Свет
За службениците може подароци и до 100 евра
Во Македонија за корупција не се сметаат подароци во вредност од пола просечна плата, а во Хрватска, каде просечната плата е 550 евра, најскапите дозволени подароци за службениците се 65 евра
ЗАКОН ЗА СПРЕЧУВАЊЕ КОНФЛИКТ НА ИНТЕРЕСИ
Во Македонија за корупција не се сметаат подароци во вредност од пола просечна плата, а во Хрватска, каде просечната плата е 550 евра, најскапите дозволени подароци за службениците се 65 евра
Државните службеници и во иднина ќе продолжат да примат подароци од граѓаните во знак на благодарност за добро завршена услуга, без да стравуваат дека некој ќе ги обвини за корупција. Досегашната пракса, кога на луѓето од другата страна на шалтерите им се носеше кафе, виски, но и девизи за да ни завршат побрзо некоја работа, сега веќе категорично се забранува со закон. Меѓутоа, останува можноста да им носиме пригодни подароци, како што се книги или сувенири и слични предмети, кои не ја надминуваат вредноста од 100 евра. Преведено на јазикот на стандардот на обичниот граѓанин, тоа е половина просечна македонска плата. Висината на наградата за службениците е поголема од минимална плата што се исплаќа во Македонија.
Можноста за примање пригодни подароци на службениците од граѓаните е предвидено во Предлог-законот за спречување на судир на интереси, кој го подготви Министерството за правда и го достави во Собранието за донесување.
Од ресорното министерство не сакат да коментираат дали најскапиот подарок од 100 евра што може да го прими службеник е многу висок за македонските услови. Велат дека кога ја утврдиле висината на подарокот, како репер не ја зеле просечната плата во Македонија. "Вредноста на подарокот може да биде и 30 и 50, не мора да е 100 евра", се правдаат изворите од Правда. Според нив, никој од учесниците на јавната расправа, која траеше скоро една година, ни по трибините и семинарите, а ниту во собраниската расправа кога се утврдувала потребата за донесување на законот, не побарал намалување на вредноста на подароците.
При утврдување на висината на подароците од ресорното министерство се воделе од искуството на другите земји, како што се Црна Гора, Хрватска, Германија.
Хрватското искуство говори нешто друго. Нивната просечна плата е над 500 евра, а хрватските службеници смеат да примат подароци најмногу до 500 куни или нешто над 60 евра. Ова значи дека во Хрватска висината на подарокот е помала од Македонија, ако се има предвид дека нашата просечната плата е 200 евра, а највисокиот лимит на подарокот е 100 евра.
Црногорскиот закон за спречување на судир на интереси по прашањето на подароците е уште порестриктивен. Нивните службеници не смеат да примат скапи подароци. Во случај да ги добијат, мора да ги пријават и тие стануваат сопственост на државата.
Интересно е што во законодавството на овие две бивши југословенски држави, во делот што го регулира конфликтот на интереси се потенцира фактот дека вредноста на подарокот треба да се пресметува според пазарна цена која ја утврдува посебна комисија, додека во нашиот закон тоа го нема.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ по говорот на Трамп: Излагањето на Фон дер Лајен беше позначајно во стратешка смисла
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека неговиот прв впечаток по говорот на американскиот претседател Доналд Трамп на Светскиот економски форум е дека се движи во насока на понатамошно спротивставување и конфликт на Западот помеѓу Соединетите Американски Држави и Европа.
Во изјава за новинарите, по говорот на Трамп, кој го следеше од првиот ред во салата на Конгресниот центар во Давос, Вучиќ рече дека редот за да се влезе во таа сала и да се слушне американскиот претседател бил долг 500 метри.
Наведувајќи дека му треба време да го анализира тој говор и да го коментира, Вучиќ рече дека Трамп е интелигентен и шармантен, но дека вчерашниот говор на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, бил многу повеќе стратешки ориентиран.
„И јас зборував вчера – бев изненаден од квалитетот на говорот на Урсула фон дер Лајен. Не зборувам за последиците, не зборувам за тоа кој е посилен, кој не, но бев изненаден од квалитетот и начинот и содржината на говорот на Урсула фон дер Лајен. Што се однесува до содржината, таа вчера создаде нова идеолошка платформа, нова политичка платформа. За мене, ова е сигурно најважниот говор што сум го слушнал“, рече Вучиќ.
Додавајќи дека ги слушнал речиси сите нејзини говори и прочитал 90 проценти од говорите на важни луѓе на сите времиња, Вучиќ нагласи дека вчерашниот говор на Фон дер Лајен бил еден од најдобро составените говори.
„Не би го рекол тоа така за г-дин Трамп. Би рекол дека е многу интелигентен, исклучително шармантен, дека добро разбира дека проблемот со долгот се решава со стапката на раст, ја разбира економијата, но говорот на Фон дер Лајен беше многу постратешки ориентиран од неговиот. Не би зборувал понатаму за говорот на претседателот Трамп“, рече Вучиќ.
Тој потсети дека Фон дер Лајен вчера изјавила дека заблудите се завршени и дека чекале една година да се промени ставот на Америка, дека сега мора да се разбере дека ова е трајна ситуација, и дека мора да се формира независна Европа, односно дека била принудена да го стори тоа, иако цело време се потпирала на Америка.
„Во таа смисла, Трамп ѝ помага на Европа, а не ја перцепира на тој начин. Не сум сигурен дали Европа ќе има сила за тоа или не. И ако некој ме праша, би рекол 50 спрема 50. Можеби дури и повеќе „не“ отколку „да“. Но, идеите што беа изнесени, постулатите што ги поставија оние што учествуваа во пишувањето на тој говор и конечно самата фон дер Лајен, се високи цели, не лесно остварливи, но би рекол нешто што ќе ја претставува историјата на иднината и она што таа ќе го зборува“, рече Вучиќ.
Коментирајќи го говорот на Доналд Трамп, Вучиќ додаде дека знае дека, за жал, голем дел од српските граѓани сосема погрешно и ирационално ќе се радуваат на неговите зборови во врска со Гренланд и некои други теми.
„Не сакам да коментирам за тоа во овој момент. Сакам да останам господар на неискажаните зборови како претседател на земјата“, рече Вучиќ, пренесуваат медиумите во соседството.
Свет
Белгискиот премиер: Трамп е гладна гасеница
Белгискиот премиер Барт де Вевер го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп, споредувајќи го со „гладна гасеница“, во контекст на неговите изјави и закани во врска со Гренланд.
Како што пренесува „Метро“, де Вевер рече дека времето за дипломатско убедување на Вашингтон е истечено и дека таков пристап станал контрапродуктивен.
„Доста е. Европа мора да се соочи со Доналд Трамп, „гладната гасеница“, рече белгискиот премиер.
Тој ги повика европските земји сериозно да ги зајакнат сопствените одбранбени капацитети, за да можат да одговорат на можноста за американска воена интервенција во Гренланд.
Според него, дојде време реториката и апелите да се заменат со конкретни мерки насочени кон заштита на европските интереси.
Изјавите на белгискиот премиер следеа по низа провокативни пораки од Вашингтон.
Трамп претходно го нарече Гренланд „парче мраз“ и јавно побара НАТО да им го отстапи на Соединетите Американски Држави.
Во овој контекст, тој потсети дека во рамките на Алијансата, како што изјави, го нарекуваат „тато“, додавајќи дека САД би биле „благодарни“ доколку Гренланд биде предаден, но дека ќе „го паметат при евентуално отфрлање“.
Во исто време, американскиот претседател рече дека Вашингтон е секогаш подготвен да го брани НАТО, но изрази сомнежи за способноста на Алијансата да ги поддржи САД во иста мера, што во европските престолнини беше протолкувано како дополнително заострување на односите со сојузниците.
Фото: ЕПА
Свет
Земјотрес ја погоди Турција
Турција денес беше погодена од земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
Како што е наведено, епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 12 километри и на растојание од 68 километри од градот Баликешир.
Досега нема извештаи за повредени или материјална штета, пренесува Танјуг.

