Македонија
Професионални војници: Не сме гласачко тело за занемарување
Независниот синдикат на професионални војници денеска излегоа на прес-конференција за да го изразат својот револт од предизборието, кога се ветува зголемување на плати
Независниот синдикат на професионални војници денеска излегоа на прес-конференција за да го изразат својот револт од предизборието, кога се ветува зголемување на плати, а војниците мораат да реагираат за да ги добијат одработените дневници како и трошоците за пат и закупнини за стан кој што мора да ги плаќаат од сопствен џеб.
Во пресрет на претстојните парламентарни избори, професионалните војници се надеваат дека со идното раководство ќе наидат на подобро разбирање и соработка за да ги решат проблемите.
„Се надевам дека со идното раководство, без разлика кое ќе биде, ќе наидеме на подобро разбирање и соработка за да се решат проблемите и да се надминат. Проценуваме дека не сме фактор за занемарување како гласачко тело, затоа што сме над 20.000 луѓе, заедно со своите семејства“ изјави претседателот на НСПВ, Веле Крбалески.
Според нивни информации, во армијата работеле професионални војници кои имале над 40 години, иако власта цело време го отфрла ова нивно барање за покачување на старосната граница.
Тој уште еднаш констатираше дека статусот на професионалните војници се уште не е решен и дека постојано се соочуваат со негирање на нивните барања, покачување на старосната граница, префрлување во други институции или отпремнини за војниците. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.