Македонија
Нови насилства во Скопје и Прилеп
Во саботата навечер се регистрирани три случаи на напади врз случајни минувачи во Скопје и едно во Прилеп, соопштуваат од Министерството за надворешни работи.
Во саботата навечер се регистрирани три случаи на напади врз случајни минувачи во Скопје и едно во Прилеп, соопштуваат од Министерството за надворешни работи.Во саботата околу 19.15 часот, во Скопје, поточно во паркот во населбата Ченто, од три лица без никаков повод и причина, физички било нападнато едно лице, коешто било удирано со тупаница по главата. Припадниците на полициската станица Гази Баба се ангажирани на пронаоѓање на сторителите, известуваат од МВР.Речиси во исто време, околу 19.40 часот, на другиот крај од главниот град, пред Европската очна болница во населбата Ѓорче Петров, од страна на десетина лица, повторно без никаков повод и причина, физички бил нападнат 66-годишне маж од Скопје. Насилниците го тепале со бејзбол палка, тупаници и клоци, по што побегнале преку мостот во правец кон Сарај. На расчистување на овој инцидент работи полициската станица во Ѓорче Петров.Подоцна, исто така, во саботата навечер околу 23.10 часот, во скопската населба Чаир, на улицата „Цветан Димов“, две 19-годишни момчиња, како и во претходните два случаи, без повод и причина биле физички нападнати од страна на десет лица на возраст од 20 до 30 години , при што биле удирани со тупаници и клоци по главите и телата, од што нападнатите се здобиле со видливи повреди, соопштуваат од полициската станица Бит пазар Ноќта кон неделата, околу еден часот по полноќ, 17-годишно момче во Прилеп кога се враќало дома, без повод и причина било физички нападнато од поголема група момчиња на возраст од 17 до 21 година, при што било удрено со тврд предмет во главата. Откако момчето паднало на плочникот, насилниците продолжиле да го тепаат со тупаници и клоци, по што било пренесено и задржано на лекување во Прилепската општа болница./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петти конгрес на ДУИ – Ахмети бара нов историски договор
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на денешниот Конгрес на партијата во Скопје најави нов „Национален договор за напредок“ и побара целосен ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во последните 34 години. Ахмети предложи и воведување на „извршен Бадентер“ при избор на Владата, примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд и нова фаза на функционална и фискална децентрализација.
Лидерот на ДУИ истакна дека иницијативите имаат за цел да го зајакнат унитарниот карактер на државата преку еднакво партнерство на сите заедници, да ја зацврстат довербата во институциите и да обезбедат стабилна, функционална и праведна држава.
– Унитарната држава може да биде функционална и стабилна само доколку се темели врз довербата и лојалноста на сите заедници што живеат во неа. Во таа насока, предлагаме три клучни мерки кои обезбедуваат правична застапеност, функционална еднаквост и општествена кохезија, во духот на Рамковниот договор од Охрид. Прво, избор на Владата со двојно мнозинство, односно извршен Бадентер; Секој нов состав на Владата да ја добие довербата на Собранието не само со мнозинство од вкупниот број пратеници, туку и со мнозинство од пратениците кои ги претставуваат немнозинските заедници, смета Ахмети.
Ова, според него, ќе овозможи Владата да ужива двоен легитимитет и реално да ги претставува сите заедници. – Овој механизам обезбедува двоен демократски легитимитет и гарантира реална застапеност на сите етнички заедници, како и зачувување на меѓуетничката кохезија на највисоките нивоа на извршната власт, рече Ахмети.
Како втора мерка, лидерот на опозициската ДУИ ја посочи примената на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд.
-Законите усвоени со двојно мнозинство во Собранието не смеат да бидат поништени од Уставниот суд без двојно мнозинство и во рамките на судскиот состав. Предлагаме уставно-правни измени со кои одлуките што ги засегаат правата на немнозинските заедници нема да се донесуваат без заемна согласност меѓу судиите, рече Ахмети.
Трета мерка, додаде, е продлабочување на децентрализацијата и локалната самоуправа, односно, како што рече, „финансиска автономија на единиците на локалната самоуправа, преку правична распределба и враќање на даночните и таксените приходи во општините каде што тие се создаваат“.
Во делот за владеењето на правото, Ахмети изјави дека ДУИ ја поддржува идејата за темелна истрага на потеклото на имотот, приватизацијата и дејствијата на безбедносните служби од 1945 година до денес, нагласувајќи дека „правдата не смее да биде селективна“.
Најави дека нивниот предлог за „Национален договор за напредок“ ќе ги обедини сите заедници и експерти за заедничка визија на државата „во која достоинството е гарантирано, а соништата се остварливи“. На крајот од обраќањето Ахмети упати повик до младите, жените, професионалците и дијаспората активно да се вклучат во, како што рече, процесот за изградба на европска иднина, бидејќи „иднината не се гради со поделби, туку со еднаквост, не со експерименти, туку со државничка одговорност“.
На Конгресот, партијата усвои четири резолуции – за зајакнување на унитарниот карактер на државата и консолидирање функционална еднаквост, за владеење на правото, независното судство и враќање на довербата во институциите, за национален договор за напредок и одржливиот развој на државата и за европската интеграција.
Македонија
Откажани летови и отежнат авиосообраќајот на скопскиот аеродром поради маглата
Како резултат на ниската видливост предизвикана од густата магла што ја зафати скопската котлина денеска до 14 часот на Меѓународниот Аеродром Скопје има пет откажани, два пренасочени и шест летови со доцнење. Од 12 часот временските услови се подобрени, така што три лета пристигнаа, еден полета, а три лета се спремни да полетаат, информираат од ТАВ Македонија.
Од ТАВ Македонија апелираат до сите патници дека временските услови се менуваат постојано и во однос на нивните летови да ги следат насоките кои им ги дава нивната авиокомпанија.
-Денеска, 20 декември 2025, од 00:00 часот до 14 часот, на Меѓународниот Аеродром Скопје има 5 откажани летови, 2 пренасочени летови и 6 летови со доцнење, како резултат на ниската видливост предизвикана од густата магла што ја зафати скопската котлина. Од 12 часот временските услови се подобрија, така што 3 лета пристигнаа (од Дортмунд, Истанбул и Париз), 1 лет полета (за Истанбул), а 3 лета се спремни да полетаат (за Осло, Љубљана и Баден-Баден), информираат од ТАВ Македонија.
Маглата, што го зафати денеска Скопје го отежнува авиосообраќајот на скопскиот аеродром, каде, според податоците од официјалната веб-страница, има откажани и летови што се реализираат со задоцнување, додека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по суви коловози, но со намалена видливост на одредени патни правци.
Македонија
Мицкоски се фотографираше на одбележувањето посветено на ликот и делото на Даме Груев
Со полагање цвеќе и пригодна комеморација, денес во беровското село Русиново беше одбележана 119-годишнината од загинувањето на македонскиот револуционер Даме Груев, еден од клучните идеолози на борбата за слободна Македонија.

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес присуствуваше на одбележувањето посветено на ликот и делото на Даме Груев, кој на 23 декември 1906 година загина во борба со османлиските сили на планината Петлец, во близина на Русиново.
Во рамки на настанот, на селските гробишта беше одржана панихида, по што Мицкоски и останатите присутни положија цвеќе пред спомен-обележјето на револуционерот.
Одбележувањето продолжи со традиционален марш кон месноста Петлец, местото каде што Груев го положи својот живот за идејата за слободна и независна Македонија.
Настанот се реализираше во организација на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Берово, со присуство на бројни граѓани, партиски претставници и почитувачи на македонската револуционерна историја.

