Македонија
ДИК ќе го соопшти изборниот резултат
Државната изборна комисија(ДИК) денеска треба да ги соопшти резултатите од предвремените парламентарни избори, по пребројувањето на гласовите од сите изборни места.
Државната изборна комисија(ДИК) денеска треба да ги соопшти резултатите од предвремените парламентарни избори, по пребројувањето на гласовите од сите изборни места.Според податоците на ДИК соопштени ноќеска по обработените 85,86 отсто на гласови, ВМРО-ДПМНЕ има освоило 352.336 гласа, односно 39,50 отсто. СДСМ 290.080, односно 32,52 отсто.Демократската унија за интеграција(ДУИ) има освоено 92.627 гласа, или 10,38 отсто, ДПА 48.080 гласа, или 5,39 отсто, НДП 23.800, или 2,67 отсто, ВМРО-НП 22.734, или 2,55 отсто, Обединети за Македонија 13.510, или 1,51 отсто, ЛДП 12.517 или 1,40 отсто.Претседателот на ДИК Борис Кондарко информираше дека во текот на ноќта ќе се обработат и останатите податоци.Оние партии кои ќе достават приговори, тоа треба да го направат во наредните 48 часа.Излезноста на вчерашните избори е 63,30 отсто, односно вкупно гласале 916.877 граѓани.Кондарко истакна дека согласно законот ДИК успеала да организира успешни избори. /крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во ек на сезона на пневмонии и грипови, нема рентген на државно – матичен лекар ја критикува состојбата на клиниките
Матичен лекар укажа на проблеми со упатите на клиниките во Скопје, додека амбулантите се преполни со пациенти болни од грип.
Д-р Драган Ѓоргиевски вели дека кога пациентот е со влошена клиничка слика потребен е ртг наод, но на клиниките апаратите за рентген не им работат, или пак ги блокирале итните упати поради гужвите.
„Почнувам со најблиската поликлиника: Јане Сандански (ртг апаратот не работел), Клиника за радиологија ги блокирала итните упати, инаку пнеумонии и плеврални изливи се итни состојби. ГОБ 8.Септември исто. Ги проверив сите поликлиники: Букурешт, Чаир, Бит Пазар, и итен упат не дозволува. Единствено даде во Ѓорче Петров и гледај чудо таму не работеле со итни упати имале гужва. Епа и матичните имаат гужва. Јас денес 90 луѓе во една смена прегледав и никој не ме прашал дали сум имал гужва. Епа нека ми објасни некој каде во Скопје на државно да се направи ртг наод“, прашува докторот во објава на социјалните мрежи.
Како што додава, во сезона на грип и пневмонии не е коректно сите поликлиники да бидат блокирани. Ни останува, вели тој, сите со наоди да ги пратиме на Инфективна, додека и тие не ги блокираат упатите.
Македонија
Груби доби отказ од тетовскиот универзитет кадешто предаваше новинарство
Поранешниот вицепремиер, Артан Груби доби отказ од тетовскиот универзитет поради тоа што не се појавил на работа.
Груби на универзитетот беше вработен како асистент по новинарство.
Функционерот од редовите на ДУИ се бара со меѓународна потерница поради сомнеж за криминал во „Државна лотарија“, а се наоѓа и на црната листа на САД поради вклученост во корупција. Тој не е достапен за органите на прогонот.
Македонија
Чулев обвинува за сериозни злоупотреби од претходната власт во разузнавачкиот систем, го повика Обвинителството да отвори истраги
Поранешниот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, обвини за сериозни злоупотреби во безбедносно-разузнавачкиот систем, за време на претходната власт предводена од СДСМ и ДУИ.
Тој во текст објавен на социјалните мрежи пишува дека безбедносно – разузнавачките институции не се реформирани, а во нивните рамки се направени сериозни злоупотреби кои мора да бидат предмет на истрага од страна на Јавното обвинителство. Овие злоупотреби, според Чулев, се потврда за користење на институциите за следење и негативно етикетирање на личности, како и за обиди за спречување на промена на власта.
„Во контекст на наводите објавени од премиерот Христијан Мицкоски за фабрикувани конструкции за пара-полициски вооружени формации, јавно го повикувам Обвинителството да истражи зошто ваквите информации не беа доставени до МВР, иако тоа експлицитно го побаравме во неколку наврати. Имено, по преземањето на функцијата технички министер, побарав писмено, но и во рамки на работен состанок, од надлежните институции да достават информации за потенцијални безбедносни ризици во пресрет на одржување на изборите. Вакви информации, до мене, МВР, но и до владата и Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во тој период воопшто не беа доставени“, вели Чулев.
Ексминистерот натаму прашува доколку институциите располагале со такви информации за сериозни безбедносни закани, зошто истите не биле доставени до надлежните институции во исклучително сензитивниот предизборен период и покрај тоа што истото во неколку наврати било побарано од негова страна. Додава дека неопходно е јавното обвинителство да отпочне активности за решавање на овие отворени прашања и утврдување на сите инволвирани лица и незаконски дејствија.