Економија
Нацртот на заедничката изјава на Г20 содржи план за раст

На самитот на групата Г20 кој се одржува во француското монденско летувалиште Кан, во четвртокот се довршува акциониот план со кој светското стопанство ќе настојува да се врати на урамнотежен раст а се разгледува и зголемување на ресурсите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ)
На самитот на групата Г20 кој се одржува во француското монденско летувалиште Кан, во четвртокот се довршува акциониот план со кој светското стопанство ќе настојува да се врати на урамнотежен раст а се разгледува и зголемување на ресурсите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за помош на земјите потресени од економските шокови. Во нацртот на заедничката изјава која во четврток наутро на увид ја доби агенцијата Reuters, се покажува дека 20-те големи светски стопанства се согласуваат дека земјите со големи буџетски дефицити мораат да и’ пристапат на финансиската консолидација, а оние коишто бележат трговски суфицит треба да ја засилат внатрешната побарувачка.Планот го вклучува и ветувањето на Италија дека ќе ги намали долгот и дефицитот, соопштиле изворите на агенцијата.Групата Г20 се обидува да се справи со големите неурамнотежености коишто доведоа до кризата во периодот од 2007 до 2009 година и ја повика Европа да се исчисти од фискалното безредие коешто владее на нејзините простори. „Земјите со прекумерен товар од долгот треба веднаш да ја започнат финансиската консолидација. Земјите во еврозоната во коишто пазарите гледаат сигурни прибежишта, треба да ја поддржат побарувачката и со тоа да им ја олеснат ситуацијата на послабите партнери“, изјави рускиот претседател Дмитриј Медведев. Челниците собрани на самитот на Г20 на кој доминираат драматични пресврти околу решавањето на грчкиот долг, вклучувајќи ги и можностите Грција да ја напушти еврозоната, рекоа дека се согласиле оти треба да се зголемат средствата на ММФ за да се зајакне довербата и на Фондот да му се обезбедат средства за справување со евентуалните идни кризи. Министерот за финансии на Велика Британија, Џорџ Озборн изјави дека Кина го поддржува таквиот план, како и дека нема издвоени гласови како во времето кога Г20 беше под притисокот да ја демонстрира истата решителност во договарањето мерки за надминување на кризата од 2008 година. „Меѓународната заедница прифати дека треба да се решава општата глобална економска ситуација. Се води расправа за зголемување на средствата на ММФ на класичен начин. Не чув дека кој и да е приговараше на предлогот дека треба да ги зголемите средствата на ММФ. Колку што слушнав од Кинезите, и тие се заинтересирани за давање поддршка на ММФ“, рече Озборн.„Во овој критичен момент, Г20 мора да работи на решавањето на клучните проблеми, да ја поттикне довербата на пазарите, да ги ублажи ризиците и да одговори на предизвиците, како и да го промовира глобалниот стопански раст и стабилност“, изјави кинескиот претседател Ху Џинтао. Австралиската премиерка Џулиа Гилард, изјави дека се надева оти Г20 брзо ќе постигне договор околу дополнителното финансирање на ММФ.„Најголемата ранливост која му се заканува на стопанството е одржливоста на јавниот долг во економиите во развој“, изјави турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган. Г20 заедничката изјава ќе ја објави во петок подоцна по завршувањето на самитот во Кан.Нацрт изјавата покажува дека Г„0 всушност го разгледува предлогот ММФ да отвори нова линија краткорочни кредити за помош на земјите соочени со стопанските потреси во нивната контрола. Групата, исто така, го разгледува инјектирањето милијарди долари во светското стопанство низ долга посебна алокација на Специјалните права за повлекување (SDR) од ММФ, за да се ублажи притисокот на пазарите на акции и обврзниците предизвикана со кризата во еврозоната.Во ова смисла, кинескиот претседател Ху Џинтао рече дека користењето на SDR би требало да се прошири, сугерирајќи дека Пекинг би можел да ја поддржи таа идеја финансиските хартии од вредност да можат да се издаваат во Специјалните права за повлекување – SDR, правејќи го овој буџетски инструмент на ММФ резервна валута за доларот. Во нацрт изјавата на групата Г20, исто така, се повикува глобалното регулаторно тело за хартиите од вредност – IOSCO да изработи процена на функционирањето на пазарите (ткн CDS), обезбедување на кредите, кое во голема мера е нерегулирано и се одвива директно меѓу банките и инвеститорите.Нацрт заедничката изјава од самитот на Г20 покажува мал напредок околу првичната цел на домаќинот Франција, поврзано со отворањето разговори за промените во глобалниот монетарен систем, за да тој подобро ги одразува интересите на стопанствата во развој. „Големата дваесетка“, нарекувана и „Групата на дваесеттемината“ или едноставно Г-20, беше формирана во 1999 година и во прво време ги одржуваше своите средби на ниво на министрите за финансии. Во составот на Г-20 всушност вклегуваат 19 земји: Австралија, Аргентина, Бразил, Велика Британија, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Канада, Кина, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, САД, Турција, Франција, Јужна Кореја, Јужна Африка, Јапонија и како 20-та Европската унија, којашто е претставувана од државата Претседавач со ЕУ во моментот на одржувањето на самитот и од првиот човек на Европската централна банка. Овие земји имаат 90 отсто до светскиот БДП, 80 проценти од светската трговија и три четвртини од светското население./крај/ро/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши од Струга: Инвестираме 40 милиони евра за граѓаните да останат и напредуваат дома

Денеска во Струга, Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување ја одржаа јавната презентација на Оперативниот план за вработување 2025. Настанот привлече голем интерес кај граѓаните, бизнисите и локалните институции, а главниот фокус беше ставен на мерките што директно ја засилуваат вработеноста и ја стимулираат економијата.
На презентацијата присуствуваше и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој порача дека Владата вложува во граѓаните – нивните идеи, капацитети и амбиции.
„Не нудиме празни ветувања, туку конкретни мерки, средства и поддршка. Оперативниот план е алатка за секој кој сака да започне, да се дообучи или да се вработи. Целта е јасна – да создадеме можности тука, дома“, истакна министерот Дурмиши.
Планот за 2025 година предвидува инвестиција од 40 милиони евра, насочена кон повеќе од 10.000 граѓани, а oд Министерството велат дек досегашниот одѕив покажува дека мерките веќе го даваат посакуваниот ефект.
Мерката за практикантство обезбедува вклучување на 1.352 млади лица до 29 години, од кои 40 преку онлајн практикантство. Секој учесник ќе добива месечен надомест од 12.000 денари во период од три месеци.
„Субвенционираното вработување за микро, мали и средни претпријатија веќе има над 2.000 апликации – доказ за високиот интерес на приватниот сектор да учествува во креирање нови работни места“, велат од Министерството.
Се додава и дека финансиската поддршка за започнување сопствен бизнис е успешно затворена со над 6.000 апликации, а во тек е селекцијата на корисниците, додека мерката 3.1 – Обука кај познат работодавач и понатаму останува една од најефикасните алатки за вработување.
„Овие бројки не се само статистика – зад секоја апликација стои приказна, надеж и одлука да се направи чекор напред. Нашата задача е да ја поддржиме таа одлука со реални алатки“, додаде министерот Дурмиши.
Настанот во Струга е дел од поширока теренска кампања, со која Министерството и Агенцијата за вработување ги претставуваат мерките директно пред граѓаните. Следуваат презентации во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со висока стапка на невработеност.
Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.