Македонија
Дачиќ: Мора да направиме сè Европа да не се исплаши од Западен Балкан
Мора да направиме сè Европа да не се исплаши од Западниот Балкан поради илегалната миграција и лажните азиланти бидејќи тоа може да ја загрози европската иднина на овој регион.
Мора да направиме сè Европа да не се исплаши од Западниот Балкан поради илегалната миграција и лажните азиланти бидејќи тоа може да ја загрози европската иднина на овој регион.
Ова денеска во Скопје го изјави министерот за внатрешни работи на Србија Ивица Дачиќ, по средбата со македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, на која разговарале за големиот број на граѓани од Јужна Србија и Македонија кои побараа азил во земјите од Европската унија.
Министерката за внатрешни работи на Македонија истакна дека бројката на азиланти веќе се намалува.
„Ќе продолжиме со несмалено темпо во делот што се однесува на информирањето на граѓаните за вистинската содржина на визната либерализација и за проблемите кои што можат да настанат пред се лично за нив доколку се неуспешни баратели на азил со оглед на миграционата политика на ЕУ“ изјави Јанкуловска.
Дачиќ најави истрага за тоа дали постои некоја форма на организиран криминал од страна на одредени луѓе или агенции кои посредуваат за добивање на лажен азил.
„Има повеќе агенции. Некои од нив се од територијата на Јужна Србија, Прешево,а поголемиот број се од Македонија и ќе направиме контрола дали во нивните активности имало криминал, лажно да се доаѓа до нелегален азил или во прашање се туристички активности“ рече Дачиќ.
„Во осум случаи изречени се мерки, најчесто парични казни, но и одредени забрани за работа на туристичките агенции кои беа предмет на проверка. Исто така, утврдено е дека две агенции имале договори со други агенции од соседната држава. Сите овие се занимавале со превоз на патници“, рече Јанкулоска.
Според неа, врз основа на оперативните сознанија кои ги има македонската и српската полиција ќе биде направена подлабока проверка, да се утврди дали тие туристички агенции освен она што е нивна легална дејност нуделе и дополнителни услуги.
Според податоците на МВР, 409 македонски граѓани заминале да бараат азил во Белгија, додека според српската полиција 400 граѓани заминале да бараат спас во Белгија, а околу 500 до 600 граѓани во Шведска.
Синоќа, првата група од 23 жители на липковскиот регион, кои неуспешни барале азил во Белгија, се врати во Македонија. Станува збор за лица што доброволно ја напуштија земјата и организирано, на сметка на Белгија, се вратија дома.
Властите во Брисел веќе најавија дека луѓето што нема доброволно да ја напуштат Белгија, ќе бидат принудени на свој трошок да се вратат дома. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Фрчкоски: Паралелно со антиамерикански активности, Мицкоски води и анти-ЕУ кампања
Паралелно со антиамерикански активности, Мицкоски води и анти-ЕУ кампања, обвини Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
„Суспендирани визи од САД – периметарот на Мицкоски ја доведе Македонија во ранг со Сомалија. Последната одлука на САД е Македонија да биде опфатена во суспендирање на обработката на визи заедно со уште 75 земји, меѓу кои Сомалија, Сирија, Гана, Руанда, Бутан, Нигерија, Иран, Русија. Минатата година САД ги зголеми царините кон Македонија, сега од 21 јануари САД ќе биде суспендира и обработката на визи. СДСМ подолг период предупредува за штетата од погрешните политики на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ загрозувајќи го стратешкото партнерство со САД и интеграцијата во ЕУ“, рече Фрчкоски.
Тој додава дека најблизок соработник на Мицкоски во Владата е Иван Стоилковиќ, кој, според него, има отворени проруски ставови и директни врски со Москва.
„Пред само неколку дена го видоме Стоилковиќ како слави заедно со ноќните волци блиски до Путин. Паралелно со овие анти американски активности, Владата на Мицкоски води и анти-ЕУ кампања. Се продуцираат намерни судири со Грција и Бугарија, се отвораат затворени прашањa, се измислуваат изговори, за да се оправда изолацијата и блокирание преговори. Не се спроведуваат никакви реформи, владата води анти-ЕУ и анти-американска политика, ја води Македонија кон целосна изолација. Паника е голема. САД носат специјален Закон за Западен Балкан насочен директно кон борбата против криминалот и корупцијата и ова се само први чекори што ги гледаме. Следуваат и црни листи, се најавуваат и можни санкции. СДСМ ќе продолжи да ја разоткрива оваа агенда, бидејќи наши стратешки пријатели се САД а местото на Македонија е во НАТО и ЕУ“, рече Фрчкоски.
Македонија
„За почиста Македонија“ со петиција до Владата: казни и за фрлање отпад од автомобилите преку „Сејф сити“
Организацијата „За почиста Македонија“ собра 1.000 потписи за петицијата со која се бара системот за сообраќајни прекршоци „Сејф сити“ да биде унапреден и да детектира и фрлање отпадоци и отпушоци од цигари од возилата.
Како што информираат од организацијата преку објава на социјалните мрежи, петицијата била лично доставена до Владата и до Министерство за внатрешни работи. Од „За почиста Македонија“ наведуваат дека очекуваат одговор.
Во текстот на петицијата се посочува дека системот „Safe City“ веќе функционира во тест фаза и преку видео надзор издава опомени за сообраќајни прекршоци, поради што, според иницијаторите, постои реална можност истиот да се надгради и за други области од јавен интерес.
Како проблем се наведува фрлањето отпад, особено отпушоци и ситен отпад од возила во движење, што, според петицијата, има последици врз животната средина и јавната безбедност. Во образложението се истакнува дека отпушоците се најчестиот вид отпад по улиците и покрај патиштата, дека содржат токсични материи и дека нивното разградување трае и до 10 години.
Во петицијата се укажува и на ризикот од пожари, наведувајќи дека фрлањето отпушоци од возила може да биде еден од причинителите на шумските пожари во државата. Дополнително, се посочува дека ваквото однесување го нарушува јавниот ред и остава негативна слика за државата.
Според иницијаторите, камерите на „Safe City“ веќе препознаваат различни сообраќајни прекршоци, па системот може да се надгради со алгоритам за детекција на фрлање предмети од возило, практика која, како што наведуваат, веќе постои во повеќе европски земји и градови.
Со петицијата се бара МВР и Владата да воведат автоматска детекција и казнување на фрлање отпушоци и отпад од возила како дел од проектот „Safe City“, со цел намалување на загадувањето, зголемување на јавната безбедност и подигање на еколошката свест.
„Истражувањата покажуваат дека кога прекршоците се санкционираат автоматски, граѓаните брзо ги менуваат навиките“, се додава.
Ова е мала промена во системот, но како што се наведува, се очекува да донесе огромни придобивки за животната средина, јавната безбедност и развојот на современо, одговорно општество.
Фото: depositphotos
Македонија
Фирма фатена на дело – нелегално вршела поштенски услуги и криумчарела пратки, Царинската управа поднесе кривична пријава против две лица
Царински инспектори од Одделението за истраги, во координирана акција со МВР, УЈП, Агенцијата за пошти и Државниот пазарен инспекторат, извршија претрес на фирма која нелегално вршела меѓународни поштенски услуги и криумчарела стока. Во моментот на претресот беа пронајдени вкупно 166 поштенски пратки со разновидна стока, со вкупна вредност од речиси 240 илјади денари. Пронајдената криумчарена стока е запленета, а од страна на инспекторите е поднесена кривична пријава против едно правно и едно физичко лице за сторено кривично дело прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, извести Царинската управа.
Конкретно, фирмата вршела меѓународни поштенски услуги без соодветна лиценца, при што поштенските пратки ги внесувала со возила преку граничен премин, без да ги пријави кај царинските органи. Пратките потоа нелегално ги складирала во магацин во нејзина сопственост, со намера оттаму да ги транспортира до нарачателите, за што би наплатувала паричен надомест.
Царинската управа и понатаму ќе продолжи со засилени контроли и координирани активности со цел откривање и спречување на сите облици на криумчарење и незаконско работење, заштита на државните финансиски интереси и обезбедување услови за фер конкуренција, се наведува во соопштението на Царинската управа.

