Македонија
Фатен Турчин за трговија со дрога
Полицијата вчера го приведе турскиот државјанин А.Х. (35) поради основано сомневање дека тој е нарачател на хероинот запленет ден претходно
Полицијата вчера го приведе турскиот државјанин А.Х. (35) поради основано сомневање дека тој е нарачател на хероинот запленет ден претходно.
Ова денеска го соопшти Министерството за внатрешни работи, додавајќи дека во рамките на заедничката операција „Босфор“ на македонската и турската полиција со посредство на СЕКИ Центарот, биле добиени сознанија дека турчинот А.Х., кој се крие на Косово е нарачател на дрогата.
Во текот на вчерашниот ден на еден од двајцата осомничени македонски државјани му било дозволено да се сретне со нарачателот во кафуле на плоштадот Македонија, а турскиот државјанин не бил запрен на граничниот премин „Блаце“ кон Косово, односно граничната полиција му овозможи да влезе во Р. Македонија.
Под засилен полициски надзор, Турчинот се упатил кон Скопје појавувајќи се на договореното место за да се усогласат околу подигнувањето и натамошниот транспорт на хероинот, но во тие моменти А.Х. е приведен од страна на припадници на специјалните единици
Турскиот државјанин, по кој е распишана и меѓународна потерница, успеал да и побегне на турската полиција при реализација на поголема операција за шверц на дрога и оружје, заедно со завчера приведените македонски државјани вчера попладне беше изведен пред надлежен Истражен судија.
На сите тројца им е изречена мерка притвор во времетраење од 30 дена и истите со засилено обезбедување се префрлени во Истражниот затвор – Скопје. Во соработка помеѓу македонските и турските правосудни органи ќе се одлучува кој и како ќе постапува натаму со турскиот државјанин.
Во меѓународната операција „Босфор” за откривање и пресекување на интернационален канал за недозволена трговија со наркотици од блискиот исток кон западноевропските земји, беа запленети околу 9 килограми и 330 грама чист хероин.
Според досегашните сознанија, меѓународната група во која биле вклучени и македонски државјани, изминативе години успеала во западноевропските земји да прокриумчари дрога вредна повеќе милиони евра. /крај/со/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа со делегација од СКСЗМ: Бизнис секторот важен партнер во усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес одржа работен состанок со делегација од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), предводена од в.д. претседателот Нухи Алиу.
За време на состанокот, на кој членовите на комората му го честитаа мандатот на Хоџа, беше договорено страните да го продлабочат институционалното партнерство и размената на идеи за прашања од заеднички интерес.
На состанокот се разговараше за теми поврзани со имплементацијата на еколошките стандарди, просторното планирање, управувањето со отпадот, енергетската ефикасност, како и влијанието на еколошките политики врз економскиот развој и бизнис-климата во регионот каде што дејствува СКСЗМ.
Хоџа истакна дека Министерството за животна средина и просторно планирање го смета бизнис-секторот за важен партнер во изградбата на одржлив развој и усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата. Тој нагласи колку е значаен отворениот дијалог и континуираната комуникација за пронаоѓање практични и избалансирани решенија.
Претставниците на СКСЗМ изразија подготвеност за понатамошна соработка, претставувајќи ги предизвиците со кои се соочуваат бизнисите, како и конкретни предлози за подобрување на процедурите и поддршка на зелени инвестиции.
Македонија
Утре сончево со мала до умерена облачност, викендот постудено со локални слаби врнежи од дожд и снег
Времето утре, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини во утринските часови ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево и тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во деновите од викендот ќе преовладува променливо облачно и постудено време со локални слаби врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините.
Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање. Потоа до средината на следната седмица времето ќе биде стабилно и суво.
Македонија
Утре без вода дел од општина Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради изведувзње на водоводен уличен дефект Ф200мм. на улица Димитар Чуповски 27 (позади гимназијата Јосип Брос Тито), со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Димитрие Чуповски и Мито Хаџивасилев Јасмин.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување на работните активности.(општина Центар)

