Македонија
Грозданов: СРД да почека да се изјасни стечајниот управник на А1

Советот за радиодифузија (СРД) да почека да се изјасни стечајниот управник на А1 телевизија, Ацо Петров дали воопшто телевизијата може да се реорганизира и да побараат автентично толкување на
Советот за радиодифузија (СРД) да почека да се изјасни стечајниот управник на А1 телевизија, Ацо Петров дали воопшто телевизијата може да се реорганизира и да побараат автентично толкување на Законот за радиодифузија од официјалниот предлагач на Законот, Министерството за транспорт и врски.
Вака денеска ги советуваше членовите на СРД, поранешниот прв човек на Асоцијацијата на приватните електронски медиуми на Македонија (АПЕММ) и еден од изготвувачите на Законот за радиодифузија, Виктор Грозданов. Тој денеска заедно со Газменд Ајдини, поранешен член на ЗНМ и Дејан Станковски од Центарот за развој на медиуми беше на состанок во СРД.
„Бидејќи има доверители да се види може ли тој доверител да си ги поврати средствата или едноставно кога е Собранието на доверители, колку што знам на 4 октомври, ако тие одлучат дека нема шанси да ги вратат парите едноставно да и престане дозволата за вршење радиодифузна дејност на А1 телевизија, со што ќе згасне. Многу се чисти работите, нашиот совет со дел од луѓето кои што беа присутни тука, а учествувале во изготвувањето на тој Закон, е Советот со мирна глава да почека што ќе се изјасни стечајниот управник и собранието на доверители затоа што не знаеме кој се ќе се јави како доверител“ изјави Грозданов по средбата.
СРД побара мислење и од стечајната судијка Наташа Савовска Димитровска но не успеале да ја добијат. Претседателот на Советот Зоран Стефановски е исто така на став дека најдобро е да се почека Собранието на доверители.
„ Тоа е идеална прилика Советот за радиодифузија да ги соочи доверителите со состојбата во која се наоѓа А1, а e предезвикана од реперкусиите од член 62 од законот. Да ги соочиме со консеквенциите кои ќе ги има А1 поради член 62 и да не влијаеме ние врз одлуката на Собранието на доверители туку самото собрание да си одлучи што понатаму“ вели Стефановски.
Стечајниот управник, Ацо Петров за Макфакс вели дека останува СРД и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) да решат за дозволата за вршење на радиодифузна дејност на телевизијата, а во меѓувреме програмата ќе се одржува на минимум.
Тој сè уште не може да каже колку од вработени ќе задржи и не сака да шпекулира со бројки, колку од поранешните вработени повторно ќе ги ангажира.
Одлуката за отворање на стечајна постапка треба да излезе деновиве во Службен весник, а потоа доверителите да ги пријават побарувањата во рок од 30 дена. Моментално Петров врши промена на овластениот потпишувач на фирмата, попис на имотот и сите процедурални работи кои се потребни. Тој не сакаше да ги коментира информациите дека вработените на А1 ќе одат во А2, бидејќи тоа не било негова надлежност.
Во вторникот Основниот суд Скопје 2 донесе решение за отворање на стечајна постапка на А1 телевизија, и со ова на повеќе од 230 вработени во телевизијата им престанува работниот однос.
По отворањето на стечајната постапка се проблематизираше одземањето на дозволата на телевизијата. Во Советот за радиодифузија има спротивставени ставови околу толкувањето на членот 62 од Законот за радиодифузија кој вели „Ако настапи стечај или ликвидација, дозволата за работа престанува да важи“.
Претседателот на Советот за радиодифузија вчера рече дека доколу СРД констатира одземање на дозволата за работа на А1 телевизија, тогаш единствено би дошло до ликвидација на телевизијата и со тоа стечајната постапка би била беспредметна.
Сепак ова прашање треба да помине на редовна седница на СРД, која што треба да се закаже два дена однапред. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Карпош и Кисела Вода денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од улицата Бриселска, општина Карпош;
– во периодот од 09.35 до 12.00 часот, корисниците од улиците Студеничанска и Драчевска, како и корисниците од реонот кој гравитира кон улицата Јустинијан Први, општина Кисела Вода.
Македонија
Метеж на границите: се чека до 40 минути на Табановце за влез и на Богородица за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.
Денеска, во временски период од 08:00 – 17:00 часот поради обезбедување на велосипедска трка, сообраќајот на регионалниот пат во село Доброшане кон Свети Николе до место викано Студена Вода ќе биде во прекин, извести АМСМ.
Исто така во време од 09:00 часот до 14.00 часот поради обезбедување на велосипедска трка, сообраќајот на стариот пат за Крива Паланка на потег на место викано Салон кај ресторан Фемили па по регионалниот пат Куманово кон граничен премин Пелинце до Меморијален центар АСНОМ во село Пелинце ќе биде во прекин.
Повремено затворање на регионалниот пат Куманово – граничен премин Пелинце е планирано и за наредниот ден.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30-40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Муцунски ќе се сретне со грчкиот министер за надворешни работи: зајакнување на односите меѓу двете земји во фокусот на разговорите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во 12:00 часот, во рамки на работната посета на Атина, ќе оствари средба со неговиот хомолог, министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Гераптеритис.
Како што извести Министерството, во фокусот на разговорите се очекува да бидат идните активности за зајакнување на односите и соработката меѓу двете земји, со акцент на економската и енергетската соработка и инфраструктурното поврзување.
Европската интеграција на регионот, како и актуелните геополитички случувања, исто така ќе бидат дел од темите за кои ќе се разговара, водени од заедничкиот интерес за зајакнување на регионалната стабилност и просперитет на двете земји како непосредни соседи и НАТО-сојузници, се додава во соопштението на Министерството.