Македонија
Јанкуловска: Целосно му стојам на располагање на јавниот обвинител

Министерката за внатрешни работи денеска изјави дека целосно му стои на располагање на јавниот обвинител, откако од страна на СДСМ беа поднесени кривични пријави за неа и за директорот на Управата за јавни приходи
„Поднесувањето на кривичната пријава е загарантирано право и јас во секој момент му стојам на располагање на јавниот обвинител за целосно и точно утврдување дали се работи за основани сомненија или уште една манипулација на Црвенковски“, се наведува во писмената изјава на министерката Јанкуловска.Одлучувањето по наводите во пријавата Јанкуловска го гледа како конечна потврда дали Црвенковски се покајал или како што вели повторно го манипулира народот како при организираните шверцови на нафта и цигари, разбојничката приватизација или грабежите преку пропаднатите штедилници.„Одлучувањето може да го даде конечниот одговор дали е истиот оној Црвенковски и СДСМ кои ги попречуваа судските органи вршејќи притисоци и протести при постапувањето во случајот „тенковски делови“ тежок 2 милиони евра и дали е истиот оној Црвенковски кој аболицираше криминал тежок 8 милиони евра? Одлучувањето сигурно ќе ни покаже дали станува збор за Црвенковски кој плаќаше по илјадници евра за изработка на стратегија за уривање и деградирање на државните институции и вољата на граѓаните искажана на избори?“, вели Јанкуловска.Конечно,додава таа, дојде време да се симнат маските и граѓаните да видат кој е на страната на правдата и на борбата против криминалот, а кој е на страната која аболицира, манипулира и заштитува криминал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.