Свет
ЕУ ја повика Белорусија на мораториум, по егзекуцијата за нападот во метрото во Минск
Шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон во саботата навечер го осуди извршувањето на смртната казна врз сторителите на ланскиот терористички напад во метрото на белоруската престолнина Минск, за што беше претходно јавено во саботата.
Шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон во саботата навечер го осуди извршувањето на смртната казна врз сторителите на ланскиот терористички напад во метрото на белоруската престолнина Минск, за што беше претходно јавено во саботата. Во саботата попадне повеќето белоруски медиуми пренесоа дека се егзекутирани извршителите на терористичкиот напад во минското метро, Владислав Ковалев и Дмитриј Коновалов.Медиумите се повикуваат на неименувани извори, но нема потврда за ликвидацијата на соучесникот во нападот Коновалов. Претходно во саботата, егзекуцијата на Ковалев за локалните медиуми ја потврди неговата мајка Љубов Ковалева, којашто таа информација ја добила по пошта од Врховниот суд на Белорусија.Нападот се случи во метрото во Минск на 11-ти април 2011 година, при што загинаа 15 луѓе а 200 беа повредени. Судот пресуди дека експлозивната направа ја изработил, ја донел на станицата од подземната железница и ја активирал Дмитриј Коновалов. Според судот, Ковалев знаел за планираниот напад, но не ги информирал надлежните институциите.Ковалев поднесе барање за помилување, додека тоа не го стори Коновалов. Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, одби да ги помилува осудениците, „поради исклучителни опасност и сериозноста од последиците за општеството од извршувањето вакви злосторства“.Подоцна во саботата високата претставничка за надворешна политика на Европската унија, Кетрин Ештон го осуди извршувањето на смртната казна врз Владислав Ковалев и повика на ставање мораториум на извршувањето на смртната казна, и на крајот нејзино укинување, објави прес-службата на Ештон.„Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика ја повикува Белорусија, единствената земја во Европа којашто ја применува смртната казна, да му се приклучи на глобалниот мораториум на егзекуциите, како прв чекор кон нивно целосно укинување“, се вели во соопштението издадено од кабинетот на Ештон./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иран и Турција најавуваат преговори за заедничка слободна економска зона
Иран планира да почне преговори со Турција за воспоставување заедничка слободна економска зона, соопшти Врховниот совет за зони на слободна трговија, индустрија и посебни економски зони.
„На состанокот одржан на 14 јануари, Владата му даде овластување на Врховниот совет за слободна трговија, индустриски и посебни економски зони да започне преговори за договор за воспоставување слободна економска врска меѓу Иран и Турција“, се наведува во соопштението кое го пренесе агенцијата Мехр.
Мерката има за цел да ја поттикне економската соработка меѓу двете земји, да ја зајакне трговијата, да ги поедностави транзитните процеси, да отвори нови работни места и да придонесе за развој на пограничните региони, пренесува руската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на извештајот на Мехр.
Иран веќе има воспоставено слободни економски зони во Киш, Кешм, Чабахар, Арас, Анзали, Арванд, Маку и на аеродромот Имам Хомеини, а уште седум се во фаза на изградба.
Покрај осумте слободни економски зони, Иран располага и со 34 посебни економски зони, наведува ТАСС.
Свет
Салвини до Зеленски: Потпиши мировен договор, ја губиш војната и достоинството
Потпретседателот на италијанската влада и лидер на партијата Лига, Матео Салвини, смета дека украинскиот претседател Володимир Зеленски треба што е можно побрзо да потпише мировен договор.
„По сета финансиска помош, трудот и поддршката што ги доби, Зеленски сè уште се осмелува да се жали. Пријателе, ја губиш војната, ги губиш луѓето, ја губиш довербата и достоинството. Потпиши мировен договор што е можно побрзо“, порача Салвини за време на говор пред сопартијците.
И италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани го критикуваше Зеленски поради говорот што го одржа на Светски економски форум во Давос.
„Ми се чини дека тој не е баш коректен кон Европа. Ми се чини дека Европа ја гарантираше независноста на Украина, правејќи сè што беше можно за таа земја да добие политичка, финансиска и воена поддршка“, изјави Тајани.
Во својот говор во Давос, Зеленски изнесе повеќе критички оценки на сметка на Европа. Особено ги критикуваше, како што наведе, недоволните мерки на Европска унија во сузбивањето на руската „флота во сенка“.
„Европа сака да разговара за иднината, но избегнува да дејствува денес, а токму денешното дејствување одредува каква иднина ќе имаме. Тоа е проблемот. Зошто претседателот на САД може да ги запре танкерите од ‘флотата во сенка’ и да ги прекине испораките на нафта, а Европа не може?“, праша Зеленски.
Тој потсети и дека стравот од руска одмазда ја спречил Европска комисија да го спроведе својот првичен план за заем за воени репарации за Украина, кој требало да се темели на користење на замрзнатиот руски имот.
Зеленски, исто така, ѝ замери на Европа за пристапот кон безбедносните прашања, вклучително и темата за Гренланд, истакнувајќи дека европската политика премногу често останува на ниво на дебати, без конкретни чекори.
Свет
ЕУ целосно го забрани увозот на руски гас, две земји гласаа против
Земјите-членки на ЕУ денес формално усвоија регулатива со која се воведува правно обврзувачка, постепена забрана за увоз на руски течен природен гас и гас од гасоводи со целосна забрана од крајот на 2026 година, односно есен 2027 година.
„Се ослободуваме од штетната зависност од рускиот гас и во духот на солидарност и соработка правиме голем чекор кон автономна енергетска унија“, рече кипарскиот министер за енергетика, Михаел Дамијанос, чија земја претседава со Советот на ЕУ.
Унгарија и Словачка, кои сè уште се значително зависни од рускиот увоз на енергија, гласаа против регулативата, Бугарија се воздржа, а сите други членки гласаа за неа. Унгарија објави дека ќе се обрати до Судот на ЕУ.
Регулативата стапува на сила денот по објавувањето во Службениот весник, а забраната ќе се применува шест недели по стапувањето во сила на регулативата, што значи дека од тој датум не можат да се склучуваат договори за увоз на руски гас.
Одобрен е преоден период за постојните договори. Целосна забрана за увоз на течен природен гас (LNG) ќе стапи на сила од почетокот на 2027 година, а за увоз на гас преку цевководи од есента 2027 година. До 1 март оваа година, земјите-членки мора да подготват национални планови за диверзификација на снабдувањето со гас и да ги идентификуваат потенцијалните предизвици во замената на рускиот гас.
Пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Европската Унија увезуваше повеќе од 40 проценти од својата потрошувачка на гас од Русија. Според најновите податоци, тој увоз падна на околу 13 проценти. Сепак, некои земји како Унгарија и Словачка продолжуваат со несмален увоз на гас од Русија, која со овие средства ја финансира војната во Украина.

