Економија
КХВ со прекршочна постапка против 27 акционерски друштва

Дури 27 акционерски друштво регистрирани во Македонија не доставиле годишен ревидиран финансиски извештај за 2009 година и полугодишен финансиски извештај за 2010 година.
Дури 27 акционерски друштво регистрирани во Македонија не доставиле годишен ревидиран финансиски извештај за 2009 година и полугодишен финансиски извештај за 2010 година.
Ова денеска го соопшти Комисијата за хартии од вредност (КХВ), најавувајќи соодветни прекршочни пријави против акционерските друштва кои не ја почитувале законската обврска.
„Комисијата исто така одлучи да изрече административна мерка против девет акционерски друштва кои не доставиле извештај, со која се задолжуваат истиот да го достават за објава“, се наведува во соопштението.
КХВ донесе и решенија со кои ги задолжи Македонска берза АД Скопје и Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје да го усогласат составот на органот на управување согласно Законот за хартии од вредност.
На последната седница КХВ донела одлука за трајно одземање на дозволата за работа на Универзална Инвестициона Банка АД Скопје- дирекција за работа со хартии од вредност.
Дозволата е одземена врз основа на претходно донесена одлука на раководството на банката за престанок со работа на дирекцијата за работа со хартии до вредност, се појаснува во соопштението. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Владата озаконува паушални фактури за струја, граѓаните не смеат да бидат жртви, апелираат Инженери на Македонија

Инженери на Република Македонија (ИРМ), денеска упати апел до пратениците и Министерството за енергетика за да ги отстранат како што велат, некоректните одредби од предлог Законот за енергетика за да се обезбедат фер, прецизни и транспарентни фактурирања, исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка на електрична енергија.
Граѓаните, како што велат, не смеат да бидат жртви на проценки и математички грешки што причинуваат штета од илјадници денари за нивниот семеен буџет
„Во новиот Предлог-закон за енергетика, кој на 22 април влегува во собраниска процедура, Владата предлага контроверзни одредби со кои се овозможува издавање на фактури за потрошена електрична енергија врз основа на претпоставена, а не реално измерена потрошувачка“.
Со вакви измени, оценуваат, се озаконува досегашната практика на паушално фактурирање, која стана особено проблематична по воведувањето на ценовните блокови за скапата струја од 1 јули 2022 година.
„При нередовно читање на броилата, потрошувачите неретко се распределуваат во погрешни ценовни блокови, што резултира со зголемени сметки и неоправдани наплати.
Нашите пресметки покажуваат дека дури и ±10% грешка при проценката на потрошувачката може да предизвика разлика во наплатата до 8.000 денари годишно по домаќинство. Со оглед дека во државата има 598.632 домаќинства, а ЕВН располага со 915.492 броила, ова претставува сериозен удар врз џебот на граѓаните и можност за милионски профити на штета на јавниот интерес.
Иако Регулаторната комисија за енергетика веќе потврди дека ваквите проценки носат штета за потрошувачите и започна процес за измени на Правилата за снабдување со електрична енергија, Владата оди во спротивна насока. Со одредбите во Глава VIII од новиот закон – иронично насловена „Заштита на потрошувачите“ – се предвидува озаконување на паушалното фактурирање преку член 185, став 2 и став 4, точка 2.
Особено загрижувачки е што Владата го носи законот со европско знаменце, повикувајќи се на усогласување со ЕУ директивата CELEX: 32019L0944, која никаде не предвидува дозвола за фактурирање со претпоставена потрошувачка. Дополнително, овие одредби не се содржани ниту во претходните верзии на законот објавени на платформата ЕНЕР“, е појаснето во реакцијата.
Апелираат до пратениците и Министерството за енергетика да ги отфрлат овие одредби и со амандмани: да се избрише став 2 од членот 185, а од ставот 4, точка 2, да се отстрани вториот дел од реченицата.
Бараат фер, прецизно и транспарентно фактурирање, исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка. „Граѓаните не смеат да бидат жртви на проценки и математички грешки што причинуваат штета од илјадници денари за нивниот семеен буџет“.
Економија
„Алкалоид“ трета година по ред е апсолутен победник – најпосакуван работодавач за 2024 година

„Алкалоид АД Скопје“ е прогласен за апсолутен победник во категоријата најпосакуван работодавач за 2024 година, трета година по ред, според анкетата спроведена од веб-порталот „Вработување.ком“.
На манифестацијата организирана од „Вработување.ком“, беа доделени награди за компании во повеќе категории, врз основа на анкетен прашалник спроведен на национално ниво во текот на 2024 година.
„Ова признание претставува особена чест за нас и уште една потврда за нашата посветеност на негувањето на основните компаниски вредности – да креираме работна средина која ги поврзува сите: од вработените до образовните институции и заедницата во која живееме и работиме. Во основата на сето тоа се високите професионални стандарди, кои ја обликуваат корпоративната култура на нашата компанија. Нашите вработени со своето знаење и посветеност се движечката сила на секој наш успех“, велат од компанијата.
Од „Алкалоид“ додаваат дека остануваат посветени на грижата за вработените, како и на нивниот раст и кариерен развој, бидејќи веруваат дека луѓето се најценетиот капитал на нивната компанија.
„Низ визија, иновација и поддршка продолжуваме да одржуваме највисоки етички и професионални норми и работна средина која и натаму ќе претставува најпосакуван избор на компанија за вработување на младите луѓе“, додаваат од „Алкалоид“.
(ПР)
Економија
Народна банка: Каматните стапки се непроменети

На 17 април 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
„На седницата беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата, при поизразени неповолни ризици, особено од надворешното окружување. Оттука, на седницата беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција ќе биде исто така непроменета, односно ќе изнесува 10 милијарди денари. Со ваквата одлука се задржува внимателниот карактер на монетарната политика. Со целокупниот сет мерки, односно со сегашното ниво на каматните стапки, досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, ќе се придонесе за ценовна стабилност на среден рок и за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во април беше донесена одлука за намалување на каматните стапки за по 0,25 п.п.“, соопштија од Народната банка.
Во соопштението се наведува дека остварувањата кај инфлацијата и натаму се еден од клучните сегменти коишто наметнуваат потреба од внимателност, во услови кога ризиците, поврзани пред сѐ со надворешното окружување стануваат понагласени и исклучително непредвидливи. Имено, во услови кога геополитичките услови сѐ уште се нестабилни, промените во царинските политики на светско ниво дополнително ги влошуваат изгледите за трговската и економската активност и ја зголемуваат променливоста, како на светските пазари на примарни производи, така и на пазарите на капитал. Покрај ова, беа земени предвид и ризиците поврзани со домашните фактори што влијаат на агрегатната побарувачка.
Народна банка соопшти дека годишната стапка на инфлација во март 2025 година значително забави и се сведе на 2,7%, што е пониско ниво од очекуваното, коешто во еден дел е под влијание на тековните краткорочни мерки за ограничување на растот на цените.
„Инфлацијата, во просек, за првиот квартал е малку повисока од очекувањата според октомвриската проекција. Забавувањето на годишната стапка на инфлација во март во најголем дел се должи на послабиот раст на цените на храната, поради исцрпување на ефектот од пониската споредбена основа и дополнителниот надолен ефект од тековните краткорочни мерки за ограничување на растот на цените (коишто истекуваат на крајот на април). Во однос на останатите компоненти, забавува растот и на базичната компонента на инфлацијата, а падот на цените на енергентите забрзува. Во однос на инфлациските очекувања, во мартовските анкети на Европската комисија преовладуваат очекувања на потрошувачите за поумерено намалување на цените во следниот период. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за следниот период се променети претежно во нагорна насока, што заедно со зголемената неизвесност и променливост на пазарите, упатува на зголемени ризици и потреба од внимателност“, се наведува во соопштението.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна. „Нивото на девизните резерви на крајот на март изнесува 4.788,1 милион евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Остварувањата кај девизните резерви се близу до очекувањата за првиот квартал на 2025 година, а интервенциите на девизниот пазар се умерено позитивни од почетокот на годината. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со март упатуваат на поумерени нето-приливи од приватните трансфери во споредба со проекциите за првиот квартал, додека трговскиот дефицит остварен во првите два месеци од годината засега е умерено повисок од очекувањата за првиот квартал“, пишува во соопштението.
Од народна банка соопштија дека економскиот раст во последниот квартал на 2024 година благо забрза и достигна 3,2%, речиси на ниво на проекциите на Народната банка (3,1%). Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2025 година упатуваат на натамошен, но поумерен раст, при засега послаби движења кај трговијата, градежништвото и туризмот, а посилни во угостителството и индустријата. Ризиците за растот во следниот период од надворешното окружување се претежно надолни, а од домашното окружување и натаму се поврзани со брзината и обемот на остварување на домашните инфраструктурни проекти.
Остварувањата во монетарниот сектор, велат од Народна банка, се подобри од очекувањата, што упатува на натамошна посилна кредитна поддршка на економијата. Имено, во согласност со податоците за март, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто се повисоки од очекувањата за првиот квартал од годината.
„Општо земено, последните остварувања кај клучните макроекономски показатели се главно поволни, но согледувањата за ризиците во однос на нивната идна патека наметнуваат натамошно внимателно водење на монетарната политика. Имено, ризиците поврзани со надворешното окружување се поизразени, а внимателно се следат и домашните фактори коишто можат да влијаат врз побарувачката и ценовната динамика во наредниот период. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и ценовната стабилност на среден рок“, се наведува во соопштението.