Македонија
Формиран Центар за обука на пилоти

Министерството за одбрана формираше Центар за обука на пилоти, чија функција ќе биде оспособување пилоти за потребите на МО, министерството за внатрешни работи и на други државни институции.Израелската компанија „Елбит“ ќе биде партнер на МО во изградбата на Центарот. Предвидено е за оваа намена од државниот буџет да се одвојат по 5,3 милиони евра во следните осум години. „Станува збор за одличен проект, одлична завршена работа, одлично водена во овие две години, почнувајќи од правењето на сите анализи, подготовките, планирањето, водењето на самата постапка. Останува на нас понатаму да формираме еден тим од Министерството за одбрана, кој ќе води грижа за доследно исполнување на она што е дел од проектот. Генерално гледано, со ова одиме чекор понапред споредено со голем дел од земјите-членки на НАТО, а мислам дека ова е прво вакво нешто во земјите од југоисточна Европа“, изјави Зоран Коњановски, министер за одбрана.Обврска на израелската компанија ќе биде изградба на Центарот и обезбедување на персонал. Со текот на време, планирано е да се зголемува бројот на обучувачи од македонска страна кои ќе ја превземат работата на центарот.„Со почетокот на реализацијата на овој центар оперативните и тактичките единици во ВИНГ-от прв пат ќе можат да се концентрираат на нивните оперативни задачи, бидејќи до денешен ден во ВИНГ-от се извршуваше комплетниот процес за едукација на пилоти, што за еден таков мал состав е навистина одговорна работа и ја одземаше енергијата на пилотите кои беа вклучени во извршувањето на своите тековни задачи“, изјави потполковник Драган Неделковски, командир на борбениот хеликоптерски ескадрон.На почетокот на идната година ќе биде распишан оглас за првата група пилоти. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски – Бурита: разгледана можноста за воведување директна авионска линија со Мароко

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на својот колега, министерот за надворешни работи, африканска соработка и марокански иселеници на Кралството Мароко, Насер Бурита, кој престојува во официјална посета на нашата држава. Оваа посета претставува потврда за одличните билатерални односи, споделените вредности и заедничката визија за иднината.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за интензивирање на политичкиот дијалог и севкупната билатерална соработка. Министрите истакнаа дека денешната посета е почеток на ново поглавје во односите меѓу двете земји, кое ќе продолжи да се развива со заедничка посветеност.
„Разговаравме за унапредување на политичките односи, но и за нови можности за економска и трговска соработка, зајакнување на инвестициите и организирање на првиот заеднички бизнис форум. Стана збор и за можноста за воведување директна авионска линија помеѓу нашите две земји“, изјави Муцунски по средбата.
Во насока на понатамошно динамизирање на односите, министрите потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете министерства за надворешни работи. Дополнително, министерот за култура, Зоран Љутков, и неговиот марокански колега потпишаа Меморандум за унапредување на соработката во областа на туризмот.
Во рамки на средбата министрите потпишаа и Заедничка изјава, со која, меѓу другото, нашата држава ги поздравува сериозните и кредибилни напори на Кралството Мароко за унапредување на процесот под покровителство на Обединетите нации, при што се смета дека Планот за автономија за Западна Сахара, што Мароко го презентираше на Генералниот секретар на Обединетите нации во 2007 година, претставува уникатна основа за решение, што би било договорено во рамките на ООН.
На средбата се разговараше и за соработката во рамките на мултилатералните организации.
Македонија
Нов удар по џебот на граѓаните: синдикалната минимална кошничка повторно зголемена, велат од СДСМ

Синдикалната минимална кошничка за јули е повторно зголемена и достигна 65.328 денари, што е нов удар по џебот на граѓаните, велат од СДСМ.
За само еден месец, според нив, основните трошоци за живот пораснале за 630 денари, а за три месеци растот е дури 2.637 денари.
СДСМ оценува дека најголем е порастот повторно кај храната и пијалоците.
„На едно четиричлено семејство во јули му се потребни 23.682 денари за да купи храна. Пеколни податоци ресгистираше и статистиката на почеток на месецот. Годишната инфлација е зголемена на 4,5 %. Овие поразителни бројки се резултатот од една година владеење на ВМРО ДПМНЕ – целосно промашена, аматерска економска политика. Животот станува уште поскап, инфлацијата притиска а куповната моќ на граѓаните е срушена“.
Ова, според СДСМ, е показател за целисниот дебакл на економските политики на Владата.
„Со ВМРО-ДПМНЕ граѓаните од ден во ден стануваат се посиромашни. Не само што немаат план како да се справат со растечката инфлација, туку упорно не прифаќаат ниту еден предлог што го понуди СДСМ за намалаување на цените и зголемување на платите. Потребни се конкретни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и итно покачичување на платите на работниците. Но оваа влада си мисли на на себе и на сопствените потреби со што ја загрозува економската сигурност на секое семејство во земјава.
Македонија
(Видео) Манасков: Јаневска продолжува со хаосот во образованието, удри врз учениците, го партизира системот, а сега ќе затворала и училишта

Министерка Весна Јаневска во само една година успеа да направи незапаметен хаос во образованието, целосно да го урне достоинството на просветните работници и да нанесе штета врз учениците, истакна на прес-конференција Јованче Манасков од СДСМ.
Образовниот систем, според него, Јаневска го има претворено во лабораторија за политички експерименти на ВМРО-ДПМНЕ на штета на учениците и просветните работници. Сега, како што вели, најавува затворање на 100 училишта и без срам вели дека треба да се пренаменат во старски домови.
„Ова е крајниот доказ дека Јаневска и ВМРО-ДПМНЕ немаат ниту визија, ниту план за образованието. Не знаат што да прават, па ќе затвораат стотици училишта.
Училиштата се срцето на секое општество, тие се иднината на земјата. Очигледно Јаневска и ВМРО-ДПМНЕ не ја разбираат ниту улогата ниту значењето на училиштето. Наставниците се понижени, нивниот труд е погазен целосно. Јаневска удри и врз учениците, и тоа врз најранливите, врз најчувствителната група ученици. Ги избрка искусните и обучени образовни асистенти и ги замени со партиски кадри. Наместо децата да го добијат лицето на кое му веруваат, добија непознати луѓе без искуство, но со членска книшка од ВМРО-ДПМНЕ. Јаневска го руши инклузивното образование за да вдоми партиски војници“, додава тој.
Оценува дека државниот просветен инспекторат е целосно ставен под лична и партиска контрола.
„Наместо независна институција, Јаневска го претвори во алатка за притисок, закани и политички реваншизам врз директори и наставници. Им се заканува со неисплаќање на патните трошоци на државните просветни инспектори, заканувајќи се од собраниската говорница дека таа е авторитетот на инспекторите. Донела Правилник за патните трошоци во нетранспарентна процедура со ретроградно дејство на штета на инспекторите. Со партиски подобните инспектори прави хајка, закани и притисоци врз директорите за нивно разрешување. Ова е брутална партизација на образованието!
Кои сте тоа ВИЕ, министерке, да одлучувате на кого ќе му остане мандат, а кого ќе смените? Директорите се именувани со мандат.
Ова не е ваша приватна фирма, туку образовен систем што мора да функционира според закон, а не според вашите партиски калкулации“.
СДСМ остро го осудува ова безредие, партизација и уривање на образовниот систем, додава Манасков.
Ја повика Јаневска „да ја прекине политичката злоупотреба, да ги повлече сите незаконски решенија и притисоци, и да отпочне итна, јавна и транспарентна дебата за сите образовни политики“.