Македонија
Цените на мало во јануари пораснале за 1,2 отсто
Цените на мало во јануари годинава, во споредба со декември 2009 пораснале за 1.2 отсто, а трошоците на животот се зголемиле за 0.7 проценти
Цените на мало во јануари годинава, во споредба со декември 2009 пораснале за 1.2 отсто, а трошоците на животот се зголемиле за 0.7 проценти.
Ова денеска го соопшти заводот за статистика, додавајќи дека цените на мало во јануари на годишно ниво се зголемиле за 1,7 отсто, а трошоците на животот за 0,1 отсто.
Вредноста на потрошувачката кошница за исхрана и пијалоци за едно четиричлено домаќинство за јануари 2010 година, пресметана врз основа на цените на мало, изнесува 12.151 денар, и во однос на претходниот месец е повисока за 0.2 отсто.
Порастот на трошоците на животот во јануари годинава во однос на декември лани се должи на повисоките индекси на туристичките аранжмани за 11.6 отсто, електричната енергија за домаќинствата за 10 отсто, сообраќајните средства за 4.2 проценти, парното греење за 2.7 отсто, административните услуги за 2.6 проценти, услугите за образование за 2.3 проценти, предметите за домаќинството за 2.2 отсто, средствата за хигиена за 1.9 проценти, нафта и гас за домаќинствата за 1.6 отсто, нафтените деривати за 1.2 проценти, здравствените услуги за 0.9 отсто, финансиските услуги за 0.7 и облеката за 0.5 отсто.
Пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај преработките од месо за 1.6 отсто, млечните производи за 1.1 проценти, преработеното овошје за еден отсто и преработениот зеленчук за 0.5 проценти.
Намалување на индексот на трошоците на животот во јануари 2010 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај рибата за 5.3 отсто, зеленчукот за 4.3 проценти, јајцата за 1.5 отсто, овошјето за еден процент и производите од жито за 0.8 отсто.
Исто така, намалување на индексот на трошоците на животот е забележано и кај ПТТ услугите за 2.8 проценти, услугите за одржување на станот за 0.5 отсто и трошоците за одржување на автомобилите за 0.3 проценти./крај/со/мп/.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето денес променливо облачно со сончеви периоди
Времето денес ќе биде променливо облачно време со сончеви периоди и со локална појава на пороен дожд и грмежи.
Наместа процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (поголема количина за кратко време), силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени. УВ=7
Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен ветер од јужен правец. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 31 степен, јавува УХМР.
Во наредните денови се очекува сончево и топло време со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер, во вторник од западен, а потоа од северен правец. Во попладневните часови ќе има услови за ретка појава на пороен дожд и грмежи.
Македонија
Делови од Радишани и Волково без струја
ЕВН Македонија АД извести дека н 3 јуни ( понеделник ) без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од Волково лоцирани на потегот од кружниот тек кон село Кучково. (општина Ѓорче Петров )
– во периодот од 11.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Ѓоре Ѓоревски, лоцирани на третиот влез во населба Радишани. (општина Бутел )
Македонија
„Простор за разговор“ во Охрид
Вечерва со почеток во 20 часот, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во соработка со Интерарт културниот центар организира настан „Простор за разговор“ во Младинскиот центар во Охрид, за зајакнување на родовата еднаквост.
Настанот е дел од проектот „Простор за разговор“ со кој преку уметност, танц, театар и филм сплотени во еден перформанс целта е да се зајакне чувството на припадност кон заедницата, да се искоренат стереотипите и да се зајакнат младите, маргинализираните и лицата во социјален ризик.
„Простор за разговор“ се состои од краток филм и танцов перформанс, кои претставуваат уметничка рефлексија на темата и ќе бидат изведени од танчерите на Скопје танцовиот театар. По перформансот ќе има разговор на темата за родова еднаквост со публиката, со цел справување на проблемите на младите. Поканети се социолози, активисти и психолози, кои ќе говорат за тоа, каде сме и што треба понатаму да направиме во однос на социјалната положба и родовата еднаквост.
На 4. јуни (вторник) настанoт се одржува во Струга во Домот на културата во 12 часот, со што завршуваат низата перформанси што се одржаа изминатите 10 дена во шест градови низ државата.
Проектот „Простор за разговор“ е поддржан од Германија преку Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во рамки на регионалниот проект за социјално вклучување на ранливи групи во Западен Балкан.