Македонија
Кочишки: Местото директор ми беше предизвик, а ме отсликавте како криминалец
Ни во најлош сон не сум можела да сонувам дека ќе ми се случи сето ова. Тоа што го преживеав без моја вина тешко се одрази на моето здравје, животот на моето семејство и мојата кариера.
Ни во најлош сон не сум можела да сонувам дека ќе ми се случи сето ова. Тоа што го преживеав без моја вина тешко се одрази на моето здравје, животот на моето семејство и мојата кариера. Работата ја прифатив со најискрена намера да ја креирам програмата на А1 телевизија. Петнаесетгодишната кариера на новинар и креативец се дупна како балон од сапуница. Се прашувам зошто, за мене директорското место во најгледаната телевизија беше предизвик, а после се ме отсликавте како криминалец.
Вака низ солзи се бранеше поранешната директорка на А1 телевизија, Анета Кочишки, обвинета во случајот „Пајажина“, која пред судскиот совет тврдеше дека не е виновна и дека немала врска со финансиите во А1 телевизија, каде била директор десет месеци.
Таа детално го објасни нејзиното стапување на функција и нејзините ингеренции во телевизијата, нејзина работа била единствено да се грижи за програмската шема на А1 телевизија, да ја претставува телевизијата пред клиенти и да комуницира со амбасадите.
Кога дошла на местото директор на телевизијата, во 2010 година, организацијата во неа веќе била јасно воспоставена, со јасно определени оддели, кои што за својата работа според нејзини претпоставки му одговарале на сопственикот, Велија Рамковски.
Го прифатила работното место, за кое преговарала со Хеди Рамковски и поранешниот директор на А1, Дарко Перушевски, затоа што и било кажано дека нејзина обврска ќе биде уредувањето на програмската шема.
Одлуките за програмата не ги донесувала сама, тоа го правела заедно со програмскиот оддел, кој што го сочинувале Нехру Хоџа, Анета Ветерова и Хеди Рамковски. Конечната одлука за тоа кои програми ќе бидат купени ја носел Велија Рамковски.
Договорите за маркетинг ги склучувал Зоран Силјаноски, кој бил задолжен за одделот за маркетинг, а поголемите договори ги склучувале заедно, но цената, попустите, фактурите, контролирањето на минутажата на рекламите ја вршел Силјаноски.
Одделот за сметководство ја изготвувал целосната документација, вклучувајќи ги и даночните пријави кои ги потпишала, а овластени потписници на банкарската сметка на А1 биле Невин Рауф, Амди Рамковски и Жаклина Ѓорѓиевска.
„Никогаш не би презела обврска за финансиите бидејќи немам образование за тоа и не се разбирам“ рече Кочишки, која додаде дека таа не ги определувала ниту платите на вработените.
Кочишки, како директор на А1 телевизија ги потпишувала месечните даночни пријави и една годишна даночна пријава и тоа за 2009 година кога не била управител, бидејќи дотогашниот директор, Перушевекси заминал итно на боледување, а потоа се вработил и во друга фирма.
Од Велија никогаш не добивала никакви налози и не контактирала со него за финансии.Судењето за случајот „Пајажина“ продолжува во понеделник./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во израелски напади во Газа убиени 17 лица, меѓу нив шест деца
Во израелски напади на северот и југот на Појасот Газа убиени се најмалку 17 Палестинци, меѓу кои и шест деца, соопштија локалните болници, пренесе Би-Би-Си.
Израелската војска наведува дека нападите уследиле откако, според нив, „терористи отвориле оган и тешко раниле еден војник“ на северот на Појасот Газа, во близина на таканаречената Жолта линија, која според договорот за прекин на огнот со Хамас означува територија под контрола на Израел. Како одговор, биле изведени прецизни удари од копнени и воздушни сили, поради, како што наведуваат, „очигледно кршење“ на примирјето.
Болницата Ал-Шифа во Газа соопшти дека примила тела на 13 лица, меѓу кои пет деца, по напади врз шатори и домови во источните квартови Зеитун и Туфа. Во болницата Насер во Хан Јунис биле донесени тела на уште четири жртви, меѓу кои и едно дете.
Од стапувањето во сила на примирјето на 10 октомври, Израел и Хамас речиси секојдневно меѓусебно се обвинуваат за негово кршење. Министерството за здравство во Газа, под контрола на Хамас, наведува дека од тогаш во израелска ватра загинале најмалку 529 луѓе, додека Израел соопштува дека во палестински напади загинале четворица нивни војници.
Македонија
СДСМ му оддаде почит на македонскиот великан Гоце Делчев
Делегација на СДСМ предводена од генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ, заедно со членовите на Извршниот одбор, Наташа Поповиќ и Петар Огњеновиќ, денеска оддаде почит и се поклони пред ликот и делото на македонскиот великан Гоце Делчев.
„Идеалите на Гоце Делчев за слободна, праведна и напредна Македонија и денес се силен потсетник дека иднината се гради со храброст, знаење и единство. Наша должност е да ги чуваме и живееме тие вредности, секој ден.
Нека е вечен споменот на македонскиот великан Гоце Делчев“.
Македонија
Мицкоски: Очекувам раководството на ССМ да излезе од партиската прегратка и да се договори со Владата во интерес на административците
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изјави дека очекува неколкумина од раководството на Сојузот на синдикати да излезат од, како што рече, партиската прегратка и да постигнат договор со Владата во интерес на работниците, односно на административните службеници.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со утрешната средба со УПОЗ и очекувањата, Мицкоски нагласи дека дел од вработените во јавната администрација сè уште немаат договорен Колективен договор со Владата.
„Очекувам да излезат од партиската прегратка тие неколкумина во раководството на Сојузот на синдикати и да се договорат со Владата во интерес на работниците, односно во интерес на административните службеници, бидејќи уште тие, како што многу пати кажав во минатото, уште тие 7.700–7.800 наши колеги немаат со Владата договорен Колективен договор, сите останати имаат“, изјави премиерот.
Тој додаде дека со ваквиот договор Владата, како работодавач, ќе ги заокружи односите со сите вработени до истекот на мандатот.
„Со ова, Владата како работодавач ги заокружува односите до истекот на мандатот на оваа Влада, до 2028 година, со сите оние на чии работодавач директен или индиректен е Владата“, рече Мицкоски.

