија важноста од прекин на конфликтот преку решение за две држави“.
Средбата се одржа по повод десетгодишнината од потпишувањето на Сеопфатниот договор меѓу Светата столица и Државата Палестина.
Денешниот разговор беше првата средба меѓу двајцата, бидејќи претходно комуницираа по телефон.
Еден ден пред средбата со папата Лав Четиринаесетти, Абас ја посети базиликата Света Марија Маџоре за да му оддаде почит на гробот на папата Францискo.
Посетата беше неговиот прв чин по пристигнувањето во Рим во средаta попладне.
„Дојдов да го видам гробот на папата Францискo, бидејќи не можам да заборавам што направи за Палестина и за палестинскиот народ. Не можам да заборавам дека ја призна Палестина, без никој да го замоли да го стори тоа“, рече Абас.
Фото: принтскрин
Свет
Трамп: Ќе видиме како еден комунист ќе го води Њујорк
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека е подготвен да соработува со новоизбраниот градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, но во исто време нагласи дека Мамдани ќе мора да покаже „целосно почитување“ кон Вашингтон ако сака да постигне успех.
Трамп ги даде овие изјави откако Мамдани ги претстави членовите на својот тим, кратко по историските избори на кои стана првиот муслимански и јужноазиски градоначалник на најголемиот град во САД.
Реагирајќи на изјавите на Мамдани во изборната ноќ, во кои вети дека ќе му се спротивстави на Трамп, американскиот претседател ги оцени тие коментари како „опасни“.
„Тој мора да покаже одредено почитување кон Вашингтон, бидејќи ако не го стори тоа, нема шанси да успее. И сакам тој да успее. Сакам градот да успее“, додаде Трамп, брзо појаснувајќи дека сака Њујорк да успее, а не мора самиот Мамдани.
Порано во средата, Трамп посочи дека неговата администрација ќе му помогне на новиот градоначалник иако го нарече „комунист“.
„Комунистите, марксистите и глобалистите имаа своја шанса и донесоа само катастрофа. Сега да видиме како еден комунист ќе го води Њујорк. Ќе видиме како ќе се покаже“, рече Трамп на состанокот на Американскиот бизнис форум во Мајами, Флорида.
Мамдани, чија програма вклучува бесплатна универзална грижа за деца, бесплатен јавен автобуски превоз и државни продавници за храна, ја отфрли комунистичката етикета, опишувајќи се себеси како демократски социјалист.
Во говорот во кој ги изложи своите приоритети во средата, Мамдани, кој треба да ја преземе функцијата на 1 јануари, ја повтори својата решеност да му се спротивстави на Трамп, но исто така изрази подготвеност за дијалог со неговата администрација.
„Нема да штедам зборови кога станува збор за претседателот Трамп. Ќе продолжам да ги опишувам неговите постапки какви што се, но секогаш ќе го правам тоа оставајќи ја вратата отворена за дијалог“, рече тој.
Фото: принтскрин
Свет
Кинески астронаути заробени во вселената откога беа погодени од вселенски отпад
Тројца кинески астронаути – Ванг Џие, Чен Жонгруи и Чен Донг – ќе мора да го продолжат својот престој на вселенската станица Тјангонг откако нивниот модул за враќање беше погоден од сомнително парче вселенски отпад, соопшти Кинеската вселенска агенција (CMSA).
Инцидентот се случил само неколку часа пред закажаното враќање на Земјата, што довело до одложување на мисијата Шенжоу-20. Засега не е познато колку е оштетена капсулата или кога екипажот ќе може да се врати.
Астронаутите кои престојуваат во Тјангонг од 24 април успешно ги предадоа должностите на новиот екипаж на Шенжоу-21, кој пристигна на 31 октомври. CMSA изјави дека во моментов се спроведува детална анализа на влијанието и проценка на ризикот за да се обезбеди безбедноста на сите шест астронаути на станицата.
Досега, кинеските власти не објавија никакви дополнителни информации за обемот на штетата или новиот датум на враќање.
Фото: принтскрин

