Македонија
Шпанското претседателство со ЕУ нема да посредува во спорот со името
Шпанија не планира посредништво во надминувањето на спорот за името меѓу Македонија и Грција
Ова во четврток го најави вршителот на должност амбасадор на Шпанија во Македонија, Марија Анхелес Гарсија де Лара, при презентацијата на приоритетите на шпанското претседателство со Европската унија(ЕУ) во првата половина од годинава. Таа ја повтори досега позната позиција на Унијата за поддршка на процесот под покровителство на Обединетите Нации(ОН).„Го имаме во предвид значењето на решавањето на спорот за името. Ги охрабруваме двете страни да најдат заеднички прифатливо решение под покровителство на ОН и медијаторот Метју Нимиц. Ги поздравуваме зачестените контакти меѓу двете земји и ги поздравуваме разговорите под медијаторство на ОН“, изјави Гарсија де Лара.
Таа информираше дека Шпанија не планира ангажирање на Хавиер Солана како посредник во решавањето на спорот, дополнувајќи дека тој ќе биде ангажиран како советник на шпанската влада за безбедносни прашања.Гарсија де Лара најави и одржување на министерски состанок посветен на западниот Балкан во мај во Сараево. На тој начин, според неа, Шпанија ќе ја демонстрира поддршката за проширување на Унијата кон земјите од западниот Балкан.Поддршка за исполнување на критериумите за пристапување кон ЕУ изрази и евроамбасадорот Ерван Фуере. Според него, потребно е годинава фокусот да биде насочен кон европските закони, што во моментов се во процедура. Како важно го посочи донесувањето на законот за недискриминација и за собранискиот деловник.„Ги охрабруваме државните институции да продолжат со реформите со цел обезбедување на економска, политичка и социјална стабилност на земјата“, рече Фуере.Покрај надворешната политика, како приоритети на шпанското претседателство се и целосната имплементација на Лисабонскиот договор, координација на економските политики со цел обезбедување одржлив развој и зајакнување на човековите права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поголем дел од Карпош без струја поради испад на трафостаница
Општина Карпош информира дека поради испад на трафостаница без електрична енергија е поголем дел од општина Карпош и тоа населбите Карпош 1, Карпош 2, Карпош 3, Карпош 4, Тафталиџе, како и делови од Влае и Злокуќани.
„Од ЕВН не информираа дека нивните екипи се веќе на терен и работат на поправка на дефектот“, велат од Општина Карпош.
Се огласија и од ЕВН. Оттаму велат:
„Поради испад на 100/35/10 кВ трафостаница „Запад”, дел од Карпош остана без снабдувањето со електрична енергија. Екипите на Електродистрибуција веднаш излегоа на терен и го вратија снабдувањето со електрична енергија во поголемиот дел од општината. Се продолжува со работа се до потполно отстранување на дефектот и нормализирање на снабдувањето за сите засегнати корисници“, ни одговорија од ЕВН.
Македонија
Еуроњуз: Македонија има најмногу смртни случаи во Европа како последица на загадувањето
Најпогодена држава од загадувањето на воздухот е Македонија, а по неа следи Србија, објави „Еуроњуз“ повикувајќи се на извештај на Европската комисија и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Соседните држави Албанија и Бугарија, како и Црна Гора исто така се наведуваат како земји со високо ниво на загаден воздух.
Според извештаите на Европската агенција за животна средина, изложеноста на PM2.5 честичките предизвикало околу 239.000 предвремени смртни случаи во Европа во 2021 година, додека уште 48.000 луѓе починале како резултат на изложеност на азот диоксид.
Институтот за јавно здравје лани објави извештај според кој речиси 18% од вкупната смртност во Македонија може да се препишат на изложеноста на тековните концентрации на ПМ2.5 честички.
Претходно УНИЦЕФ објави алармантна статистика дека секој деветти смртен случај кај новороденчиња во земјава е поврзан со загаден воздух.
Македонија
На Попова Шапка повеќе од половина метар снег
До крајот на денот нè очекува облачно и студено време со повремени врнежи од снег. Поради ниските температуре и северниот ветер ќе има појава на голомразица и снежни наноси, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Како што информираат од УХМР, највисока снежна покривка измерена е во Попова Шапка со 64 сантиметри снег, Маврови Анови 50 сантиметри, Штип 30 сантиметри, Тетово 26 сантиметри, додека во Крушево 24 сантиметри.
Најниски температури измерени се во Маврови Анови и Попова Шапка -7 степени Целзиусови, во Крушево -6 степени Целзиусови, додека во Берово и Прилеп измерени се -3 степени Целзиусови.
Од УХМР велат дека утре времето ќе биде претежно облачно и студено со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од -3 до 3 степени Целзиусови.
Во Скопје претежно облачно и студено со повремен снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 2 степени Целзиусови.
Во вторник ќе провејува слаб снег и ќе дува слаб до умерен северен ветер. Утринските температури насекаде ќе бидат негативни, а и дневните наместа ќе се задржат под нула. Потоа во следните денови ќе преовладува стабилно и натаму студено време, со ниски утринските температури кои поради разведрувањето дополнително ќе опаднат и наместа ќе се спуштат под -10 степени.