Свет
Драма на едно американско семејство заради инцидент во супермаркет
Американскиот синџир на супермаркети Сејфвеј денеска соопшти дека нема да тужи еден брачен пар чие апсење во Хонолулу на Хаваите заради неплатен сендвич ги наведе социјалните работници накратко да им ја одземат двегодишната ќерка.
Американскиот синџир на супермаркети Сејфвеј денеска соопшти дека нема да тужи еден брачен пар чие апсење во Хонолулу на Хаваите заради неплатен сендвич ги наведе социјалните работници накратко да им ја одземат двегодишната ќерка.
Случајот од супермаркетот во Хонолулу предизвика бројни осуди во САД, а детето по 18 часа им беше вратено на родителите.
Портпаролката на Сејфвеј изјави за Асошиејтед прес дека Сејфвеј нема да го тужи Марсин Лесчински и неговата сопруга Никол, која во моментот на апсењето минатата недела беше во 30 недела на бременоста.
Никол, поранешна припадничка на американското воено воздухопловство, со сопругот и малата ќерка Зофија била да купува и за тоа време јадела сендвич, при што, како што тврди, ја чувала обвивката со цена за да плати.
Но, кога дошле на касата со продукти во вредност од 50 долари, брачниот пар заборавил на тој сендвич.
Потоа чуварите ги испрашувале и ги одвеле на катот каде што се наоѓала управата на супермаркетот, каде што парот очекувал дека ќе им биде одржано „предавање“, ќе им бидат земени пари за сендвичите и ќе бидат пуштени. Но, како што рече Никол, менаџерите не сакале да дозволат сè да заврши на плаќање.
Четири часа подоцна дошол полицаец, кој на брачниот пар им ги прочитал нивните права и им ставил лисици, а жена од социјалната служба дошла по детето да го води. Трудната Никол потоа ја изгубила присебноста и во еден момент добила напад на повраќање.
Брачниот пар по претресот е пуштен со кауција од 50 долари.
Детето, кое никогаш не се раздвојувало од своите родители, им било вратено по 18 часа.
Според зборовите на Никол, инцидентот бил „ужаснувачки, изгледаше дека ескалира и никој не можеше да каже ова е премногу“.
Претседателот на Сејфвеј Карл Шредер вчера телефонски ја повикал Никол „и и се извинил заради она што го поминала“.
Како што соопштуваат од Сејфвеј, повикувањето на полицијата е рутинска процедура во случај на кражба во продавницата, но не било предвидено дека последица ќе биде – раздвојување на детето од родителите.
Во полицијата соопштуваат дека повикувањето на социјален работник исто е рутинска постапка во случај кога дете присуствува на апсење на двата родитела.
Никол во меѓувреме изјави дека нејзе и на нејзиниот сопруг им било речено дека не смеат да стапнат во Сејфвеј во следната година.
Портпаролот на компанијата рече дека не знае кој можел тоа да им го каже, но „Сејфвеј на ова семејство повторно им посакува добредојде“.
Сејфвеј, додава портпаролот, ќе испитува на кој начин менаџерите и вработените во компанијата се обучуваат „бидејќи во овој случај не се постапувало на соодветен начин“. /крај/б/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Каја Калас: Додека некои сојузници ѝ вртат грб на Европа, Европа бара нови партнери
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, денес во Европскиот парламент го бранеше неодамна потпишаниот трговски договор со Меркосур, нарекувајќи го „геостратешка одлука“.
Во расправата посветена на потребата од мирна демократска транзиција во Венецуела, Калас се осврна на потпишувањето на договорот со Бразил, Аргентина, Парагвај и Уругвај, земји членки на Меркосур. Членството на Венецуела во овој трговски блок е суспендирано од 2016 година.
„Во момент кога некои сојузници ѝ свртуваат грб на Европа, Европа бара нови сојузници“, рече Калас во Стразбур, пред зградата на Европскиот парламент, каде што денес се одржа голем протест против договорот.
Во саботата, Европската унија и земјите од Меркосур го потпишаа историскиот договор за слободна трговија, кој опфаќа 700 милиони граѓани. Следниот чекор е да се обезбеди поддршка од Европскиот парламент.
Утре пратениците ќе гласаат дали да побараат мислење од Судот на ЕУ за тоа дали договорот е усогласен со европските договори. Доколку предлогот помине, гласањето за потврдување на договорот ќе се одложи сè додека Судот не се изјасни – што може да потрае и до две години. Ако предлогот не помине, Европскиот парламент би можел да гласа уште во февруари.
Свет
САД веќе купиле острови од Данска – меѓу нив и озлогласениот остров на Епстин
Откако Доналд Трамп повторно ја актуелизираше идејата за купување на Гренланд, во јавноста се појави информација за последната голема територија што САД ја купиле од Данска во 1917 година. Станува збор за Данските Западни Индии, денес познати како Американски Девствени Острови, пишува „Њузвик“.
На социјалните мрежи се посочува дека во рамки на таа територија се наоѓа и островот Литл Сент Џејмс, познат како озлогласениот „остров на Епстин“.
САД ѝ платиле на Данска 25 милиони долари во злато за овие територии, стекнувајќи контрола врз островите Сент Томас, Сент Џон и Сент Кроа. Островот Литл Сент Џејмс бил дел од оваа аквизиција. Подоцна, во 1998 година, го купил починатиот финансиер и педофил Џефри Епстин.
Островот стекна лоша репутација како приватен имот на кој Епстин наводно извршувал сексуални злосторства. Тој стана централна точка во истрагите и граѓанските постапки што следеа по неговото апсење и смрт.
И денес островот е предмет на јавни расправи, а многумина повикуваат на објавување на детални информации за тоа кој и кога го посетувал. Тоа е особено нагласено по неодамнешното објавување на делови од „досиејата на Епстин“, кои фрлија ново светло врз неговата мрежа на контакти и тековните судски постапки.
Свет
„Не се сигурен сојузник“: Белгискиот премиер го критикуваше односот на САД кон Европа
Белгискиот премиер Барт де Вевер изрази сомнежи за улогата на Соединетите Американски Држави како сојузник на Европа, наведувајќи дека на нивниот сојуз повеќе не може безусловно да се смета. Тој, исто така, остро се осврна на изјавите на Трамп за Гренланд и Русија, пишува „Гардијан“.
„Европа се наоѓа на раскрсница и мора да одлучи каква ќе биде нејзината политика. Досега се обидувавме да го смириме новиот претседател во Белата куќа. Бевме многу благи, вклучително и со царините. Бевме благи надевајќи се дека ќе ја добиеме неговата поддршка за војната во Украина. Но сега се преминуваат толку многу црвени линии што мора да се избере меѓу самопочитта. Едно е да бидеш среќен вазал. Но нешто сосема друго е да бидеш беден роб. Ако сега се откажеш, ќе го изгубиш достоинството. А тоа е, веројатно, најдрагоценото нешто што можеш да го имаш во една демократија“, изјави де Вевер.
Остро реагираше и на ставовите на Трамп за Русија и Гренланд, велејќи дека Европа мора да повлече граница: „Или ќе бидеме обединети, или ќе заврши 80-годишната ера на атлантизмот.“
Како пример наведе дека американски претставници на состанок за Украина рекле дека не сакаат да заземаат страна. „Ова го охрабрува Путин. Неговата сила е нашата поделба“, изјави де Вевер.

