Македонија
ССНМ: Македонија нема што да одбележува на Денот на слободата на медиумите
Светот го одбележува 3 Мај, Меѓународниот ден на слободата на медиумите. Македонија не го одбележува. Затоа што нема што да одбележува. Ова е ставот на Самостојниот синдикат на новинарите во Македонија (ССНМ), по повод денешниот Светски ден на слободата на медиумите.
„Ако се даде акцент на овој важен ден, тогаш ќе мора да се каже дека новинарите и медиумските работници мораат да работат без страв од одмазда, без закани и насилство, без корупција и уцени… А сите оние што работат во медиумите знаат: во една држава во која во континуитет се затвораат медиуми, во која се затвораат новинари поради вршење на својата работа, во која се пресудуваат бесмислено високи казни за навреда и клевета, во која има неразјаснети погибии на новинари… тоа, едноставно, не може да се каже”, велат од ССНМ.
Слободата на изразувањето и правото да се информира и да се биде информиран, се наведува во писмената изјава на ССНМ, се фундаменталните права врз кои се темели секое демократско општество, а извештаите на сите релевантни и помалку релевантни домашни и меѓународни организации што се занимаваат со овие прашања ја лоцираат Македонија на дното по почитувањето на овие права. „Ваквата проценка може да значи само едно – Македонија е далеку од демократско општество”, нагласуваат од новинарскиот синдикат.
„Заштитата на новинарите, безбедноста на новинарските работни места и укинувањето на „деликтот на мислење” се далечни поими во земја во која владее цензурата и самоцензурата, каде што говорот на омраза не само што поминува неказнето, туку и се стимулира, каде што политичките и економските центри на моќ ги диктираат уредувачките политики, каде што постои нетранспарентност врз сопственичките структури на медиумите, каде што владеачката политичка елита е неселективно заштитена од критичкиот збор…Затоа 3 Мај, денот што повеќе од две децении светот и’ го посветува на слободата на медиумите е можност и новинарите во Македонија да потсетат дека не постои слобода без слобода на медиуми, дека не постои демократија без судир на мислења, дека новинарството е една од најбитните професии во изградбата на демократските капацитети”, наведува ССНМ по повод 3 Мај – Денот на слободата на медиумите.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улицата Леринска лоцирани околу број 3, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа) со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 14 до 18 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониски утрински температури.

