Македонија
Државата заплени два милиони евра од фирмата на Марковиќ

Повеќе од два милиони евра акции од фирмата „Скотиха“ сопственост на црногорскиот бизнисмен Миодраг Марковиќ, близок соработник на поранешниот прв човек на македонската царина Драган Даравелски, од денеска се во сопственост на државата, соопшти Агенцијата за управување со одземен имот.
Повеќе од два милиони евра акции од фирмата „Скотиха“ сопственост на црногорскиот бизнисмен Миодраг Марковиќ, близок соработник на поранешниот прв човек на македонската царина Драган Даравелски, од денеска се во сопственост на државата, соопшти Агенцијата за управување со одземен имот.
„Врз основа на правосилна пресуда на Основниот суд Скопје 1, извршителите на агенцијата за управување со одземен имот конфискуваа акции од правното лице „Скотиха“ во вредност од 2.049.000 евра поврзани со кривично дело перење пари“ се вели во соопштението од агенцијата.
Најголема вредност имаат акциите во ИК банка, од околу 500.000 евра. Запленети се 2.778 во КИК АД Куманово, 13.544 во “Југоопрема“, 921 во “Козјак“ Куманово, 564 акции во ЗИК “Скачковци“ Куманово, 23.970 акции во “Трготекстил Малопродажба“ АД Скопје, 8.662 акции во Комерцијално Инвестициона банка АД Куманово.
Црногорскиот бизнисмен Марковиќ е осуден на четири години затвор поради перење на 600 милиони денари со кои купувал имот во Македонија. Неговиот соработник, поранешниот прв човек на царината сега живее во Белград.
Даравелски во 2007 година беше осуден на седум години затвор во Македонија и задолжен да и врати 2.4 милиони евра на државата. Агенцијата за управување со конфискуван имот по три години почна да го одзема имотот на Даравелски.
Изминативе недели му беше конфискуван имот во Куманово, земјиште во строгиот центар на Скопје, како и рестораните во Куманово купени со испрани пари, „Пчела”, „Ловец” и “Батко Ѓоргија”./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Да се лоцираат и отстранат сите диви депонии, им препорача Меџити на општините

На барање на министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити до општините е испратена препорака за спроведување детаљни контроли и идентификација на сите диви депонии и нерегистрирани локации за отпад, како и изготвување планови за нивно систематско отстранување.
Министерството соопшти дека од општините очекува мерки за унапредување на управувањето со отпад и заштита на животната средина, а од Државниот инспекторат за животна средина итни активности за контрола и управување со депониите.
Препораките предвидуваат формирање работни тимови за теренска проверка и геолокациско мапирање, соработка со инспекциските служби, подготовка на извештај за состојбата со дивите депонии, кој во рок од 60 дена ќе биде доставен до Министерството, како и информативни кампањи за подигање на јавната свест кај граѓаните.
Истовремено, Државниот инспекторат за животна средина ќе спроведе вонредни контроли на сите постојни и нерегистрирани депонии. Контролата ќе опфати проверка на усогласеност со дозволите и со еколошките стандарди, откривање незаконско депонирање и преземање мерки за санација и санкционирање при прекршувања.
Македонија
Јас не сум од вчера во политиката, Левицата фрли гума за спасување на ДУИ со кандидатите во Струга, Гостивар и во Тетово, вели Мицкоски

Партијата Левица предложи кандидати за градоначалници во Струга, Гостивар и во Тетово само за да ги раслои анти-ДУИ гласовите во овие општини, во кои е јасно дека нема да победат. Вака премиерот Христијан Мицкоски денес го објасни од каде му е ставот дека има коалиција меѓу партијата Левица и ДУИ.
„Јас не сум од вчера во политиката. Потегот на партијата Левица да извади свои кандидати во општините Гостивар, Тетово и Струга и тоа да го брендира дека не ја заборавиле западна Македонија, а притоа да не извади свои кандидати, на пример, еве овде во Јегуновце, Теарце и во другите општини, бидејќи западна Македонија не е Струга, Тетово и Гостивар, има и други општини, доволно говори дека нивната цел е координирана со ДУИ за да дојде до раслојување на анти-ДУИ гласовите во овие општини затоа што ДУИ сфаќа дека во овие општини не може да победи и разбира дека ќе биде поразена на овие избори, односно ќе има мал незначителен број градоначалници и единствениот сојузник што во моментот се обидува да фрли гума за спасување е токму политичката партија Левица“, вели премиерот Мицкоски.
Неговиот став е дека шансите да победи кандидатот на партијата Левица во Тетово, Гостивар или Струга не се ни теоретски, но шансите за победа на нивниот кандидат во Велес или во Штип се на ниво на теорија.
„Вистинското прашање е еве зошто во родниот град на претседателот на Левицата немаме кандидат, зошто во Штип, кој е роден град на уште еден член на раководството на Левицата, нема кандидат за градоначалник, туку токму во општините Тетово, Гостивар и Струга, каде што е јасно дека кандидатите за градоначалници на ДУИ ќе бидат поразени бидејќи огромното мнозинство и сентиментот и расположението кај жителите во овие општини е анти-ДУИ. Нормално, својот стар коалициски партнер со кој функционираат и во Собранието одвреме-навреме, но и во Град Скопје, го повикаа на помош, а тој е секогаш тука да фрли гума за спасување токму тогаш кога на Али Ахмети и на другарчињата тоа им е потребно“, рече премиерот Мицкоски.
Партијата Левица е единствена од македонскиот блок политички партии што истакна свои кандидати за градоначалници во Струга, Тетово и во Гостивар.
Во Струга нивна кандидатка за градоначалничка е актуелната пратеничка и генерална секретарка на партијата, Јована Мојсоска. Во Тетово ја предлагаат Катка Божиновска, професорка на Државниот универзитет во Тетово, а во Гостивар ИТ-специјалистот Дарко Грујоски.
Македонија
Обвинителството испитува одговорност за големиот пожар во Трубарево, утре увид на терен

Утре, ќе почне увидот на самото место за причините за големиот пожар во Трубарево. Увидните екипи ќе работат под координација на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.
Од Обвинителството информираат дека по негова наредба, екипи на СВР Скопје и денеска излегоа на терен за да приберат докази во постапката за загрозување на животната средина со отпад.
Во меѓувреме се врши обезбедување и анализа на документацијата, а до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за продолжување на мерката краткотраен притвор за уште 48 часа за четворицата опфатени во постапката. Притворени се 56-годишен управител и сопственик на две фирми, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишен раководител на подружница и 59-годишен вработен во правно лице. Воедно, се испитува потенцијалната одговорност и на други лица.
Пожарот избувна на 13 септември, во саботата, околу 13.30 часот, во складиштен објект за рециклирање електронски отпад во Трубарево. Објектот припаѓа на компанијата „Ф-групација“, која се занимава со електронски и со електричен отпад, вклучувајќи и литиум-јонски батерии. Пожарникарите интервенираа со голем капацитет, користеа хемиска пена, песок и земја за затрупување на деловите на кои имаше горење, особено кај деловите со батерии.
Беше забележан густ црн чад, кој се шири и врз околните објекти. Четири лица беа здравствено згрижени, од кои една жителка на Трубарево задржана во Клиничкиот центар поради вдишување чад.
Првичните резултати од мерењето на гасовите во воздухот од примероци земени на денот на пожарот во компанијата „Ф-групација“ во Трубарево покажале зголемување на сите параметри за два до трипати од дозволеното, а вредноста на јаглеродниот моноксид, која во просек не треба да надминува 10 mg/m3, била 300 mg/m3.
Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, вчера најави дека в петок ќе се знае какви тешки метали има во воздухот во Скопје.
„Поставени се мерни станици за да го следиме дневното ниво на квалитетот на воздухот за да се знае колку се безбедни граѓаните во близина на пожарот“, рече Гиновска.
Според мерењата на Институтот за јавно здравје, не е регистрирана радијација во воздухот, водата и почвата.