Европа
КиберБеркут тврди дека Киев планира да го минира референдумот во Холандија
Хакерската група „КуберБеркут“ објави на мрежните страници дека властите на Украина имаат намера да го минираат референдумот за придружување на Украина во Европската унија.
Како доказ хакерите кои се противници на прозападните власти во Киев објавија документ во кој челникот на Службата за надворешно разузнава на Украина, наводно, бара од претседателот Петро Порошенко да одобрување да се преземат мерки за уривање на холандскиот референдум.
„Со цел да се дејствува во полза на националните интереси на Украина за промена на јавното мнение коешто преовладува во Холандија, се укажува потреба од целисходно спроведување на пакет мерки за минирање на референдумот“, се наведува во документот кој го објави КуберБеркут, а го цитира агенцијата РИА.
Станува збор за поткуп на регионални функционери и службеници, договори со групи локални новинари за создавање негативни впечатоци против референдумот, како и притисоци, вклучително и физички врз неговите организатори.
Според сознанијата на хакерите, челниците на украинското разузнавање за прикривање на трагите планира да се дејствува под маската на „арапски имигранти“.
Референдумот во Холандија е закажан за 6-ти април, кога граѓаните треба да одговорат на прашањето дали се согласуваат со присоединувањето на Украина кон Европската унија или не.
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во јануари предупреди дека отфрлањето на договорот меѓу ЕУ и Украина би можело да предизвика „континентална криза“ и да оди во полза на Русија. Иако резултатот од гласањето на холандскиот референдум кој ќе се одржи на 6-ти април, нема да биде обврзувачки, повеќето холандски партии изјавија дека ќе се чувствуваат должни да го земат предвид евентуалното „не“ на избирачите.
Антиевропскиот портал GeenStijl кој средината на јануари собра 430.000 потписи за организација на референдумот, тврдејќи дека спогодбата за придружување со Украина ќе доведе на крајот до полноправно членство на оваа земја во ЕУ. Спогодбата стапи на сила на 1-ви јануари.
Холандскиот премиер Марк Руте го отфрли предупредувањето од Јункер како претерано, иако отфрлањето би потсетило на 2005 година кога Холандија го отфрли предлогот на првиот европски устав, што предизвика повеќегодишна криза во ЕУ.
Холанѓаните се чувствителни кога станува збор за Украина, поради несреќата на авионот на летот MH17 кој е оборен во јули 2014 година над источна Украина, во којашто загинаа повеќе од стотина Холанѓани. „Уште не гледаме врска (меѓу МН17 и референдумот), но ќе видиме“, рече Руте.
Поддршката на Холанѓаните за ЕУ е сé послаба откако земјата во 1991 година стана нето уплаќач во европскиот буџет. Иако повеќето холандски партии се проевропски, во анкетите во моментов води антиевропската крајно десна Слободарска партија на Геерт Вилдерс./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Висок руски генерал застрелан во Москва
Висок руски воен функционер, генерал-потполковник Владимир Алексеев, беше застрелан во Москва во петокот и итно префрлен во болница. Државните медиуми ја објавија веста, повикувајќи се на истражители, пренесува Ројтерс.
Според официјални информации, непознато лице испукало неколку куршуми кон Алексеев во станбена зграда во северозападна Москва во петокот, а потоа избегало од местото на нападот. Ранетиот генерал бил итно префрлен во московска болница, а неговата состојба сè уште не е официјално објавена, објавија руските медиуми. Истражниот комитет соопшти дека е отворена кривична постапка за обид за убиство и нелегално поседување огнено оружје.
Истражителите и форензичките експерти се на местото на пукањето, ги прегледуваат снимките од надзорните камери и ги испрашуваат сведоците, додека потрагата по напаѓачот или напаѓачите продолжува. Информациите за пукањето брзо се проширија на руските и украинските канали на Телеграм.
Алексеев е заменик-началник на Главната дирекција на Генералштабот на Министерството за одбрана. Тој беше еден од високите функционери испратени да преговараат со водачот на платениците Евгениј Пригожин за време на неговиот краткотраен бунт во јуни 2023 година.
Европа
„Старлинк“ е блокиран за Русите, Украина: Бројот на напади веднаш се намали
Руските сили го намалија бројот на напади на фронтот откако Украина и SpaceX постигнаа договор за блокирање на нерегистрираните сателитски интернет терминали на Starlink. Извори од Генералштабот на вооружените сили на Украина потврдија дека бројот на руски напади во некои области е намален, додека во други сектори тие целосно престанале, пишува Украинска правда.
Според извештајот на Генералштабот објавен вчера во 16 часот, украинските сили регистрирале 56 борбени ангажмани по должината на фронтовската линија од почетокот на денот. Намалувањето на руската активност следува по мерките преземени за ограничување на неовластената употреба на технологијата Starlink.
Експертот за воена радиотехнологија Серхиј „Флеш“ Бескрестнов објави дека руските сили вчера се соочиле со масовен прекин на терминалите на Starlink.
Според него, Русите се жалат дека не можат повторно да ја воспостават врската, што ќе влијае на координацијата на нивните дејства по целиот фронт.
Проблемот стана јавен на 25 јануари, кога Бескрестнов, кој оттогаш стана советник за технологија на министерот за одбрана Михаил Федоров, изјави дека руските сили веројатно го користат Starlink на беспилотните летала Шахид.
Американскиот претприемач Илон Маск одговори на барањето на Федоров за помош во решавањето на проблемот, по што SpaceX презеде контрамерки. Маск на 1 февруари објави дека мерките се чини дека дале резултати.
Федоров потоа извести за постепеното воведување на систем што ќе им овозможи само на овластени терминали на Starlink да работат на украинска територија.
Украинската влада донесе декрет за воведување на таканаречена „бела листа“, што значи дека само потврдени и регистрирани терминали наскоро ќе можат да работат во Украина, додека сите други ќе бидат исклучени.
Европа
Започна вториот ден од разговорите во Абу Даби, Рубио: Има добри и лоши вести
Вториот ден од трилатералните разговори меѓу Украина, Русија и САД, насочени кон решавање на војната, започна во главниот град на Обединетите Арапски Емирати. Ова го објави Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, пренесува Украинска правда.
„Вториот ден од преговорите во Абу Даби започна. Работиме во истите формати како и вчера: трилатерални консултации, работа во групи, а потоа усогласување на ставовите. Резултатите ќе следат“, објави Умеров на Фејсбук.
Коментирајќи го напредокот на разговорите во Абу Даби на 4 февруари, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека има и добри и лоши вести. Според Рубио, добрата вест е дека списокот на нерешени прашања што постоеја меѓу Украина и Русија е значително стеснет. Украинската делегација подготвува извештај до претседателот Володимир Зеленски за резултатите од првиот ден од преговорите.

Украинската делегација во Абу Даби ја сочинуваат секретарот Рустем Умјеров, шефот на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, и неговиот прв заменик Серхиј Кислица, лидерот на парламентарната фракција „Слуга на народот“ Давид Арахамија, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Андриј Хнатов, и советникот на кабинетот на претседателот, Олександр Бевз.
Според Умјеров, украинскиот тим во Абу Даби планирал и билатерален состанок со американската страна, претставена од специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер. Тие требало да разговараат за документ за безбедносни гаранции и план за просперитет.

Трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати се одржуваат по големиот руски напад врз Украина. По последниот напад, претседателот Володимир Зеленски во вторникот изјави дека работата на украинскиот преговарачки тим ќе биде „прилагодена“.

