Свет
Неодговорните скопјани и урбаната мафија во запалив сојуз
Во Скопје речиси нема зграда со средства за противпожарна заштита, контролата од страна на државата е очајна, па буквално сите делови на градот каде што има згради се критично загрозени од пожари, оценуваат противпожарните служби.
Александар Божиновски
Гоце Трпковски
Во Скопје речиси нема зграда со средства за противпожарна заштита, контролата од страна на државата е очајна, па буквално сите делови на градот каде што има згради се критично загрозени од пожари, оценуваат противпожарните служби.
Официјалната статистика на МВР вели дека од почетокот на годинава во пожари загинале 9 граѓани, а 21 биле повредени. Лани избувнале 1.500 пожари.
За главниот градски архитект и за неговите колеги, како и за пожарникарите, состојбата по ова прашање е шокантна.
– Состојбата е катастрофална. Инвеститорите и проектантите масовно не ги почитуваат прописите. Тврдам дека нема речиси ниту една зграда што има соодветна заштита, не само од пожари, туку и од земјотреси. Тоа што во 1999 година биле укинати некои задолжителни членови од Законот за заштита од пожари не значи дека прописите не треба да се почитуваат бидејќи нема нов закон – вели Живко Поповски, познат скопски архитект.
Зоран Тониќ, главниот архитект на Скопје, смета дека голема вина имаат и самите станари.
– Не е проблемот само во материјалите, туку и во немањето сообраќаен пристап до зградите. Кога доаѓа до пожари, пожарните коли не можат навреме да пристапат. Во Скопје масовно се користат недозволени материјали како што се парапетите. Тоа е вид пластика со која се градат балкони и тераси. Проектантите ја користат затоа што е многу евтина. А тоа е многу леснозапалива материја. Кога ќе дојде до пожар едноставно нема време да се реагира бидејќи таа многу брзо гори. Јас веќе предложив во предолг-законот за просторно и урбанистичко планирање и во законот за изградба да се вметнат прописи за заштита од пожари. Сепак, мислам дека граѓаните се тие што мора најмногу да реагираат бидејќи се најзасегнати. Тие треба да бараат да се инсталираат пожарникарски скали и хидранти и самите да се грижат и да ја чуваат таа опрема – вели Тониќ.
Слично мисли и Жарко Станоевски, началник на Секторот за заштита од пожари при МВР.
– Секаде е критично. Особено кај Градски ѕид и кај населбата Капиштец. Не е многу подобра состојбата и во Ново Лисиче. Граѓаните ги оставаат возилата пред зградите, па ние немаме пристап. Освен тоа, не ги чуваат хидрантите и другата опрема – вели Станоевски.
Тој објаснува дека МВР прави технички прием на зградите откако за проектот ќе добие документи од Министерството за транспорт и врски. Но, тоа не значи дека зградата има заштита од пожари.
– Нашите инспектори можат да влезат во некоја зграда и, на пример, да забележат дека коридорите предвидени за случај на пожар се затрупани со ѓубре. Тогаш ние можеме само да го повикаме куќниот совет и да му укажеме на проблемот, но не можеме да ги тужиме зашто куќните совети не се правни лица – објаснува Станоевски.
Во 80 отсто од зградите во Скопје не работат хидрантите и нема противпожарни апарати, се жалат скопските пожарникари
– И во најновите згради во градот, кои се пуштени во употреба пред само два-три месеци, недостигаат цревата или вентилите од хидрантите, па во случај на пожар водата не може да се пушти. Претседателите на куќните совети и станарите, иако знаат дека цревата и вентилите од хидрантите што во моментот на пожарот значат живот, им се украдени, најчесто немаат желба да купат нови. Најверојатно се надеваат дека ним нема да им се случи нешто страшно и дека огнот ќе ги заобиколи – вели еден постар пожарникар.
Тој вели дека не можат да се користат помошните скали за евакуација на станарите. Тие најчесто во речиси сите згради во Скопје се преадаптирани во кујни или во шпајзови во кои се чуваат работи што не се потребни.
Според сегашниот закон, инвеститорот во една градба најмува ревизорска куќа што ја контролира, како изградбата така и опремата за заштита од пожари. Неофицијално во Министерството за транспорт и врски, за лабавите законски прописи го обвинуваат поранешниот министер Љупчо Балковски.
Меѓутоа, зградата што изгоре во Кисела Вода била изградена уште пред 40 години.
– Од 1999 година техничкиот прием на зградите е укинат. Тоа значи дека за безбедноста на зградата, според Правилникот за уредување на просторот и Правилникот за изградба на објекти, ревизорот најмен од инвеститорот, кривично одговара за зградата. Наскоро ќе има промени во законот со што на ревизорите ќе им се издава лиценца. Ако објектот е под надлежност на општината, тогаш нивни експерти ќе прават технички прием, а ако објектот е под државна надлежност, приемот ќе го прави државата – вели Лидија Станческа, портпаролка на ова министерство.
********
Прчевски да ја испита одговорноста на сите министри за транспорт
Со години скопјани предупредуваат на дивеењето на урбаната мафија. Огромниот број докази и афери кои беа изнесени во медиумите ја потврдуваат очајната состојба што директно влијае на заштитата од пожари.
„Време“ јавно го прашува јавниот обвинител Александар Прчевски дали ќе ја испитува одговорноста на поранешните министри Јорго Шундовски, Томе Тромбев, Душко Кадиевски, Љупчо Балковски, Агрон Буџаку и Џемаиљ Мехази за сите пожари што се случија во Скопје во последно време.
********
Истата зграда во Кисела Вода горела и во 1985
Првиот македонски пожарникар вели дека зградата во Кисела Вода, каде што изби пожар завчера, горела три пати досега. Во 1985 година имало голем пожар како оној завчерашниот.
– Им објаснуваме на станарите дека мора да ги направат балконите од друг материјал, да не ја користат таа зрнеста пластика оти е многу запалива. Тие одбија да го направат тоа, затоа што ќе им се нагрдел изгледот на зградата – вели Станоевски.
********
Дивоградба ги спречила настраданите да избегаат
Доградба кај влезот на зградата, за која инвеститорот се уште не поседувал соодветна градежна документација, ги спречила настраданите побрзо да го напуштат објектот.
Според информациите од Министерството за транспорт и врски, инвеститорот добил одобрение за изградба во 2002 година, но, откако станарите поднеле жалба на истото, тоа било поништено од Врховниот суд. По парламентарните избори 2002 година, инвеститорот повторно побарал градежна дозвола и таа му била издадена. Но жителите на зградата повторно го обжалиле и сега предметот е пред второстепена комисија.
За сето тоа време, изградбата не престанала, а не реагирала ниту градежната инспекција.
– Инспекторатот знаел за објектот, но не може да интервенира додека трае второстепена постапка – вели Лидија Станчовска, портпаролка на Министерството за транспорт и врски.
********
По 10.000 денари за семејствата на секој загинат
Вкупно 300.000 денари ќе им даде општината Кисела Вода на семејствата чии станови се оштетија во пожарот кој завчера избувна во зградата на улицата Ѓорѓи Сугаре во истата населба, а по 10.000 денари ќе добие секое од семејствата каде што имаше жртви. Оваа одлука ја усвои Советот на општината на вчерашната седница.
Парите се обезбедуваат од општинскиот буџет, а ќе се уплатат на жиро-сметка отворена од настраданите семејства и ќе се распределат соодветно на тоа колку се оштетени становите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Претседателот на Иран: Протестите се резултат на неисполнети економски барања
Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, денес изјави дека протестите во Иран се резултат на неисполнети економски барања и дека демонстрациите низ целата земја можеле да се избегнат доколку барањата на граѓаните биле земени предвид порано.
Зборувајќи на состанок со министерот за економија и неговите заменици, Пезешкијан ја нагласи потребата од „итно и децентрализирано пристапување кон економските проблеми“, објави ИРНА.
Тој, исто така, рече дека властите мора да ги следат барањата на трговците и другите слоеви на општеството за да најдат решенија за нивните грижи.
Тој додаде дека плановите за економски развој треба да се прошират надвор од главниот град, особено во јужните пристанишни градови.
Протестите избувнаа кон крајот на декември 2025 година поради влошувањето на економската состојба и прераснуваат во поширок предизвик за властите што владеат со Иран од Исламската револуција во 1979 година.
Свет
Кина: Се спротивставуваме на мешањето во внатрешните работи на Иран
Кина се спротивставува на какво било надворешно мешање во внатрешните работи на Иран, објави кинеското Министерство за надворешни работи, еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Вашингтон ќе преземе „многу силни мерки“ против Техеран.
Портпаролката на кинеското министерство, Мао Нинг, на редовната прес-конференција изјави дека Кина не одобрува употреба на сила или закана со сила во меѓународните односи, коментирајќи ги изјавите на Трамп и повиците до демонстрантите во Иран да продолжат со своите протести.
Трамп им рече на демонстрантите дека „помошта е на пат“.
Свет
Зеленски за Иран: Тие не заслужуваат да постојат
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поддржа американската позиција за Иран во своето дневно видео обраќање објавено на социјалните мрежи.
„Ја поддржуваме позицијата за Иран: режим кој траеше толку години и уби толку многу луѓе не заслужува да постои“, рече Зеленски.
Исто така, тој додаде дека „промените се неопходни“.
Пораката на Зеленски доаѓа во време кога голем број европски земји ги поканија иранските амбасадори на разговори во знак на протест против смртоносното задушување на демонстрантите.
Од друга страна, воениот непријател на Украина, Русија, инаку сојузник на Иран, го осуди она што го опиша како „субверзивно странско мешање“ во внатрешната политика на Техеран, пишуваат медиумите.

