Економија
Обезбедени три милиона евра за поддршка на туризмот

Владата ја усвои Програмата за туристичка промоција на Македонија и поддршка на туризмот за 2013 година, а за тоа се обезбедени 2,5 милиони евра, што претставува двојно зголемување на средствата од тие потрошени годинава.
„Очекуваме зголемениот обем на средства да овозможи и нов зголемен обем на туристи и девизен прилив. Целта на програмата е туристичка промоција на Македонија на таргетирани пазари, етаблирање на Македонија како туристичка дестинација во светот, субвенционирање на тур операторите кои носат странски туристи, отворање на нови и засилување на брендот на веќе постоечките пазари“, рече портпаролот на Влада, Александар Ѓорѓиев, на прес-конференција.
Појасни дека активностите за промоција на Македонија, од географски аспект, се распоредени во три круга и тоа активности насочени кон анимација на Балкан, потоа Европа и останатите земји.
Најголемиот број туристи доаѓаат во Македонија од нашите соседни земји плус Словенија, Хрватска, Босна, Црна Гора, Романија и Турција, па затоа ќе се лобира кај нивните тур оператори и кон граѓаните, со фокус на летен и зимски туризам.
„Втор целен круг е Европа, односно сите земји од континентот плус Русија и Украина. Во вториот круг земји посебен фокус ќе има кон оние земји од каде што постојат директни авионски или чартер линии кон Македонија“, рече Ѓорѓиев.
За останатите земји, фокусот е на земјите кои имаат авионски линии кон Македонија или пак интерес за отворање сезонски летови кон Македонија.
Ќе се обрне внимание и на транзитните патници, за кои ќе се направат активности за зголемување на нивната свесност за престој во Македонија како транзитна дестинација при патувањата во Грција во време на лето, и кон Србија и Бугарија во зимскиот туризам.
Како нов модалитет во туризмот е проектот за самовработување во туризмот, кој опфаќа финансирање на отворање на нови бизниси со средства кои ќе ги дава државата под поволни услови, а преку посебни програми на министерствата ќе се ангажираат уште дополнителни околу половина милион евра.
„Со нив ќе се стимулира развој на алтернативен туризам, вински, селски, културен и спортски туризам, како и развој на нови содржини и поврзување на туризмот со дополнителните туристички содржини, прошетки до други градови, разгледување на верски објекти, спортски содржини итн“, рече Ѓорѓиев.
За финансирањето на субвенции за привлекување на странски гости Владата одлучи Агенцијата да го зголеми износот да е повисок од актуелните 800.000 евра.
Минатата година од девизен прилив од туризмот се влезени 171 милион евра. Секој странски турист трошел по просечни 523 евра, од кои околу 100 евра за аранжман за ноќевање и околу 420 евра за дополнителни трошоци.
За 2013 година, со обезбедените околу три милиони евра за поддршка на туризмот, односно 2,5 милиони евра преку Агенцијата за туризам и половина милион евра преку специфично финансирање преку министерствата, проектираниот девизен прилив, со новообезбедените средства, се очекува да изнесува над 200 милиони евра./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Две милијарди евра инвестиции во железничкиот сообраќај, брза пруга Табановце-Гевгелија

Се надзираат контурите за почеток на најголемиот инфраструктурен проект во регионот. Формирање на координативното тело во вторник и започнување на постапка за обезбедување на финансиски средства за реализација на проектот брза пруга, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Проектот брза пруга Табановце-Гевгелија ќе чини од 1,7 до 2 милијарди евра и ќе биде најголем поединечен проект во Македонија.
Новата брза пруга ќе биде со нови возови, локомотиви и целосно модернизирана и реконструирани железнички станица во Скопје и реконструирани станици низ Македонија.
Со брзата пруга предвидено е патнички сообраќај да биде до 160 км на час, а товарниот сообраќај до 120 км на час. Граѓаните ќе можат да патуваат за час и пол до Солун, 4 до 5 часа до Виена.
Со поддршка и следење на британските и европските стандарди овој проект е од големо значење и ќе ја подобри безбедноста во железничкиот сообраќај.
Брз и ефикасен железнички сообраќај од граница на Србија до граница на Грција. Делницата Табановце – Гевгелија ќе се скрати од 235 км што е моментално, влез излез од државата, се планира да биде 200 и под 200 км. Целта е да имаме брза пруга и брз транспорт.
Македонија конечно ќе почне да ја користи добрата местоположба и ќе се впише на мапата на карго Европа. Карго транспортот се предвидува да донесе од 100 – 120 милиони годишен приход од товарниот сообраќај.
Со развојот на железничката и патната инфраструктура се создаваат можности за поврзување, за подобар и поквалитетен живот на граѓаните“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Kланот Заеви и Филипче преку шема на фирми препродавале јаглен на ЕСМ трипати поскапо и профитирале

Во време на ковид пандемија и енергетска криза Заев и Филипче се богателе врз грбот на граѓаните кои плаќаа драстично повисоки сметки за струја, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче трет ден молчи за испумпувањето на десетици милиони евра од ЕСМ од страна на Вице Заев и фирми кои водат лично до него.
Вице Заев, Зоран Заев и Венко Филипче се директно виновни што струјата во нивно време се покачи за над 50%.
Фирми блиски до Заев и Филипче препродавале јаглен на ЕСМ за три пати поскапо од набавеното.
Зоран Заев, Вице Заев и Венко Филипче, за да можат да се богатат врз грбот на граѓаните креирале мрежа на фирми и посредници за ископ, транспорт и продажба на јаглен од Грција на ЕСМ.
Грчкиот јаглен горел во Македонија а профитот завршил кај Вице Заев во Бугарија.
Јагленот кој од Грција се продавал кон мрежата на фирми за 30 евра бил препродаван во Македонија на ЕСМ по цена и до 82.5 евра.
Додека кланот Заеви продавале скап јаглен на ЕСМ, Филипче уживал во придобивките на милионските бизниси.
Одговорност за овој милионски скандал мора да има, а ЈО да отвори истрага“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
Повеќе од половина од самовработените во ЕУ работат и по пензионирање

Во Европската унија, 56,4 отсто од самовработените лица во текот на 2023 година продолжиле да работат дури и по добивањето на првата пензија, објави денеска Евростат.
Канцеларијата на ЕУ задолжена за статистика наведува дека меѓу земјите-членки на Европската унија, процентот на самовработени пензионери кои продолжиле да работат или повторно се вклучиле на пазарот на трудот бил највисок во Шведска (98,4 отсто), Финска (88) и Ирска (87,7).
Од друга страна, најниско учество имало во Шпанија (18,2 отсто), Грција (20,3) и Словенија (40,4).
Повеќе од половина (57 отсто) од вработените пензионери во ЕУ работеле со скратено работно време.
Оваа стапка е значително повисока отколку кај вработените кои не се пензионери (16,2 отсто).